Новите правила на ЕУ за „црната маса“ можат да отворат шанса и за домашната кружна економија

Европската Унија повлекува радикален потег за да го спречи тивкото истекување на своите највредни идни ресурси. Во фокусот на оваа индустриска битка е т.н. „црна маса“, темниот прав кој се добива со дробење и механички третман на старите литиум-јонски батерии и индустрискиот отпад од нивното производство. Иако овој прав изгледа како обичен отпад, тој е вистински рудник на метали со висока концентрација на литиум, никел и кобалт.

Досега, Европа се соочуваше со сериозен парадокс: ги собираше батериите, ги мелеше, а потоа добиената црна маса масовно ја извезуваше во Азија (пред сè во Кина) каде што веќе постојат развиени рафинерии за финална хемиска преработка. Со тоа, европскиот континент свесно ја предаваше својата суровинска независност во рацете на глобалните конкуренти.

Крај на извозните „дупки“

Долго време црната маса се наоѓаше во сива зона, што овозможуваше нејзин лесен транспорт и извоз. Сега, со официјалната одлука на Европската комисија, црната маса е внесена во Европската листа на отпад со посебен код.

Врз основа на новата ЕУ Регулатива за испорака на отпад, од 9 ноември 2026 година стапува на сила целосна забрана за извоз на црна маса во земји кои не се членки на ОЕЦД. Ова автоматски значи дефинитивно запирање на неконтролираниот извоз кон Кина или Малезија. Извозот ќе биде дозволен исклучиво кон ОЕЦД земји, но под строга процедура на претходна согласност и доказ дека капацитетите таму ги исполнуваат високите еколошки стандарди на ЕУ.

Истовремено, од февруари 2027 година, секоја батерија во ЕУ ќе мора да поседува дигитален „Батериски пасош“ кој ќе го следи нејзиниот јаглероден отпечаток и потеклото на материјалите.

Дополнително, ЕУ воведува строги квоти според кои од 2031 година секоја нова батерија ќе мора да содржи минимум 16% рециклиран кобалт, 6% рециклиран литиум и 6% рециклиран никел

Оваа регулаторна „железна завеса“ околу европскиот отпад е огромен сигнал за инвеститорите. Бидејќи суровината веќе со закон мора да остане на континентот, се отвора огромен простор за изградба на домашни хидрометалуршки рафинерии кои ќе ја преработуваат црната маса.

Законодавното затегнување јасно покажува дека во ерата на зелената транзиција, рударството и кружната економија повеќе не се две спротивставени страни, туку два неопходни столба на кои Европа мора да ја гради својата стратешка автономија.

Стратешки проекти“ на ЕУ за „црната маса“

Колку извлекувањето метали од електронскиот отпад станува важно за Европа, најдобро покажува фактот што во рамките на Законот за критични суровини (CRMA), ЕУ веќе има одобрено портфолио од вкупно 106 стратешки проекти, од кои дури 38 се директно фокусирани на батериските материјали (литиум, никел, кобалт, манган и графит). Голем дел од нив се потпираат токму на рециклирање секундарни суровини.

Во оваа група клучна улога играат напредните хидрометалуршки рафинерии на компании како Back to Battery B.V. во Холандија и мега-проектот Полволт во Полска, чија примарна цел е екстракција на чисти метали директно од батериска црна маса. За да ги забрза инвестициите, Брисел донесе и радикална одлука за кратење на бирократијата, па сите стратешки проекти за рециклирање и преработка мора да ги добијат сите еколошки и градежни дозволи во рекорден рок од најмногу 15 месеци, што е чекор кој јасно покажува колку е голема итна потребата на континентот за овие суровини.

Шанса за искористување и намалување на домашниот отпад

Иако Македонија не е членка на ЕУ, овие радикални поместувања на европскиот пазар на метали и батерии може да се рефлектираат врз македонската економија, со оглед на тоа што нашата индустрија е длабоко интегрирана во европските синџири на снабдување.

Ова се однесува, од обврската на компаниите од домашните технолошко–индустриски зони кои работат за европските автомобилски гиганти да се прилагодат на барањата за „Батерискиот пасош“, до промени во рударството каде секој нов проект ќе мора да се води според најстрогите еколошки ЕУ стандарди и со апсолутна транспарентност.

Но, ова може да биде и шанса за домашно примарно собирање и рециклирање.

Иако пазарот на електрични возила кај нас е во зародиш, генерацијата на електронски и батериски отпад од ИТ секторот и апаратите за домаќинство рапидно расте. Во моментов, овој отпад главно се извезува во сурова форма или стои по разни складови, на диви депонии или е расфрлан насекаде низ природата.

Дополнително, со оглед на „бумот“ на фотонапонски централи кај нас и новата обврска за инсталирање батериски системи за складирање, но и фактот дека секојдневно се генерира огромен отпад од модерните апарати за домаќинство и електроника кои содржат литиум-јонски батерии (од паметни правосмукалки и лаптопи до акумулаторски алати), Македонија за 10-15 години ќе има сериозна количина на домашен батериски отпад.

Со инвестиции во современи чисти автоматизирани погони за мелење и сортирање (без хемиско третирање), Македонија може да создаде сопствена „црна маса“ од домашен отпад и да ја извезува во ЕУ по многу повисоки цени. На тој начин ќе се стимулира локалната кружна економија и истовремено ќе се намали количината на ваков отпад во земјата.