Реткиот метал итриум ги разниша западните индустрии и скокна за над 1.500%

Итриумот, редок земјен метал кој не се ископува самостојно, но е незаменлив за млазни мотори, полупроводници и медицински уреди, стана новото стратешко оружје во глобалната трка за критични минерали.

Откако Кина воведе строги извозни контроли и ја прекина испораката на овој метал кон Западот, светските цени скокнаа за повеќе од 1.500%, предизвикувајќи сериозен шок во воздухопловната, енергетската и технолошката индустрија. Случајот со итриумот ја откри длабоката ранливост на западните синџири на снабдување и покажа како Пекинг може прецизно да ги користи суровините како геополитичка алатка.

Од шведско село до клучна технолошка компонента

Итриумот првпат бил откриен кон крајот на 18 век во близина на шведското село Итерби, по кое и го добил името. Иако во Земјината кора е двојно позастапен од оловото, тој никогаш не се наоѓа во чиста форма, туку се добива исклучиво како нуспроизвод при ископување и преработка на други ретки земјени елементи.

Неговите уникатни својства го прават незаменлив во модерната индустрија, без вистинска алтернатива. Итриумот се користи за керамички премази што ги штитат турбините на млазните мотори и гасните турбини од екстремно високи температури. Исто така, ги штити чувствителните делови во производството на чипови од корозивна плазма и е клучен за ЛЕД-екраните, а неопходен е и за производство на специјални ласери, оптички леќи и суперспроводници што се користат во уредите за магнетна резонанца (МРИ).

Кинескиот монопол и извозни контроли

Според податоците на Американскиот геолошки завод, глобалното производство на итриум изнесува меѓу 10.000 и 15.000 тони годишно, при што речиси целокупното снабдување и преработка доаѓаат од Кина (со одреден удел на суровина од Мјанмар). САД, од друга страна, се 100% зависни од увоз, при што 70% доаѓа директно од Кина, а остатокот од земји што исто така преработуваат кинески концентрати.

Во април минатата година, Пекинг воведе извозни ограничувања за итриумот и шест други ретки земјени елементи, со што испораките кон странство практично застанаа. Соединетите Американски Држави не добија ниту еден грам сè до октомври, кога испораките делумно беа обновени во пресрет на средбата меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп во Јужна Кореја.

Иако Пекинг тогаш се согласи да ги одложи построгите мерки за другите ретки метали, контролите за итриумот останаа во сила. Извозниците сега мора да докажат дека металот ќе се користи исклучиво за цивилни цели, со што Кина го претвори итриумот во прецизно оружје насочено кон конкретни трговски партнери и западни компании, вклучувајќи ја и Јапонија.

Потрага по алтернативи

Ценовниот шок и недостигот на суровина ги принудија западните влади и рударски компании итно да бараат излез од кинескиот монопол. Како што посочуваат аналитичарите, слабата алка не е само ископот, туку недостатокот на капацитети за одвојување и рафинирање надвор од Кина.

Сепак, веќе се преземаат конкретни чекори за разбивање на оваа зависност. Компанијата „Ју-Ес-Еј Реар Ерт“, преку својата подружница во Велика Британија, неодамна го произведе првиот комерцијален итриум метал со висока чистота, потпрена на државна финансиска поддршка од 1,58 милијарди долари и развојот на наоѓалиштето „Раунд Топ“ во Тексас.

И австралиската „Линас“ планира изградба на голем погон за одвојување на тешки ретки метали во Малезија до 2028 година, додека француската „Солвеј“ и компании во Бразил и Австралија забрзано ги развиваат своите капацитети.

Јапонија, пак, која исто така беше погодена од кинеските рестрикции, ги насочува погледите кон богатите наоѓалишта на тиња со ретки метали и итриум на длабочина од шест километри во близина на островот Минами Торишима во Пацификот.

Експертите предупредуваат дека додека овие нови проекти не почнат да работат со полн капацитет, итриумот ќе остане еден од најчувствителните геополитички адути во глобалната економија.