Европската комисија деновиве одобри втор голем бран од 46 нови стратешки проекти во рамките на Актот за стратешки суровини. Притоа, Комисијата најави и дека проектите избрани минатата година напредуваат кон оперативна фаза. Досега се завршени оцените на влијанието врз животната средина за 25 стратешки проекти, а 17 добиле градежни дозволи. Официјалните податоци од Брисел покажуваат дека механизмот на Законот за критични суровини (CRMA) веќе дава реални резултати.
За да покаже како функционира оваа „индустриска ренесанса“ во пракса, Европската комисија издвои три клучни проекти во различни фази – од веќе оперативни рудници, преку изградба на погони за рециклирање, па сè до иновативно производство на дефицитарни метали.
Фински „Келибер“: Првиот оперативен синџир за литиум во Европа
Проектот „Келибер“ во Финска претставува предводник на европската суровинска независност и е веќе целосно оперативен на терен. Станува збор за интегриран проект кој опфаќа и експлоатација (рударство) и преработка на литиум хидроксид со батериски квалитет директно на европско тло.
Овој проект е пример за успешна синергија меѓу приватниот сектор и европските институции. За да се забрза производството насочено кон автомобилската индустрија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) обезбеди директна финансиска поддршка од 150 милиони евра. „Келибер“ е доказ дека со строги еколошки стандарди и силна финансиска инјекција, Европа може сама да рудари материјали за своите електрични возила.
Француски „Карестер“ ја урива кинеската доминација кај магнетите
Во индустриската зона Лак во Југозападна Франција, во полн ек е изградбата на мега-погонот „Карестер“. Овој стратешки проект е целосно фокусиран на кружната економија, односно рециклирање на трајни магнети од стари ветерни турбини и електромотори, како и сепарација на тешки ретки земјени елементи (како што се диспрозиум и тербиум).
Значењето на „Карестер“ за ЕУ е огромно. Со завршувањето на изградбата, овој погон е проектиран да покрие дури 15% од потребите на ЕУ за овие ретки оксиди. Со тоа, Унијата за првпат создава сопствен штит против кинескиот монопол во овој сектор, кој е клучен за одбранбената индустрија и зелената енергија.
Грчки „Метлен“ обезбеди производство на галиум за микрочипови
Третиот пример доаѓа од нашето непосредно соседство и покажува како постоечките рударски и металуршки капацитети можат да се модернизираат. Грчката индустриска групација „Метлен“ успеа да започне со првото комерцијално производство на галиум во Европа.
Галиумот е критична суровина од примарно значење за производство на полупроводници, микрочипови и соларни панели, каде Европа досега стопроцентно зависеше од увоз. Преку екстракција на галиум како нуспроизвод при преработката на боксит во нивните постоечки погони за алуминиум, „Метлен“ покажа како постоечката тешка индустрија во Европа може да се трансформира во клучна алка за високотехнолошкиот развој.
Нов сигнал за инвеститорите
Овие три примери јасно покажуваат дека кратењето на бирократските рокови на најмногу 27 месеци за рудници и 15 месеци за преработка не е само политичко ветување. Успехот на проекти како „Келибер“, „Карестер“ и „Метлен“ испраќа силен сигнал до приватните инвеститори дека рударскиот и преработувачкиот сектор во Европа влегуваат во фаза на високопрофитабилен и стратешки заштитен развој.



