Во обид драматично да ја прекине децениската зависност од Кина и да го стави под директна контрола развојот на стратешките рударски капацитети, Европскиот парламент изгласа формирање на „Европски центар за критични суровини“. Ова ново, супер-регулаторно тело ќе претставува финансиско и логистичко јадро на европската индустрија, со овластувања кои директно ќе влијаат врз иднината на рударскиот сектор низ целиот континент.
Формирањето на ова тело доаѓа како директен одговор на целите зацртани во Актот за критични суровини (CRMA). Со новиот механизам, Брисел веќе не сака да биде само набљудувач на пазарот, туку активен инвеститор и менаџер со ресурсите.
Директен „канал“ за милијарди евра
Главната функција на Европскиот центар ќе биде брзото и таргетирано „канализирање“ на јавните и приватните фондови. Досега, рударските проекти во Европа со години чекаа одобрување за грантови и субвенции поради сложените бирократски процедури во различните фондови на ЕУ.
Новото регулаторно тело ќе дејствува како филтер на едношалтерско системско ниво. Проектите кои претходно добиле статус на „стратешки“ од страна на Европската комисија, преку овој Центар ќе имаат директна проодност до капитал од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и фондовите за регионален развој. Се проценува дека административното време за одобрување на капитални инвестиции ќе се намали за повеќе од половина.
Заеднички набавки за спречување на пазарни шокови
Еден од најреволуционерните аспекти на овој Центар е воведувањето на заеднички механизми за набавка на суровини. Инспириран од моделот за групна набавка на вакцини и гас, Брисел сега ќе купува критични метали во име на конзорциуми од земјите членки.
Овој систем меѓу другото има за цел заштита на малите претпријатија, односно обезбедување стабилни цени и количини за помалите европски индустриски капацитети кои немаат куповна моќ сами да преговараат на глобалните берзи.
Тоа ќе петставува и пазарен притисок бидејќи користењето на огромната економска моќ на ЕУ како единствен купувач може да обезбеди подобри долгорочни договори со глобалните добавувачи.
Мониторинг на националните резерви и одбранбениот сектор
Центарот ќе има овластување да врши строг мониторинг врз националните стратешки резерви на земјите членки. Секоја држава ќе мора редовно да поднесува извештаи за залихите на бакар, литиум, кобалт, манган и никел.
Ова е од критично значење за европскиот одбранбен сектор, кој во моментов се соочува со сериозен недостиг на специфични метали потребни за зголемување на военото производство. Во случај на прекин на синџирите на снабдување, Центарот ќе има право да наложи итна прераспределба на металите кон клучните индустриски зони во Европа, со цел да се спречи колапс на стратешките фабрики.



