Во време кога Европската Унија гласно дебатира за својата „стратешка автономија“ и итноста од формирање сопствени резерви на критични суровини, реалноста на теренот покажува сериозен парадокс.
Најважните рударски проекти на европско тло, првиот целосно лиценциран рудник за литиум во Австрија (Волфсберг) и едно од најголемите светски наоѓалишта на ретки земјени елементи на Гренланд (Танбриз), официјално преминаа во стопроцентна сопственост на американската корпорација Критикал Металс Корп.
Овој потег отвора суштинско геополитичко прашање за рударскиот сектор: Дали Европа, во обид да побегне од економскиот заложнички сојуз со Кина, свесно се става во целосна зависност од американскиот капитал и корпоративни интереси?
Американски долари за европски ресурси
Европската комисија неодамна го усвои Законот за критични суровини, со цел да ги забрза процедурите за издавање дозволи и да поддржи стратешки рударски проекти. Сепак, главната кочница за европската независност не е само бирократијата, туку хроничниот недостиг на капитал.
Додека рударските компании бараат посебен буџет од ЕУ за финансирање на овие капитални инвестиции, Брисел и земјите-членки за разлика од Вашингтон одбиваат да креираат посебна буџетска ставка за оваа намена. Европските инвестициски фондови и банки се традиционално претпазливи кон рударството, оставајќи огромен празен простор.
Од друга страна, САД преку агресивни државни олеснувања и силен притисок на берзите на Волстрит, буквално ги купуваат клучните глобални ресурси. Резултатот е очигледен: акциите на досегашниот сопственик на европските проекти, Јуропиан Литиум, се делистирани од Франкфуртската и Австралиската берза, а со нив отсега ќе се тргува исклучиво на американскио Несдак.
Помалото од две зла
Според правилата за заштита на стратешките интереси, европските регулатори теоретски можеа да ги блокираат ваквите преземања. Но, зошто тоа не се случи? Одговорот лежи во прагматичната геополитика на „Западниот блок“.
За Брисел, приливот на американски капитал е единствениот реален начин проектите како Волфсберг во Австрија да се придвижат од мртва точка и да почнат со производство. Подобро е сопственикот да биде стратешки партнер од Вашингтон, отколку капиталните капацитети во Австрија и Гренланд да останат неразвиени или, во полош случај, тајно да бидат преземени од кинески државни конгломерати кои веќе контролираат 90% од пазарот за ретки земји.
Германски штит
Дека Европа се обидува да се заштити преку пазарни механизми, покажува и потегот на германскиот автомобилски гигант БМВ ГРУП. Иако сопственикот на рудникот во Австрија сега е американска корпорација, БМВ веќе има потпишано обврзувачки договор за откуп и уплатено аванс од 15 милиони долари за 100% од произведениот литиум хидроксид.
Ова значи дека и покрај тоа што профитот ќе оди во САД, суровините физички мора да останат во Европа за да ги снабдуваат фабриките на европската автомобилска индустрија.
Дали е ова долгорочна опасност?
Експертите предупредуваат дека „замената на една зависност со друга“ носи сериозни ризици на долг рок.
Доколку идната американска администрација одлучи да воведе извозни ограничувања за суровините контролирани од нивни компании (како што Трамп претходно го форсираше статусот FAST-41 за американските рудници), Европа може да се најде во позиција да моли за суровини ископани на нејзина сопствена територија.
Најголемата додадена вредност не е во самиот ископ, туку во рафинирањето и преработката на металите. Ако американскиот сопственик одлучи рафинериите да ги гради во САД, Европа ќе остане само суровинска база, додека високотехнолошките работни места ќе заминат преку океанот.
Преземањето на Јуропиан Литиум од страна на американскиот Критикал Металс Корп. е будилник за Брисел. Тоа докажува дека Европа не може да изгради индустриска независност само со закони и регулативи, доколку не е подготвена да вложи сопствени милијарди во рударскиот сектор. Во спротивно, европската зелена транзиција ќе продолжи да се движи на погон на туѓи пари и под туѓи правила.



