Норвешкиот проект „Фен“ е рударски „џокер“ на Европа за ретките земјини елементи

Додека Европската Унија води интензивна битка за обезбедување на критични суровини неопходни за зелената и дигиталната транзиција, погледите на комплетната индустриска јавност се свртени кон Норвешка.

Локалитетот Фенсфелтет – во јавноста познат како проектот Фен – лоциран во општината Номе (регионот Телемарк), официјално е потврден како најголемото наоѓалиште на ретки земјини елементи во континентална Европа.

Зад овој мега-проект стои приватната норвешка компанија Рер Ертс Норвеј, основана во 2016 година. Проценките на ресурсите покажуваат дека Фен крие неверојатни 15,9 милиони тони вкупни оксиди на ретки земјини елементи, позиционирајќи ја Норвешка како иден рударски лидер на европскиот континент.

Проектот Фен директно кореспондира со амбициозните цели на Европскиот акт за критични суровини. Европската регулатива налага до 2030 година најмалку 10% од критичните суровини да се ископуваат на домашно тло.

Особено значајно е што околу 19% од ресурсите во Фен се состојат од неодимиум и прасеодимиум, кои се клучни магнетни материјали без кои е невозможно производство на електромотори за електрични возила, генератори за ветерни турбини и софистицирани одбранбени технологии.

„Невидлив рудник“ под површината
Наместо традиционалните отворени копови кои оставаат трајни лузни на природата и предизвикуваат отпор кај локалното население, Рер Ертс Норвеј имплементира радикално нов пристап. Проектот во градот Улефос е замислен како целосно подземен, високоавтоматизиран рудник.

Сите примарни операции, вклучително и првичното дробење на рудата, ќе се одвиваат длабоко под земја, оставајќи го површинскиот пејзаж недопрен.
Во јамите ќе се користи беспилотна, автономна механизација за бушење и транспорт, напојувана исклучиво на електрична енергија. Целта е рударски операции со нула емисија на стаклени гасови.

За да се елиминира потребата од огромни површински депонии за јаловина, отпадната карпа и процесниот остаток ќе се мешаат со специјален еколошки врзувачки агенс. Оваа смеса потоа ќе се пумпа назад во веќе испразнетите подземни тунели, со што истовремено ќе се врши структурна стабилизација на рудникот.

Решавање на еколошките предизвици
Историски гледано, екстракцијата на ретки земјини елементи честопати се поврзува со сериозни еколошки ризици поради присуството на радиоактивни пратечки елементи. Карбонатитот во Фен содржи ториум кој е слабо радиоактивен метал.

Од Рер Ертс Норвеј нагласуваат дека веќе се развиваат напредни технологии за безбедно и изолирано сепарација на ториумот уште во фазата на флотација под земја. Преку затворени системи за циркулација на водата и филтрирање, комплетно ќе се спречи какво било протекување на хемиски супстанции во околните водни басени во Телемарк.

Старт на комерцијалното производство
Проектот веќе влегува во својата клучна, оперативна фаза.

Компанијата Рер Ертс Норвеј веќе донесе конечна одлука за инвестиција од 24 милиони евра (поддржана со државни грантови) за изградба на пилот-фабрика, која е предвидено да започне со работа во третиот квартал од 2027 година. Таа ќе послужи за оптимизација на технологијата за преработка.

Истовремено, норвешката влада го презеде процесот на просторно и стратешко планирање на државно ниво со цел да ги забрза бирократските процедури до 2028 година.

Почетокот на комерцијалниот ископ и испораката на првите количини на оксиди за европскиот пазар се очекува на почетокот на наредната деценија.
Со овој проект, Норвешка уште еднаш докажува дека не е само енергетски гигант во делот на нафтата и гасот, туку станува и лидер на новата, „зелена“ рударска ера во Европа.