ЕУ отвора фонд од 3 милијарди евра за критични суровини – шанса и за македонското рударство

Европската унија во 2026 година влегува во нова фаза од битката за критичните суровини, период во кој Брисел и официјално го започна процесот за намалување на зависноста од трети земји за снабдување со стратешки минерали.Во центарот на оваа промена е „RESourceEU“, акцискиот план на Европската комисија за забрзување на европската стратегија за критични суровини, усвоен во декември 2025 година.Планот служи како директен механизам за спроведување на Европскиот закон за критични суровини (CRMA). Неговата примарна цел е да ги заштити европските индустриски синџири, особено автомобилската, одбранбената и ИТ-индустријата, од геополитички потреси и ценовни шокови предизвикани од доминантни глобални добавувачи, меѓу кои е и Кина.

Главни столбови и алатки на планот

Најновиот развој е поврзан со формирањето на Европски центар за критични суровини. Европската комисија во мај 2026 година започна консултации за неговиот дизајн, со цел Центарот да обезбеди подобри пазарни информации, да помага при финансирањето и намалувањето на ризикот кај стратешките проекти, но и да координира активности поврзани со складирање и заедничко набавување на суровини. Главен акцент во европските економски кругови деновиве е ставен на операционализацијата на новиот Европски центар за критични суровини. Ова ново централно тело треба да функционира како „пазарен штит“ на Унијата. Клучните функции вклучуваат следење на пазарот и рано предупредување за прекини во синџирите на снабдување, воспоставување централизирани стратешки залихи на минерали, забрзување на постапките за издавање дозволи и развој на кружната економија, со што би се намалил „одливот“ на суровини од Европа.

Финансиска конструкција и мобилизација на милијарди

За реализација на планот, Европската комисија најави мобилизирање на 3 милијарди евра во текот на 12 месеци преку различни европски финансиски инструменти. Целта е да се намали ризикот за инвеститорите и да се забрзаат проектите кои можат релативно брзо да обезбедат дополнителни извори на критични суровини, преку неколку комбинирани механизми. Еден од нив се инвестициите на Европската инвестициска банка, која веќе одвојува средства, меѓу кои и 250 милиони евра за екстракција на литиум во Германија, во рамките на проектот „Вулкан“. Истовремено, се врши пренамена на средства преку комбинирање на буџети од Иновацискиот фонд на ЕУ, програмата Battery Booster и Европската одбранбена индустриска програма (EDIP). Овие средства треба да помогнат во намалување на инвестицискиот ризик и привлекување дополнителни десетици милијарди евра приватен капитал во рударски проекти кои тешко обезбедуваат комерцијално финансирање.

Што е веќе реализирано?

„RESourceEU“ не е само финансиска инјекција, туку и значајна промена во европскиот пристап кон критичните суровини. Планот го активираше таканаречениот fast-tracking систем – механизам со кој се скратуваат бирократските процедури за отворање рудници и погони за преработка. Наместо постапките да траат со години, стратешките проекти треба да добијат побрзо одобрување, а земјите-членки имаат обврска да обезбедат една единствена точка за контакт за инвеститорите. Усвоена е и првата листа на стратешки проекти за 2025/2026 година, со која се опфатени проекти во рударството, рециклирањето и преработката. Тие треба да имаат полесен пристап до дозволи и финансиска поддршка.Во април годинава беше лансирана и дигитална платформа за заедничко купување. Преку оваа алатка европските купувачи можат да ги здружуваат своите потреби за ретки земни елементи и литиум, со цел да преговараат за подобри услови и цени со глобалните добавувачи. Воспоставен е и Единствениот центар за минерали – систем кој го следи статусот на истражувањата и ги мапира регионите со најголем потенцијал во соседството, меѓу кои се вбројуваат и македонските наоѓалишта, како бакарниот потенцијал кај Иловица. До крајот на оваа година, Центарот треба целосно да го операционализира координираниот пристап кон стратешките залихи. Со тоа треба да се дефинираат резервите на клучните минерали потребни за спречување на идни нарушувања во снабдувањето со суровини важни за автомобилската и одбранбената индустрија.

Каде е позицијата на Македонија и Западен Балкан?

Планот не е ограничен само на територијата на Европската унија. Брисел нагласува дека развива наменски инвестициски рамки за соседните региони, пред сè за Западен Балкан и Украина. Западен Балкан се смета за важен географски партнер поради близината до европскиот пазар и потенцијалот за снабдување со минерални суровини. Регионот, вклучително и Македонија, каде што бакарот се третира како стратешки ресурс, може да има можност за вклучување во европските стратешки проекти и пристап до финансиски инструменти на ЕУ. Тоа би можело да им овозможи на домашните рударски и преработувачки капацитети полесен пристап до европско финансирање, но и сигурен пласман на европскиот пазар. Сепак, конкуренцијата повеќе нема да биде само во тоа кој има руда, туку и кој може да обезбеди сигурно снабдување, одржливо производство, преработка и исполнување на европските стандарди.