Глобалниот пазар на алуминиум минува низ една од најтурбулентните фази во последните три и пол децении. Остриот пад на залихите на Лондонската берза за метали, геополитичките нарушувања и ограничените капацитети за топење доведоа до рекорден ценовен притисок за итна испорака на овој клучен индустриски метал.
Историски скок на премијата за итна испорака
На Лондонската берза за метали (LME) е забележана рекордна разлика помеѓу цената за итна испорака (cash) и тримесечните фјучерс-договори, која достигна 176,80 долари за метрички тон. Оваа пазарна состојба, во берзанската терминологија позната како backwardation (кога купувачите плаќаат значително повеќе за да го добијат металот веднаш отколку во иднина), е на највисоко ниво од ноември 1990 година.
Аналитичарите посочуваат дека една од клучните причини за ваквата паника за физички метал се преполовените залихи. Од почетокот на годината, залихите во магацините на LME се намалија за повеќе од 50 проценти, паѓајќи на околу 226.350 тони.
Истовремено, достапните залихи на берзата речиси целосно се состојат од алуминиум со руско потекло. Бидејќи голем број западни купувачи го избегнуваат овој метал поради санкции и пазарни ограничувања, реалната количина на достапен алуминиум за западната индустрија е критично ниска.
На тоа се надоврзува дека еден поединечен пазарен субјект држи помеѓу 30% и 39% од достапните гаранции на LME, што создава силен притисок врз трговците со кратки позиции кои мораат итно да ги затворат или префрлат своите договори.
Глобален недостиг на алуминиум?
Светскиот пазар на примарен алуминиум се наоѓа во значителен структурен дефицит. Според проценките на водечките аналитички куќи како Вуд Мекензи, ИНГ и КРУ, глобалниот недостиг на алуминиум во текот на годината се проценува помеѓу 700.000 и 1,4 милиони метрички тони, при што во одредени периоди од годината стравувањата достигнуваа и над 2 милиони тони.
Главна причина за овој дефицит е о строгото еколошко и енергетско ограничување кое го воведе Кина на максималниот капацитет за производство на примарен алуминиум на 45 милиони тони годишно. Бидејќи Кина веќе го достигна овој плафон, таа повеќе не може да го преплавува светскиот пазар со евтин метал како во минатото.
Конфликтите и нарушувањата на поморските рути (особено околу Ормускиот теснец), како и оштетувањата и прекините во работата на големите топилници во Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Катар, дополнително сериозно ја намалија понудата од Заливот кој е регион кој обезбедува околу 8% од светскиот алуминиум.
Производството на алуминиум е исклучително енергетски интензивно (често се нарекува „цврста електрична енергија“). Високите цени на струјата во Европа затворија околу милион тони капацитети во изминатите години, а денес топилниците ширум светот се натпреваруваат за електрична енергија дури и со дата-центрите за вештачка интелигенција.
Вкупното светско производство на примарен алуминиум инаку изнесува околу 74 милиони метрички тони годишно, а производството е силно концентрирано во неколку држави.
Кина е апсолутен глобален гигант со производство од 44 до 45 милиони тони годишно, што претставува речиси 60% од вкупното светско производство. Ја следат Индија со годишно производство од околу 4,2 милиони тони и Русија со производство од околу 3,9 милиони тони годишно. Канада има производство од 3,3 милиони тони и е позната по производство на „зелен алуминиум“ благодарение на евтината хидроенергија, а петти во светот со капацитет од околу 2,7 милиони тони се Обединети Арапски Емирати. Веднаш зад водечката петорка се наоѓаат Бахреин (1,6 милиони тони), Австралија (1,5 милиони тони), Норвеѓке (најголем европски производител со 1,3 до 1,46 милиони тони), Бразил (1,2 милиони тони) и Малезија (1,1 милион тони).
За добивање на алуминиум инаку е потребна рудата боксит, чии најголеми производители во светот се Гвинеја, Австралија, Кина, Бразил и Индија.
Метал незаменлив за современата индустрија
Алуминиумот е најзастапениот метал во Земјината кора и втор најупотребуван метал во светот веднаш по железото. Неговата уникатна комбинација на мала тежина (трипати полесен од челикот), висока цврстина, отпорност на корозија, одлична електрична спроводливост и можност за 100% рециклирање без губење на квалитетот го прави стратешки критичен материјал за глобалната економија:
Денес современите автомобили користат сè повеќе алуминиум за намалување на тежината и потрошувачката на гориво. Кај електричните возила, алуминиумот е клучен за куќиштата на батериите и шасијата за да се компензира големата тежина на самите батерии.
Дополнително, соларните панели (рамките и конструкциите), ветерните турбини и високонапонските далекуводи масовно користат алуминиум. Поради високите цени на бакарот, енергетскиот сектор сè почесто го заменува бакарот со алуминиум во каблите и преносните мрежи.
Поради издржливоста и лесното обликување, алуминиумот е стандард во модерната архитектура каде е користи од фасади, прозорци и врати, до покривни конструкции и мостови.
Легурите на алуминиум се основа за изработка на трупот и крилата на комерцијалните и воените авиони, како и за вселенските летала.
Лименките за пијалаци, фолиите и фармацевтските пакувања сочинуваат огромен дел од побарувачката, пред сè поради тоа што алуминиумот совршено ги штити производите од светлина и воздух, а лесно се рециклира.
Актуелната криза на Лондонската берза за метали покажува дека глобалниот пазар на алуминиум нема речиси никаков заштитен тампон од залихи. Долгорочната побарувачка поттикната од електрификацијата и зелената транзиција се очекува да продолжи да врши притисок врз рудниците за боксит и топилниците ширум светот.



