По децении ветувања следната година со европски пари започнува санацијата на јаловиштето во Пробиштип

Една од најголемите и најдолготрајните еколошки жешки точки во Македонија, старото хидројаловиште од рудникот „Злетово“ во Пробиштип, по децении чекање конечно ќе биде санирано и рекултивирано.

Депонијата со токсичен рударски отпад, која со години се наоѓа на листата на акутни еколошки проблеми и претставуваше постојан ризик по здравјето на граѓаните, е ставена на листата на приоритетни („топ-ап“) проекти од Реформската агенда на земјата. Проектот целосно ќе се финансира со средства обезбедени од Европската Унија, со што оваа „еколошка бомба“ трајно ќе се трансформира во нова чиста и зелена зона за градот.

Финансирање преку Планот за раст

За време на официјалната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје во октомври годинава, санацијата на јаловиштето беше официјално таргетирана како приоритетен еколошки проект во рамките на одобрената македонска Реформска агенда и првиот финансиски аванс од 140 милиони евра од Планот за раст на Западен Балкан.

Со ова, финансиската конструкција за спас на Пробиштип е целосно заокружена со европски грантови, растоварувајќи го локалниот и државниот буџет од огромните трошоци кои ги бара ваков тип на комплексна инженерска операција.

Старото јаловиште во Пробиштип настана како директен резултат на децениската експлоатација на олово-цинкова руда од рудникот „Злетово“. Со престанокот на неговото активно користење, на површина од околу 55 хектари останаа милиони тони токсичен рударски отпад и тешки метали, лоцирани во непосредна близина на урбаното јадро на градот.

План за санација

Општина Пробиштип веќе ја има комплетирано и ажурирано целата проектна документација и Студијата за санација и рекултивација (изработена од Градежниот институт Македонија (ГИМ), а направени се и сите потребни измени во Генералниот урбанистички план. Физичките активности и градежната механизација на терен се очекува да започнат во текот на 2027 година.

Техничкиот процес на затворање на депонијата ќе се одвива во неколку клучни фази:

• Одводнување и стабилизација
Првата задача на инженерите ќе биде детално одводнување на просторот на старото рударско езеро за да се стабилизира подлогата.
• Поставување на „штит“ (геомембрана)
Целата површина од 50 хектари ќе биде прекриена со специјална заштитна фолија (геосинтетска глина). Оваа мембрана има улога на херметички штит кој ќе спречи атмосферските води да навлегуваат во токсичниот отпад и да го разнесуваат низ подземните водотеци.
• Хумусирање

Врз заштитната фолија ќе биде нанесен дебел слој на плодна и чиста хумусна земја за да се спречи секакво загадување на околината. Ќе бидат засадени трева и дрвја, а планирани се и дополнителни содржини, со што еколошката бомба ќе се трансформира во нова зелена зона.

Општината најави дека по завршување на техничката санација и зазеленувањето на теренот, ќе спроведе јавна анкета и трибини каде самите граѓани на Пробиштип ќе одлучат како сакаат да се уреди овој нов чист простор. Жителите ќе имаат можност да изберат какви спортско-рекреативни содржини, детски игралишта, шеталишта или велосипедски патеки ќе бидат изградени на локацијата.

Пробиштип ќе стане пример за Балканот

Со реализацијата на овој проект, Пробиштип, а и државата, не само што ќе го решат еден од најголем еколошки проблем во послелниот половина век, туку тој ќе послужи и како пример за целиот регион како едно девастирано индустриско земјиште може успешно да се врати на користење на локалната заедница.

Бидејќи проектот е ставен на листата приоритетни проекти од Реформската агенда, финансирањето и динамиката ќе подлежат на строг мониторинг од страна на Европската комисија. Средствата од Планот за раст на Западен Балкан се врзани со конкретни временски рамки до кои реформите и проектите мора да се реализираат, што значи дека проектот ќе мора да се одвива со забрзано темпо

Проектот во Пробиштип се очекува да биде регионален модел за паметна рекултивација на индустриски контаминирани подрачја.