Проектот Волсберг Литиум во Австрија претставува една од најважните алки во европската рударска ренесанса. Лоциран во планинскиот венец Коралпе во сојузната покраина Корушка, на околу 270 километри југозападно од Виена, овој рудник се подготвува да биде првиот оперативен извор на батериски литиум на територијата на Европската Унија.
Иако денес се смета за технолошки проект на иднината, Волфсберг има долга рударска историја која започнува во минатиот век. Во 1981 година Владата на Австрија прво го започнува проектот но во 1988 година привремено се конзервира наоѓалиштето бидејќи пазарот за литиум тогаш практично не постоеше.
Проектот подоцна преоѓа во рацете на австралиската компанија Јуропиан Литиум, а кон крајот на октомври 2026 година, со цел да се обезбеди масивен капитал, проектот преку спојување премина под контрола на американската корпорација Критикал Металс Корп.
Подземен концепт без штета по околината
Австриските еколошки закони се меѓу најстрогите во светот, па затоа Волфсберг е дизајниран како пример за т.н. „зелено рударство“.
Рудникот ќе биде целосно подземен. Сè што се случува под земја нема да има влијание врз локалниот алпски пејзаж. На површината, капацитетите (магацини и преработувачки погон) ќе зафаќаат исклучително мала површина од под 10 хектари.
Неодамна, владата на покраината Корушка издаде декрет со кој се потврдува дека за проектот не е потребна комплетна Студија за влијание врз живолната средина. Оваа одлука беше донесена по детален експертски ревизорски преглед, бидејќи подземниот метод на ископ и малата површинска зафатнина не претставуваат ризик за екосистемот.
За да се минимизираат емисиите во подножјето на планината, во внатрешноста на рудникот ќе се користи исклучиво електрична рударска механизација на батерии, наместо дизел машини.
Празниот простор што ќе остане по ископот на рудата веднаш ќе се пополнува со специјална смеса од цемент и отпадна карпа, што спречува какво било слегнување на земјиштето или деформација на планината.
Кога почнува и што ќе произведува?
Проектот се наоѓа во фаза на финални пазарни и оперативни подготовки. Потврдените резерви во првата зона изнесуваат 12,9 милиони тони руда (сооднос од 1% чист литиум оксид), што гарантира минумум 15 до 20 години активна експлоатација. Се очекува рудникот да процесира околу 800.000 тони руда годишно.
На самата локација рудата ќе се дроби и ласерски ќе се сортира, по што концентрат со висок квалитет ќе се испраќа до хидрометалуршка рафинерија лоцирана близу автопатот А2. Таму ќе се произведуваат во просек по 8.800 тони годишно литиум хидроксид со батериски квалитет, подготвен директно за вградување во батерии за електрични возила.
Со веќе обезбедена близина до патната и железничката мрежа и директен купувач во лицето на БМВ Груп, Волфсберг ќе биде клучниот тест дали Европа може одговорно и еколошки да ги експлоатира сопствените ресурси.


