Лојане крие можност за добивање престижен статус на „Стратешки проект“ на ЕУ

Трката за обезбедување на критични минерали во Европа повеќе не е само прашање на економски профит, туку прашање на национална безбедност и суверенитет за земјите од Стариот Континент. Во време кога Кина, која контролира 70% од глобалното производство на антимон, воведува строги квоти и блокади за извоз, Европската Унија е во потрага по нови, сигурни наоѓалишта во своето непосредно соседство.

Во овој геополитички вакуум, напуштениот македонски рудник за антимон, хром и арсен Лојане, преку ноќ добива шанса да се трансформира во една од највредните стратешки карти што Македонија може да ги одигра на масата во Брисел. Клучот за овој пресврт лежи во можноста државата директно да го номинира Лојане за добивање статус на „Стратешки проект“ во рамките на новоусвоениот Европски акт за критични суровини (CRMA).

Што е Актот на ЕУ и зошто Лојане е „совршен избор“?

Европскиот акт за критични суровини беше донесен со цел ЕУ да престане да зависи од увозот на метали клучни за воената индустрија, соларните панели, микрочиповите и батериите. Актот дефинира точно 17 стратешки суровини, а антимонот се наоѓа на самиот врв на оваа листа по критичност.

Регулативата на ЕУ предвидува дека Европската комисија може да доделува статус на „Стратешки проект“ не само за локалитети во земјите членки, туку и во трети земји, со посебен фокус на Западен Балкан. За да аплицира за овој статус, еден проект мора да исполни три клучни критериуми, кои Лојане веќе ги поседува:

  • Технолошко значење

Проектот мора значително да придонесе за сигурноста на снабдувањето на ЕУ со стратешки суровини. Со оглед на тоа што Лојане крие огромни количини антимон со исклучително висока берзанска цена (над 51.000 долари за тон), неговата тежина е неспорна.

  • Циркуларна економија

ЕУ става огромен акцент на репреработката на стари рударски отпадоци. Наместо отворање на класични нови рудници на зелени површини, Брисел сака проекти кои вадат ресурси од веќе постоечки депонии. Лојане, со своите 15.000 тони отворен техноген концентрат на арсен-сулфид и над еден милион тони јаловина, е учебнички пример за циркуларно рударство.

  • Законска усогласеност

Македонија ги финализира законските измени во рударскиот и геолошкиот сектор комплетно синхронизирани со европскиот Акт, со што се отвори правниот пат за аплицирање до Брисел.

Што моѓе да добие Македонија ако ЕУ го прогласи Лојане за стратешки проект?

Добивањето на овој престижен статус од страна на Европската комисија драстично би ја променило судбината на овој кумановско-липковски регион, носејќи бенефиции што државата сама не може да ги обезбеди:

  • Директен пристап до европски милиони

Проектот се квалификува за директно грант-финансирање и поволни кредитни линии од Европската инвестициска банка (EIB) и фондовите како Horizon Europe и EIT RawMaterials. Ова значи дека парите потребни за примарна еколошка санација потребни само за изолација и дислокација на опасниот арсен можат делумно да бидат покриени со европски фондови.

  • Гарантиран пазар преку долгорочни договори

Европските индустриски гиганти од автомобилската и воената сфера би склучиле т.н. off-take договори со кои однапред гарантираат откуп на секој килограм произведен антимон по стабилни цени.

  • Административна „брза патека“

Актот на ЕУ ги обврзува земјите да воведат приоритетен третман за стратешките проекти. Тоа значи дека бирократските лавиринти, кои со децении ги кочат рударските реформи во Македонија, ќе бидат скратени со законски рокови за добивање на сите потребни дозволи за работа.

Строгите ESG стандарди - филтер за еколошки одговорни инвеститори?

Патот до прогласување на стратешки проект на ЕУ не е лесен и автоматски. Европската комисија нема толеранција за еколошки инциденти и бара екстремно високи ESG стандарди (еколошко, социјално и корпоративно управување).

За да помине апликацијата за Лојане, новата Концесиска комисија формирана од Владата и евентуалниот иден меѓународен конзорциум ќе мора пред Брисел да докажат дека процесот на одвојување на антимонот од отровниот арсен ќе се изведува со најсовремена технологија, без никакво дополнително загадување на подземните води и со апсолутна заштита на локалното население. Исто така, неопходна е целосна транспарентност и вклученост на локалната заедница во Липковско преку јавни расправи.

Овие строги правила всушност се одлична заштита за Македонија. Тие гарантираат дека во Лојане нема да влезе еколошки неодговорна компанија која само би ја „собрала“ профитабилната руда, туку моќен европски партнер со капацитет трајно да ја елиминира оваа историска еколошка жешка точка.

Новата Концесиска комисија пред историска шанса

Откако државата дефинитивно го раскина претходниот неуспешен договор со приватниот концесионер кој со години го игнорираше чистењето на арсенот, Лојане сега е чист на хартија и слободен за нов почеток.

Со формирањето на новата Концесиска комисија, државата има шанса наместо да распишува класичен комерцијален тендер на кој би се јавиле „матни“ инвеститори, да го искористи Европскиот акт за критични суровини како платформа. Поднесувањето на заедничка кандидатура со реномиран европски конзорциум до Европската комисија за статус на Стратешки проект може да го подигне Лојане од локален еколошки проблем во проект од европско значење.