На глобалниот пазар има повеќе од доволно никел, но европската тешка индустрија се соочува со сериозен страв од суровински дефицит. Ова го потврди и најновата интервенција на Европската комисија, која изрази длабока загриженост за планираното кинеско преземање на бразилските капацитети за никел на компанијата Anglo American од страна на групацијата MMG.
Блокирањето или ревидирањето на зделки вредни стотици милиони долари го отвора клучното прашање: Зошто Брисел паничи за никелот кога пазарот е преплавен со оваа суровина?
Одговорот лежи во три клучни зборови: ниска емисија на јаглерод.
Не е важен само никелот, важен е неговиот „јаглероден отпечаток“
Точно е дека Индонезија и другите азиски земји произведуваат рекордни количини никел кои ги уриваат цените на берзите. Но, постои огромна замка – тој никел е „нечист“. Процесот на негово топење во Азија во огромна мера се потпира на електрани на јаглен, што му дава исклучително висок јаглероден отпечаток.
Од друга страна, европските регулативи, предводени од механизмот CBAM (Граници за јаглеродно прилагодување), наметнуваат ригорозни даноци за сите суровини кои се произведени со загадување на околината. Затоа, на европските производители на нерѓосувачки челик не им врши работа кој било никел. Низ нивните погони мора да тече феронкел со ниска емисија на СО2, кој се топи со помош на обновливи извори на енергија (како што е случајот во Бразил).
Кинескиот монопол го стега обрачот околу европскиот челик
Загриженоста на Европската комисија е директно поврзана со геополитичката битка за суровини. Доколку кинеската државна компанија MMG целосно го преземе бразилскиот бизнис со никел, Брисел стравува дека овој дефицитарен „зелен“ феронкел ќе биде пренасочен кон кинеските челичарници, наместо кон Европа.
Доколку Европа го изгуби пристапот до овие ниско-јаглеродни извори, последиците ќе бидат двојни и катастрофални за европската економија:
- Енормен раст на трошоците: Европските фабрики ќе мора да купуваат „скапа енергетска потврда“ или да плаќаат огромни еколошки пенали за да увезат стандарден никел.
- Пад на конкурентноста: Крајните производи (автомобили, градежни машини, бела техника) произведени во Европа ќе станат прескапи во споредба со азиските конкуренти.
Трката за никел веќе не е битка за квантитет, туку за еколошки квалитет. Интервенцијата на Европската комисија е јасен сигнал дека Европа е подготвена жестоко да ги штити своите коридори за снабдување со чисти суровини. Затоа, секој капацитет на европско тло кој може да испорача ниско-јаглероден метал во иднина ќе вреди како злато – под услов да најде начин економски да преживее додека трае енергетската транзиција.
Лекција за Македонија и „ФЕНИ“ (Еуроникел)
Овој глобален развој на настаните дава сосема нова перспектива и за македонскиот комбинат „ФЕНИ“ (Еуроникел) во Кавадарци, кој во моментов е во стечај.
Иако пазарот е преплавен со евтин индонезиски никел, европскиот пазар е очаен за локално, европско производство со низок јаглероден отпечаток. Доколку потенцијалниот нов инвеститор во „ФЕНИ“ успее да го трансформира комбинатот – на пример, преку обезбедување директни договори за „зелена“ струја (од фотоволтаици или хидроцентрали) за гигантските електро-печки – кавадаречката фабрика би можела да стане исклучително атрактивна за европските челичарници токму како „зелен спасител“ во регионот.
Со оглед на бумот кој се случува во Македонија во изградба и барања за изградба на капацитети од обновливи извори на енергија, ова може да стане сосема реална шанса за рестартирање на Фени и повторно враќање на овој капацитет во живот.



