Европа го гради својот прв рудник за ретки земјени елементи, во Шпанија се отвора „Орион“

Австралиската рударска компанија „Осмонд Ресурси“ обезбеди максимален можен грант од шпанското Министерство за индустрија и туризам, наменет за забрзан развој на проектот за ретки земјени елементи „Орион“ во Шпанија. Оваа финансиска инјекција се смета за стратешка победа не само за компанијата, туку и за целата Европска Унија, која итно се обидува да воспостави независни синџири на снабдување со критични минерали.

Грантот, кој е доделен во рамките на шпанската државна програма за поддршка на стратешки проекти (PERTE), ги покрива максималните дозволени трошоци за тековната фаза на истражување и металуршки тестирања. Со ова, шпанската влада јасно стави до знаење дека проектот „Орион“ има статус на стратешки приоритет од висок национален и европски интерес.

Што претставува проектот „Орион“?

Сместен во Шпанија, „Орион“ се профилира како потенцијално првиот функционален рудник за ретки земјени елементи во Европската Унија. Првичните истражувања и досегашните дупчења покажаа исклучително високи концентрации на магнетни ретки земјени елементи (како што се неодиум и празеодиум), кои се клучни за производство на силни трајни магнети. Овие магнети се незаменлива компонента за електромоторите кај електричните возила, ветерните турбини и напредната воена технологија.

Од менаџментот на „Осмонд Ресурси“ изразија огромно задоволство од одлуката на Мадрид, потенцирајќи дека финансиската поддршка доаѓа во клучен момент кога компанијата преминува во фаза на детални металуршки испитувања за одвојување на концентратот.

„Овој грант е силна потврда за стратешката важност на проектот „Орион“. Поддршката од шпанската влада не само што ни ги намалува финансиските ризици, туку и значително ги забрзува нашите активности на терен. Европа има итна потреба од сопствени извори на ретки земјени елементи, а ние сме во одлична позиција да го испорачаме тоа,“ изјавија од раководството на компанијата.

Битката на ЕУ за суровинска независност

Доделувањето на овој грант доаѓа во период на сериозни геополитички тензии на пазарот на критични минерали. Во моментов, Кина контролира над 70% од глобалното рударство и повеќе од 90% од преработката на ретки земјени елементи. Пекинг веќе воведе строги ограничувања за извоз на технологии за преработка на овие минерали, што ги запали алармите во Брисел и Вашингтон.

Европскиот Акт за критични суровини налага до 2030 година ЕУ да ископа најмалку 10% и да преработи 40% од своите годишни потреби за стратешки материјали на сопствено тло. Проектот „Орион“ на „Осмонд“ во Шпанија се смета за еден од главните адути со кои Европа планира да ја постигне оваа цел и да ја намали целосната зависност од кинескиот увоз.

Следни чекори

Со добиените средства, „„Осмонд Ресурси“ планира да ја комплетира следната фаза од дупчењето и да ги финализира технолошките процеси за екстракција на минералите во текот на наредните месеци. Локалните власти во Шпанија веќе најавија дека регулаторните и еколошките дозволи за овој проект ќе се разгледуваат по брза постапка, со оглед на неговото огромно значење за европската индустриска транзиција.

За македонскиот рударски сектор, ваквите вести од ЕУ се јасен показател дека фокусот на инвеститорите комплетно се префрла кон критичните и стратешките суровини, каде што и нашата земја, со соодветни стратегии и рударски политики, би можела да го бара своето место во идните европски синџири на снабдување.