Европскиот иновациски фонд одобри грант во износ до 126 милиони евра за канадската компанија Нио Перформанс Материјалс Инк. (Нио), за реализација на нејзиниот стратешки проект „ГАУС“ во Естонија. Оваа финансиска поддршка има за цел драматично да го намали огромното потпирање на Европа од увоз на критични суровини за зелената транзиција, особено од Кина и Русија.
Вкупната инвестиција во овој обемен индустриски проект се проценува на околу 400 милиони евра, а реализацијата ќе трае меѓу две и три години.
Од сепарација до финални производи
Проектот на „Нио“ опфаќа целосна вертикална интеграција — од преработка на рударски суровини до изработка на високотехнолошки магнети.
Планирано е тројно зголемување на капацитетот за сепарација на лесни и тешки ретки земјени елементи. Овој погон неодамна беше прогласен за „Стратешки проект“ од страна на Европската комисија, согласно новиот Акт за критични суровини.
Со проширувањето, капацитетот на фабриката за постојани магнети во Естонија ќе се зголеми од сегашните 2.000 на 5.000 метрички тони годишно.
Предвидена и имплементација на вештачка интелигенција и т.н. „дигитални близнаци“ за оптимизација на ресурсите и прецизна контрола на квалитетот.
Стратешко значење за европскиот рударски и енергетски сектор
Овој проект е од клучно значење за европската индустриска независност. Дури една третина од планираното производство на магнети ќе биде наменето за потребите на ветерните електрани на море во рамките на ЕУ.
Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Тсахкна, истакна дека оваа одлука на Европската комисија директно придонесува кон прекинување на снабдувањето со суровини од Русија и градење на силен центар на експертиза за ретки земјени елементи во Европа.
Дополнително, се проценува дека со работата на овој интегриран комплекс ќе се спречи емисија на повеќе од 3,4 милиони тони CO2 во првите десет години.
Со долгорочна цел за проширување до 20.000 тони магнети годишно, „Нио“ планира да покрие меѓу 10% и 15% од светскиот пазар на постојани магнети надвор од Кина, позиционирајќи ја Естонија како главен европски рециклирачки и металуршки центар за критични минерали.



