Антимонот се враќа во рударскиот фокус: Металот за кој светот повторно се бори

Не е бакар, не е литиум, не е злато, но во новата глобална трка по критични суровини антимонот станува метал со сè поголема стратешка тежина. Ограниченото производство, концентрацијата на снабдувањето и неговата употреба во индустријата, енергетиката и одбраната го претвораат овој досега релативно мал рударски пазар во геополитичко прашање.

Металоидот со сребрено-сива боја долго време беше далеку од вниманието на пошироката јавност. Но промените во глобалните синџири на снабдување, извозните ограничувања и растечката побарувачка за критични суровини го ставија антимонот во групата на материјали за кои големите економии сакаат да обезбедат сопствени или сигурни извори.

Причината е едноставна: понудата е концентрирана, а употребата е поширока отколку што сугерира големината на пазарот.

Зошто токму антимон?

На прв поглед, тешко е да се разбере зошто метал со многу помал пазар од бакарот или алуминиумот може да стане стратешки. Одговорот лежи во неговата примена.

Антимонот се користи во огноотпорни материјали, легури, производство на стакло, електроника, батерии и други индустриски производи. Особено внимание привлекува и неговата употреба во материјали и технологии поврзани со одбранбената индустрија.

Токму комбинацијата на различни примени го прави проблемот со снабдувањето посложен. Овој метал е интересен затоа што ја покажува границата меѓу економијата и националната безбедност. Во мирни услови, антимонот е индустриска суровина. Во услови на геополитички тензии, истиот метал станува дел од стратешките резерви.

Затоа антимонот се најде во фокусот на владите заедно со бакарот, графитот, кобалтот, литиумот и ретките земји.

Но, за разлика од бакарот, кој има огромен и глобално распространет пазар, антимонот е многу помал пазар со многу поконцентрирана понуда. Тоа значи дека нарушувањето на снабдувањето може многу побрзо да се почувствува.

Кина е клучот на глобалното снабдување

Кина и понатаму има доминантна позиција во производството на антимон. Според податоците на американскиот Geological Survey, Кина во 2025 година произвела околу 62.300 тони рударски антимон, односно приближно 59 проценти од светското производство.

Кина има значајна улога и во преработката, што значи дека зависноста од еден центар на снабдување е уште поголема кога ќе се земе предвид целиот синџир – од руда, преку концентрат и рафиниран материјал, до производите што ги користи индустријата.

Извозните ограничувања што Пекинг ги воведе за антимонот дополнително ја променија сликата. Наместо пазарот да функционира само според класичната логика на понуда и побарувачка, снабдувањето со овој метал сè повеќе зависи и од трговската политика и геополитиката.

Тоа е причината поради која САД, Европа, Австралија и други економии бараат алтернативни извори.

Ограничувањето на кинескиот извоз предизвика силен раст на цените и го направи економски поинтересно повторното активирање на некои стари рударски проекти.

Новата битка за извори надвор од Кина

Една од најинтересните последици од растот на значењето на критичните минерали е повторното разгледување на стари рударски локалитети.

Проекти кои пред десет или дваесет години не биле доволно атрактивни поради ниските цени или ограничената побарувачка денес можат повторно да станат интересни.

Таков пример е повторното активирање на рудникот Hillgrove во Австралија и планираното производство на илјадници тони антимон годишно како дел од напорите да се создаде дополнителен извор надвор од кинескиот синџир на снабдување.

И Македонија во фокусот?

И Македонија има своја историја со овој метал – а сега таа историја повторно се отвора. На околу 20 километри од Крива Паланка се наоѓа Крстов Дол, поранешен рудник и флотација во која се преработувала антимонова руда. Локалитетот денес е затворен, но неговото рударско наследство останува важен дел од историјата на овој регион.

Денес Крстов Дол повторно е во фокусот – овојпат не поради своето минато, туку поради растечката стратешка вредност на антимонот. Австралиската компанија Пела Глобал објави дека започнала прва фаза од програмата за дупчење на проектот за рестартирање на Крстов Дол. Планирани се околу 3.000 метри дупчење, како дел од поширока програма за потврдување на ресурсот и изработка на проценка на минералните ресурси според JORC стандардот.

Во исто време, проектот доби и меѓународна димензија. Во 2026 година беше објавена финансиска поддршка од 5 милиони долари од американската DFC за истражување на критични минерали во Македонија, поврзано со проектот на Пела Глобал.

Така, локалитетот кај Крива Паланка станува дел од многу пошироката геополитичка приказна.