Глобалната трка за критични суровини го претвора антимонот во еден од најскапите и најбараните метали во воената и соларната индустрија. Новите технологии овозможуваат при ископот на овој редок метал, да се елиминиаат сите опасности кои беа присутни при поранешното класично рударење, со оглед на токсичноста на антмонот.
Новите методи стануваат глобален индустриски стандард, особено во земјите со строги еколошки правила како Австралија, САД и Канада. За вакви критични метали, денес е речиси невозможно да се добие дозвола на Западот доколку не се применат технологии како суво складирање и подземно јамско рударење.
Крај за површинските копови
Првиот и најважен чекор кон еколошки прифатливо рударење на антимон е дефинитивниот отказ на традиционалните површински копови и примена на подземно ископување (рудници со јами). Глобално, антимонот најчесто се наоѓа во тесни, стрмни и длабоки подземни жили. Поради оваа геолошка специфичност, подземното рударство (јами и тунели) е примарен метод за ископување антимон ширум светот.
За разлика од површинските копови кои целосно го менуваат релјефот, уништуваат илјадници хектари шуми и создаваат огромни облаци од прашина, подземното рударење го оставува површинскиот екосистем недопрен. Модерната технологија користи т.н. Cut-and-Fill метод со паста. Како што механизацијата напредува низ подземните тунели и ја вади рудата, празните простори веднаш се пополнуваат со специјална смеса од цемент и стерилна карпа. Оваа паста спречува какво било слегнување или уривање на земјиштето над рудникот, а воедно решава еден од најголемите проблеми во рударството: дури 60% од отпадот воопшто не излегува на површината, туку останува безбедно заробен под земја.
Скротување на киселата рудничка дренажа
Во природата, антимонот главно доаѓа како сулфиден минерал (стибнит). Кога овие карпи ќе се ископаат и ќе дојдат во контакт со кислород и дождовница, се случува опасна хемиска реакција која создава сулфурна киселина. Оваа појава, позната како кисела рудничка дренажа, делува како растворувач кој ги измива антимонот и арсенот во локалните водотеци.
Денес, зеленото рударство нуди две револуционерни решенија за овој проблем:
- Биохидрометалургија (Бактерии наместо хемикалии)
Наместо агресивни киселини или топење на високи температури кои го загадуваат воздухот, модерните капацитети користат специјално одгледани природни бактерии. Овие микроорганизми ја јадат сулфидната рудата, овозможувајќи антимонот да се одвои по природен пат, додека токсичните нуспроизводи се стабилизираат во безопасна, цврста форма.
- Паметна неутрализација во затворени системи
Рудничките води повеќе не смеат да завршат во реките. Новите технолошки капацитети работат на принципот на 100% затворен циклус. Отпадната вода се носи во автоматизирани постројки каде со помош на вар и напредни мембрански филтри (реверзна осмоза) целосно се неутрализира и се чисти од тешки метали, по што одново се враќа во процесот на производство.
- Ера на Суво складирање
Сликите од огромни езера полни со течен токсичен кал и несигурни земјени брани кои се закануваат да попуштат при секој посилен земјотрес или поплава, полека заминуваат во историјата. За ископувањето на антимон, стандардот на XXI век налага примена на технологијата за суво складирање.
По процесот на мелење и флотација (со кој се прави финиот прашкаст концентрат наменет за извоз на финална преработка), преостанатиот влажен отпад се провлекува низ моќни преси со висок притисок. Водата целосно се исцедува, а отпадот се претвора во сува, збиена земјена маса со конзистенција на песок. Овој материјал потоа се депонира во слоеви, се набива со валјаци и веднаш се рекултивира во чекор со ископувањето, се покрива со хумус и се пошумува со специфична вегетација која ги врзува преостанатите метални честички. Без течна вода, ризикот од пробивање на браната или протекување во подземните води е рамен на нула.
Вештачка интелигенција и дигитален штит за граѓаните
Модерното еколошко рударство е незамисливо без дигитализација. Со помош на сателитско мапирање и вештачка интелигенција (ВИ), денес се врши прецизно таргетирање на рудните жили под земја, со што се избегнува непотребно раскопување и деградација на околниот терен.
Она што е клучно за јавноста е воведувањето на дигитален еколошки штит. Околу рударските комплекси се поставуваат мрежи од паметни сензори кои во реално време (24/7) го мерат квалитетот на воздухот, присуството на прашина и хемискиот состав на околните извори и потоци. Овие податоци се испраќаат директно на јавно достапни веб-платформи, овозможувајќи им на локалните граѓани и независните инспектори во секоја секунда да го контролираат еколошкиот отпечаток на рудникот.
Примена на „зелените“ методи на терен
Најсвеж пример за примена на новите технологии е Австралија, каде што неодамна се рестартираше големиот рудник за антимон Хилгров. Поради строгите австралиски закони за заштита на водите, традиционалните „течни езера“ со токсичен кал се забранети, па отпадот се пресува и се депонира исклучиво во сува форма.
Рудникот го елиминираше ризикот од еколошки катастрофи предизвикани од рударски отпад со примена на технологија за суво филтрирање наместо традиционални течни јаловишта. Овој метод овозможува 100% затворен воден круг и овозможува реобработка на историскиот отпад во нов извор на профит и трајна санација на теренот.
Во минатото, додека рудникот работеше интензивно (особено во периодот до неговото затворање во 2016 година поради ниските цени на антимонот), претходните оператори користеа класични традиционални јаловишта со течен кал и класични брани. Кога новата компанија Ларвото Ресурсис го презеде рудникот и го подготви неговото официјално рестартирање, тие се соочија со сериозен проблем: локацијата на старите течни јаловишта претставуваше огромен еколошки ризик за околните заедници и забавување во добивањето на нови дозволи.
Поради тоа, во почетокот на 2025 година, менаџментот донесе радикална одлука целосно да го смени проектот. Го отфрлија старото решение за изградба на нов течен базен со 5 километри цевковод. Инвестираа во најсовремен италијански филтер-преси со кои за првпат во историјата на овој рудник отпадот се суши под висок притисок (на под 9% влажност) пред да се складира како цврста маса.
Токму оваа иновација им овозможи не само да ги задоволат најстрогите австралиски закони, туку и да почнат со профитабилно и еколошко рециклирање на стариот течен отпад од минатото.
Најдобар пример за примена на сите овие методи заедно е проектот Stibnite Gold Project во Ајдахо, САД, управуван од Perpetua Resources. Овој рудник во минатото (за време на Втората светска војна) ја загадил околината. Сега, американската влада инвестира стотици милиони долари во него за да добие антимон, но со услов компанијата да користи најмодерни затворени системи за вода, паметни ВИ сензори и со парите од новото ископување целосно да го исчисти историското загадување на локацијата.



