Шведскиот производител „Волво Груп“ официјално најави формирање на посебна, независна деловна единица под името „Волво Мајнинг“, со цел радикално да го зајакне своето влијание на глобалниот пазар за рударска опрема. Новиот бренд официјално ќе започне со работа на 1 јануари 2027 година и ќе функционира во рамките на дивизијата за градежна механизација на Волво.
Овој стратешки потег доаѓа како одговор на новата фаза на раст во рударскиот сектор, каде што компаниите сè повеќе бараат интегрирани решенија за зголемување на продуктивноста, поголема безбедност и исполнување на строгите еколошки цели за намалување на CO2 емисиите.
Камиони, машини и автономија во „еден пакет“
Досега рударските капацитети набавуваат различни сегменти од возилата на „Волво“ преку посебни сектори. Сега „Волво Мајнинг“ целосно ќе ги обедини овие капацитети.
Рударските оператори и нивните изведувачи ќе добиваат комплетни пакети опрема кои го покриваат целиот процес, од ископување и утовар, па сè до транспорт на рудата.
Под капата на новиот бренд доаѓа и напредната технологија од Болво автономни решенија. „Волво“ веќе има богато искуство на овој терен преку успешниот проект во рудникот за варовник Бренеј Калк во Норвешка, каде што со години успешно сообраќаат автономни тешки камиони.
Со ваквиот чекор, „Волво“ отворено влегува во битка со најголемите глобални играчи во рударскиот сектор кои веќе со децении нудат вакви целосно поврзани флоти.
Скандинавска отскочна штица кон глобалниот пазар
Сопствениот развој на „Волво Мајнинг“ ќе биде поддржан со посебни финансиски ресурси и координација на истражувачки проекти низ целата групација. Во првата фаза од лансирањето, новиот бренд ќе се фокусира на пазарите во Шведска, Норвешка и Финска.
Овој избор не е случаен – Нордискиот регион во моментов е епицентарот на напорите на Европската Унија за брзо отворање и проширување на рудници за критични суровини кои се неопходни за зелената транзиција, што на компанијата ќе ѝ обезбеди сигурна почетна база на големи купувачи. По оваа почетна фаза, планирано е постепено и агресивно проширување на останатите светски пазари.



