Индонезискиот центар за никел ќе го намали производството поради сушата предизвикана од „Ел Нињо“

Топилниците во еден од главните индонезиски центри за преработка на никел ќе бидат принудени да го намалат производството бидејќи сушата предизвикана од временскиот феномен „Ел Нињо“ ги намалува залихите на вода што се користат за ладење и заштита на опремата, според извори запознаени со ситуацијата.

Можен скок на цените

Индустрискиот парк „Моровали“ во Индонезија, огромен комплекс од погони на островот Сулавеси, за време на викендот ги известил компаниите дека мора да го намалат производството на никел сурово железо, суровина што се користи за производство на нерѓосувачки челик поради недостигот на вода, пренесуваат странските медиуми.

Количината опфатена со намалувањето би можела да изнесува околу 100.000 тони. Оваа бројка се споредува со инсталиран годишен капацитет од околу 4,2 милиони тони, односно 350.000 тони месечно, според проценките на компанијата „Вуд Мекензи. Намалувањето би можело да помогне да се запре падот на цените на никелот, кои на Лондонската берза за метали се намалија за околу 18% во однос на највисокото ниво достигнато на почетокот на мај.

Влијание врз глобалната економија

Индонезија е најголемиот светски производител на никел, метал што се користи и во батериите за електрични возила и учествува со повеќе од половина во глобалното производство, при што голем дел од него се преработува во индустриски паркови како „Моровали“. IMIP, чиј мнозински сопственик е кинескиот гигант за никел „Цингшан Холдинг Груп“ кој е домаќин на многу други компании, претходно овој месец предупреди дека производството би можело да се намали за 30% до 40% доколку не се подобри состојбата со водата.

Проблемите во „Моровали“ покажуваат како засилувањето на временскиот феномен „Ел Нињо“ влијае врз глобалната економија. Индонезија веќе се соочува со шумски пожари и густ чад, кој се прошири и во други делови на Југоисточна Азија, како последица на невообичаено сувото време што овој феномен го носи во земјата.