Додека Европската Унија се обидува да ја предводи глобалната „зелена транзиција“ преку масовно производство на електрични возила, соларни панели и батерии, таа се соочува со огромен проблем, нема суровини. Во моментов, Европа е речиси целосно зависна од увоз на клучни метали од Кина, Русија и Африка.
За да го реши овој проблем, Брисел го донесе Актот за критични суровини, со кој бара итно отворање и поддршка на рударски проекти на европско тло. Македонија лежи на огромни, недоволно искористени резерви на бакар и злато што нуди шанса која не треба да се пропушти.
Бакарот: „Новата нафта“ за електричната иднина
Ако нафтата беше клучниот ресурс за 20-тиот век, бакарот е дефинитивно клучот за 21-от век. Ниту едно електрично возило, соларен парк или ветерна турбина не може да функционира без бакар. Едно електрично возило користи до четири пати повеќе бакар од обичен автомобил со бензински мотор.
Македонија има долгогодишна традиција во експлоатација на бакар (преку рудниците Бучим и Боров Дол), но и огромен потенцијал за нови проекти, како што е наоѓалиштето „Иловица-Штука“. Проценките покажуваат дека со правилна и еколошки безбедна експлоатација, земјата може да стане еден од клучните снабдувачи на бакар за европската автомобилска индустрија.
Златото: Економски штит во времиња на криза
Додека бакарот ја движи индустријата, златото ја обезбедува економската стабилност. Во услови на глобална геополитичка неизвесност, цената на златото го достигна своето историски највисоко ниво.
Македонската почва е богата со овој благороден метал. Наоѓалиштата во источниот и југоисточниот дел од земјата содржат милијарди евра вредност во злато и бакар заедно (бидејќи овие два метала најчесто одат во комбинација).
За една мала економија како македонската, активирањето на овие ресурси под строги еколошки правила би значело огромен прилив на странски инвестиции, нови високоплатени работни места и драстично зголемување на бруто-домашниот производ (БДП).
Колкава вредност кријат Штука-Иловица и Плавица
Најголемо наоѓалиште е локалитетот Штука-Иловица. Кога ќе ги земеме официјалните геолошки резерви и ќе се направи пресметка со денешните пазарни вредности на рудното богатство, бројките се фрапантни.
Наоѓалиштето располага си проценети резерви од 900.000 тони бакар и околу 130 тони злато (околу 4,2 милиони унци). Тоа значи дека вкупна бруто вредност на металите само во Иловица е неверојатни околу 28 милијарди евра!
Не помалку значаен е и локалитетот Плавица кој има импресивна рударска историја која се протега со векови наназад, со ископувања на бакар уште од времето на Римското Царство. Податоците од поновите истражувања на површинските и подповршинските слоеви откриваат дека Плавица буквално лежи на злато и бакар - има 1,65 милиони унци злато, 28,2 милиони унци сребро и 14.800 тони бакар. Пресметано, тоа значи дека бруто вредноста на Плавица е 7,5 милијарди евра.
Концесија наспроти Косопственост: Каде се парите на државата?
Во традиционалниот модел, државата зема пари само преку концесиски надоместок (околу 2% од бруто вредноста на продадената суровина. Доколку се примени овој модел, Македонија од Штука-Иловица во текот на целиот век на експлоатација би инкасирала околу 550 милиони евра, а од Плавица – 150 милиони евра.
Но, денес многу земји со силни ресурси повеќе не даваат само концесии. Тие влегуваат како директни косопственици (акционери) во рудниците со удел од 15% до 25%, преку државни инвестициски фондови или претпријатија.
Со ваков модел се доаѓа до многу поголеми бројки бидејќи државата секоја година во државниот буџет би добивала дел од чистата заработка на рудникот.
Истовремено, како косопственик, државата е дел од Управниот одбор каде може да стави вето на секоја одлука што не ги почитува најстрогите еколошки стандарди (како сувото одлагање на јаловина).
Со милијардите евра од рудникот, државата може да изгради автопати, модерни болници, нови училишта и комплетно да ја трансформира домашната енергетика без да зема скапи кредити од странство.
Со паметна политика, косопственост и примена на еколошки чисти технологии, Македонија може да го реши своето економско прашање за следните неколку децении.



