Преземено од Минерал МК, специјализирано списание за рударството во Македонија.
Христијан Ивановски е рударски инженер и менаџер за производство и флотација во БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип, компанија која управува со рудниците Злетово и Тораница, односно две од клучните подземни оловно цинкови операции во Македонија. Неговата позиција го става во центарот на прашањата кои денес ја определуваат иднината на подземното рударство: како зрелите рудници се модернизираат, како се продолжува нивниот животен век преку нови истражувања и подобро искористување на ресурсите и како инвестициите во механизација, технологија и безбедност се претвораат во поефикасни и постабилни операции. Во годината кога Булмак одбележува една деценија од повторното активирање на Злетово и Тораница, разговорот со Ивановски отвора поширока тема како традиционалните рударски операции се подготвуваат за следната фаза на развој во услови на нови технолошки, ресурсни и пазарни барања.
1. Во 2026 година се навршува една деценија од повторното активирање на Злетово и Тораница под Булмак 2016. Ако се спореди почетокот со денес, што е најголемата промена која што е направена во овие два рудника начинот на работа, производството, технологијата или организацијата?
Најголемата промена би ја опишал како премин од повторно активирање на рудниците кон нивно систематско развивање. На почетокот приоритет беше да се обноват условите за работа, да се оспособи инфраструктурата и повторно да се воспостави производствениот процес. Во изминатите десет години инвестиравме над 45 милиони евра во најсовремена механизација и опрема и преминавме од класично кон високо технолошко и апсолутно безбедно рударство. Денес, клучното прашање е како да обезбедиме континуитет и како секоја следна инвестиција да придонесе за долгорочна стабилност на компанијата
Од моја перспектива, производството, технологијата и организацијата се неразделни алки. Современата механизација и опрема ја добиваат својата вистинска вредност само кога имамe навремено подготвено работилиште, високо обучен оператор, квалитетно превентивно одржување и добро организиран транспорт.
Токму затоа, најголемиот успех и промена ги гледам во успешното поврзување на сите овие елементи во еден функционален производствен систем. За мене, успехот никогаш не се мерел само во ископани тони руда; тој се мери со тоа колку безбедно работиме, колку прецизно го контролираме квалитетот и колку сериозно ја подготвуваме основата за производството во наредните години.
2. Злетово и Тораница се две подземни операции со различни геолошки и производствени карактеристики. Каде денес го гледате најголемиот потенцијал за понатамошен развој на секој од двата рудника?
Секој од двата рудника бара специфичен пристап што одговара на неговите геолошки услови, просторна инфраструктура и начин на експлоатација. Поради тие суштински разлики, исто технолошко решение не може едноставно да се преслика од едниот во другиот рудник.
Кај Злетово, потенцијалот го гледам во поврзувањето на долгогодишното рударско искуство со дополнителни геолошки истражувања и попрецизно планирање на експлоатацијата. Особено е важно да се следи продолжувањето на рудните структури и да се избираат методи што овозможуваат добро искористување на рудата, со што помало разредување при откопувањето.
Кај Тораница, развојната можност ја гледам во навременото отворање и подготовка на рудните зони, усогласено со капацитетите за откопување, транспорт и преработка. Поголем производствен капацитет дава резултат само ако сите делови од процесот можат да го следат.
На крајот, за двата рудника, најважниот предизвик е теоретскиот геолошки потенцијал постојано да го претвораме во реално истражени резерви, навреме подготвени работилишта и економски оправдано производство.
3. Во изминатата деценија значително се инвестираше во механизација, опрема и услови за работа. Кои инвестиции или технолошки решенија донесоа најголема промена под земја и каков ефект имаа врз продуктивноста, безбедноста и стабилноста на производството?
Клучната разлика под земја ја направивме со воведувањето на современи електро-хидраулични бушачки гарнитури и најнова дизел и електрична утоварна механизација. Заменивме огромен дел од старата опрема со нови и софистицирани машини. Ова директно го намали физичкиот товар врз рударите и драстично ја зголеми продуктивноста и нивната заштита при работа, тргајќи го човекот од директно изложените опасни зони.
Од производствен аспект, најголемо значење има тоа што овие вложувања го подобрија целиот работен циклус: изработката на подземните простории, дупчењето, откопувањето, товарањето и подземниот транспорт. Ефектот врз продуктивноста не доаѓа само од тоа што една машина работи побрзо, туку од помалото чекање меѓу операциите, поголемата расположливост на опремата и навремената подготовка на следните работилишта. Во подземното рударство сè е поврзано – еден застој во транспортот може да го ограничи резултатот на целата смена.
Затоа, инвестициите ги оценувам според нивниот практичен придонес за целиот систем на работа. За мене како инженер, стабилноста на производството и контролата на трошоците по тон руда се исклучително важни, но тие имаат вистинска вредност само кога секој рудар по завршувањето на смената ќе се врати безбедно дома. Модерната опрема е нашиот главен адут во таа мисија.

4. Злетово е рудник со речиси еден век рударска историја, а Тораница има поинаква развојна динамика. Колку иднината на Злетово и Тораница зависи од новите геолошки истражувања и отворањето нови рудни зони, а колку од подоброто искористување на постојните ресурси?
Овие две насоки мора да се развиваат паралелно бидејќи се апсолутно поврзани. Континуираните геолошки истражувања се крвотокот на рударството што го продолжува животниот век на рудниците преку откривање нови зони и обезбедување основа за долгорочно планирање. Од друга страна, подоброто искористување на постојните ресурси ја гарантира ефикасноста и економската одржливост на производството денес.
Како менаџер за производство, сметам дека само утврдените резерви во рудниците не се доволни. До нив треба навреме да се пристапи преку инвестициони капитални работи и изработка на подземни простории. Истовремено, постојните ресурси под земја мора да ги искористиме максимално – преку попрецизно геолошко следење, правилен избор на откопна метода и строга контрола на разредувањето.
Но, приказната не завршува во јамата. Модерното рударство наложува императив да бидеме ефикасни и во преработката. Затоа постојано инвестираме во обнова на опремата во погоните за дробење, мелење и филтрирање во самите флотации. Намалувањето на загубите на метал во јаловината, контролата на влагата и постигнувањето на висок квалитет на концентратот се подеднакво важни колку и пронаоѓањето на нови рудни жици. Долгата историја на Злетово е огромна предност во знаење и искуство, но иднината на двата рудника мора да ја темелиме на проверени геолошки податоци, навремени развојни вложувања и максимално ресурсна ефикасност.
5. Европската минерална индустрија сè повеќе се движи кон поголема ресурсна ефикасност, дигитализација и сигурност на снабдувањето. Каде гледате најголема можност македонските подземни рудници да направат вистински технолошки и оперативен исчекор во следните пет до десет години?
Најголемата можност ја гледам во подоброто поврзување на геологијата, производството, одржувањето и преработката преку точни податоци во реално време. Технолошкиот исчекор во следните пет до десет години мора да биде имплементацијата на дигитални геолошки и производствени модели, софтверско планирање и следење на работата на машините. Дигитализацијата има смисла кога ни помага навреме да спречиме дефект, подобро да ја организираме смената или да го усогласиме ископот со потребите на флотацијата. Секако, огромен простор има и во ресурсната и енергетската ефикасност – преку поефикасна вентилација, паметно управување со водите и одговорно третирање на јаловината, со што директно ја зголемуваме нашата еколошка одржливост.
Меѓутоа, како менаџер морам да нагласам дека секој технолошки исчекор примарно зависи од луѓето. Машините и софтверите сами по себе не се доволни ако немаме кој да управува со нив. Тука се соочуваме со голем предизвик каде што државата мора проактивно да се вклучи. Институциите треба да креираат силна стратегија за модернизирање на образовниот систем, со цел да им се доближи на младите фактот дека модерното рударство повеќе не е мануелна работа со копач.
Денес, модерното рударството е управување со дигитални контролни табли, автоматизирана механизација, мониторинг системи и чисти технологии. Преку обука на операторите, развој на инженерскиот кадар и привлекување млади таленти во едно вакво 'дигитално рударство', македонските рудници ќе можат да направат вистински исчекор. Нашата цел е да изградиме производствен систем кој е безбеден, предвидлив и целосно способен да одговори на европските барања за сигурно снабдување со критични суровини.



