Европа започна амбициозен план за изградба на сопствен синџир на снабдување со ретки земјени минерали, со цел да ја намали критичната зависност од Кина и да спречи потенцијален глобален економски ризик проценет на 1,5 трилиони долари. Во срцето на оваа стратегија се наоѓа нордискиот регион, кој располага со најголемите европски наоѓалишта, изобилство од чиста енергија и докажана рударска експертиза.
Според анализите на Меѓународната агенција за енергетика (IEA), евентуалните прекини во снабдувањето со овие суровини би можеле да предизвикаат огромни штети, особено во автомобилскиот сектор, електрониката и авијацијата. Ретките земјени елементи денес се клучни за производство на електрични возила, трибини за ветерници, дата-центри и воена опрема.
Бидејќи Пекинг веќе ги затегна правилата за извоз и контролира околу 60% од светското рударско производство и над 90% од капацитетите за рафинирање на магнетни ретки земјени елементи, Брисел го активираше Актот за критични суровини. За развој на стратегиските проекти се очекува инвестиција од над 43 милијарди евра, обезбедени преку јавно-приватно партнерство.
За да успее, Европа мора да го примени кинескиот модел, што значи дека покрај отворањето рудници, клучот е во огромната државна поддршка за изградба на преработувачки и рафинериски капацитети.
„Доколку на Западот навистина сакаме да победиме во целиот овој синџир, мора да размислуваме како Кина, а не само за рудниците“, истакнува Елдур Олафсон, извршен директор на компанијата „Амарок“.
Нордиските земји како клучен фактор
Нордиските држави веќе развиваат неколку капитални проекти кои треба да направат стратешка разлика на пазарот.
Шведската државна компанија „ЛКАБ“ веќе врши ископувања во рудникот за железна руда Малмбергет, лоциран длабоко во Арктичкиот Круг. Големата предност е што ретките земјени елементи тука се добиваат како нуспроизвод од профитабилните операции со железо. Компанијата веќе пушти во работа пилот-погон за преработка во градот Лулео. Дополнително, се подготвува и наоѓалиштето Пер Гејер во северна Шведска, кое содржи многу повисоки концентрации на ретки земјени елементи и фосфор.
Локалитетот Фен Карбонит Комплекс во Норвешка се смета за веројатно најголемото наоѓалиште во Европа, со проценети 15,9 милиони метрички тони вкупни оксиди на ретки земјени елементи. Развојната компанија „Рер Ертс Норвеј“ неодамна најави изградба на пилот-преработувачки погон, каде една третина од трошоците се покриени со државни пари. Покрај ова, шведската „ЛКАБ“ е најголем акционер во норвешката рафинерија „РЕЕтек“. Патем, погон за магнети од ретки земјени елементи веќе започна со комерцијално производство во Естонија, во сопственост на компанијата „Нео Перформанс Материјалс“.
Уште еден стратешки столб на нордиската мапа е наоѓалиштето Сокли во Финска, а неговиот развој би можел да чини до 1,5 милијарди евра.
На Гренланд компанијата „Амарок“ води сериозни истражувачки операции на проектот Илуа. Проектот е поддржани од данскиот Државен фонд за извоз и инвестиции, чиј директор Педер Лундквист нагласува дека пазарната економија сама по себе не може да ја донесе оваа промена без учење од кинескиот пример.
Предизвици и геополитички притисок
Досегашниот пазарен модел, кој се потпираше на евтин увоз, ја стави Европа во позиција на екстремна ранливост. Мадалена Барата да Роча, истражувачки аналитичар во бриселскиот тинк-тенк „Бројгел“, предупредува дека Кина веќе покажала оти е „подготвена и способна да го искористи овој синџир на снабдување како економско оружје“. Тензиите дополнително ескалираа откако Пекинг ги ограничи квотите за извоз, како одговор на рестрикциите што ЕУ ги наметна за заштита на своите индустрии. Поради ова, ЕУ сега активно бара потпишување на т.н. offtake договори (договори за однапред договорен откуп) за да им овозможи сигурни приходи на инвеститорите и да ги охрабри приватните фондови.
Европските индустриски гиганти веќе алармираат дека овој чекор е прашање на опстанок, а не на профит. Хенрик Агер, извршен директор на компанијата „Хоганас“, која набавува материјали од Кина, јасно посочува: придобивката за потрошувачите од развојот на овие нордиски рудници нема да бидат поевтини производи во продавниците, туку осигурување на воената одбранбена способност, стабилно снабдување со електрична енергија и зачувување на начинот на патување и живот каков што го знаеме денес.



