Американската банка за извоз-увоз (US Export-Import Bank) планира да финансира проекти за критични минерали и енергија во Аргентина во вредност до 7 милијарди долари, според документ во кој увид имаше агенцијата „Ројтерс“. Ова е дел од напорите за продлабочување на економската соработка меѓу Вашингтон и Буенос Аирес.
Под водство на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, врските меѓу Вашингтон и Буенос Аирес се продлабочија преку поблиско усогласување на економските политики.
Односите се зајакнати со американската поддршка за пазарно ориентираните реформи на Милеи и со договорот за повластена трговија и инвестиции, објавен во февруари, кој вклучуваше соработка во областа на критичните минерали. Аргентинскиот Конгрес сè уште треба да го ратификува овој билатерален договор.
Големи наоѓалишта на литиум и други суровини
Аргентина располага со големи наоѓалишта на литиум, нафта од шкрилци и други суровини. Американските средства ќе им овозможат на компаниите што работат во оваа јужноамериканска земја да добијат заеми за купување опрема од американски производители, меѓу другото, во текот на следните две години.
Аргентина, Чиле и Боливија го сочинуваат таканаречениот „литиумски триаголник“, каде што се концентрирани најголемите светски резерви на овој бел метал што се користи во електрониката, електричните возила и други клучни технологии.
Меѓу големите компании за суровини што веќе работат во Аргентина се „Рио Тинто“, која експлоатира литиум за употреба во батерии, „БХП“, која развива проект за бакар, и „Шеврон“, која има голем проект за нафта и гас од шкрилци.
Напори за привлекување странски капитал
Владата на Милеи, која се соочува со претседателски избори во 2027 година, промовираше систем на стимулации за големи инвестиции познат како RIGI, како камен-темелник на напорите за привлекување странски капитал во стратешки сектори, вклучувајќи ги енергетиката, рударството и инфраструктурата.
Италијанската компанија „Ени“ и аргентинската државна компанија „YPF“ минатиот месец поднесоа заедничко барање во рамките на RIGI за нивниот проект за течен природен гас вреден 51 милијарда долари. Луис Лусеро, министерот за рударство на Аргентина, претходно оваа година изјави за Ројтерс дека неговата земја би можела до 2036 година годишно да извезува 580.000 тони литиум и 1,6 милиони тони бакар, што би било пет пати повеќе од нивоата во 2025 година.



