Рударството е клучен столб на глобалната економија. Сепак, експлоатацијата на минерални суровини остава длабоки лузни на релјефот. Деградираните рударски површини се соочуваат со ерозија, губење на плодноста на почвата и уништување на локалниот биодиверзитет.
Токму затоа, современиот рударски сектор се наоѓа пред историски предизвик. Притисокот за транзиција кон одржливо работење ја менува дефиницијата за успешен рударски проект. Денес, успешноста на една рударска компанија не се мери само со тонажата ископана руда. Таа се мери и со способноста за еколошка рекултивација по завршувањето на експлоатацијата.
Деградираните рударски површини повеќе не смеат да се третираат како траен еколошки товар. Со примена на правилни инженерски и биолошки модели, овие локации стануваат профитабилни економски и еколошки ресурси за локалните заедници.
Модели за рекултивација и глобални примери
Современиот пристап кон рекултивацијата се планира уште пред да започне експлоатацијата. Наместо затворањето на рудникот да се третира како последна фаза, плановите за санација и рекултивација треба да бидат дел од целиот животен циклус на рударскиот проект.
Процесот може да опфати моделирање и стабилизација на теренот, враќање на плодниот слој на почвата, спречување на ерозија, управување со површинските и подземните води, отстранување или изолирање на потенцијално загадувачки материјали и повторно засадување на вегетација.
Индустриската пракса покажа три доминантни насоки за успешна пренамена на експлоатираните површини. Европа веќе има повеќе примери каде што простори со децении користени за рударство по завршувањето на експлоатацијата се претворени во природни, енергетски, туристички или земјоделски ресурси. Овие примери покажуваат дека затворањето на рудникот не мора да значи и економски крај за регионот.
Биодиверзитет и еко-туризам: Создавање езера и шумски појаси
Техничката санација на отворените копови овозможува нивно контролирано поплавување и претворање во вештачки езера. Овој процес, во комбинација со интензивно пошумување, го обновува локалниот биодиверзитет и отвора можности за туризам.
Еден од најпознатите примери е германската област Рур, каде што по постепеното затворање на рудниците за јаглен и индустриските капацитети започна голем процес на трансформација на деградираниот простор. Поранешните индустриски локации се претвораат во паркови, зелени коридори, културни и туристички центри.
Особено познат е комплексот Zollverein во Есен, поранешен рудник за јаглен и индустриски комплекс. Наместо да биде ооставен и заборавен, просторот е зачуван и пренаменет во културно и туристичко подрачје, а денес е дел од светското наследство на УНЕСКО.
Во Велика Британија постојат бројни примери на обновување на поранешни рудници, особено површински копови. Дел од нив се претворени во езера, паркови и рекреативни подрачја, со што просторот од индустриска зона станува природен и јавен ресурс.
Пример во пракса е Проектот Еден (Eden Project) во Корнвол, Велика Британија. Стариот и исцрпен рудник за каолин (глина) беше претворен во најголемиот стакленик во светот. Денес, под огромни геодетски куполи се наоѓаат илјадници растителни видови од тропските предели. Оваа локација привлекува милиони туристи годишно и генерира огромни приходи за локалната економија.
Чешка исто така има искуство со трансформација на големи површини погодени од експлоатација на јаглен. Во поранешните рударски подрачја се создаваат нови водни површини, шуми, паркови и рекреативни зони.
Особено важен е принципот според кој идната намена на просторот се планира уште пред или за време на затворањето на рудникот. Со тоа се избегнува долготрајно оставање на напуштени и потенцијално ризични локации.
Фотоволтаици на поранешни рударски површини
Еден од најинтересните трендови во Европа е поставувањето соларни централи на поранешни рударски локации. Причината е едноставна – таквите простори веќе се деградирани и често не се погодни за земјоделство или друга интензивна употреба.
Овој модел е исклучително атрактивен бидејќи ја користи веќе постоечката тешка инфраструктура. Патиштата за пристап и трафостаниците на поранешниот рудник драстично ги намалуваат почетните капитални трошоци за изградба на капацитети за обновлива енергија.
Најдобар глобален пример за ова е регионот Лужица (Lausitz) во Германија. Поранешните огромни површински копови за лигнит се трансформираат во хибридни енергетски паркови. Локациите како рудникот Велцов-Југ (Welzow-Süd) денес комбинираат моќни фотоволтаични системи со модерни ветроелектрани, обезбедувајќи чиста енергија за илјадници домаќинства
Ваквиот модел е особено интересен за рударските региони во Македонија, каде што дел од поранешните или идните рударски површини потенцијално би можеле да се разгледуваат и како локации за производство на чиста енергија, доколку геолошките, инфраструктурните и еколошките услови го дозволуваат тоа.
Агрокултурен модел: Обнова на плодно земјиште
Враќањето на рударските површини во земјоделска сопственост бара прецизна реставрација на почвата преку фиторемедијација. Процесот започнува со садење на специфични технички култури кои ги извлекуваат тешките метали и ја збогатуваат почвата со азот.
Пример во пракса е рудникот Игл (Eagle Mine) во Мичиген, САД. Овој рудник за никел и бакар уште пред почетокот на ископувањата имаше детален план за затворање. Дел од нивните веќе рекултивирани површини успешно се користат за тестирање на земјоделски култури во соработка со локалните универзитети, докажувајќи дека земјиштето може да ја врати својата првобитна плодност.
Постојните рудници во Македонија и рекултивација
И во Македонија веќе има конкретни и успешни активности за рекултивација на постојните рудници, иако процесот главно се одвива фазно или е во фаза на сериозна подготовка за транзиција. Поголемите активни рудници и енергетски комбинати веќе применуваат дел од моделите.
Рудникот за бакар Бучим е еден од пионерите во однос на практичната биолошка рекултивација. Во периодот од 2006 до 2010 година, под научен надзор на македонски универзитетски институции, целосно и комплетно беше извршено зашумување на низводната косина на браната на хидројаловиштето. Засадените илјадници дрвја успешно ја стабилизираа косината на браната, спречија еолска ерозија (разнесување на токсична прашина од ветерот) и го елиминираа еколошкиот ризик за околината. Пошумувањето на слободните површини таму е тековна активност.
РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“ почнаа со примена на моделот „Зелена енергија“. РЕК „Осломеј“ е првиот и најуспешен пример во регионот каде што деградиран рударски коп за јаглен е пренаменет во енергетски ресурс. На местото на исцрпениот рудник е изградена и веќе произведува струја првата државна фотонапонска електрана од 10 MW.
Државната компанија АД ЕСМ веќе има изработено проекти за изградба на големи фотонапонски електрани. Дел од нив (како централата од 60 MW) се планирани да се градат токму на тлото на исцрпените наоѓалишта на јаглен во рудникот Суводол кај РЕК „Битола“.
Како најголем подземен рудник во земјава, „САСА“ има малку поинаков предизвик од површинските копови, но е лидер во имплементација на строги еколошки стандарди. Рудникот континуирано инвестира во современо управување и стабилизација на своите јаловишта (преку суво одлагање на јаловината), со цел по затворањето на рудникот просторот полесно да се биолошки рекултивира и да се спречи загадување на локалните реки
Македонија пред можност за нов пристап
За Македонија, каде што рударството има долга традиција и каде што во повеќе региони економијата е поврзана со рударската индустрија, прашањето за рекултивацијата станува сè поважно. Новите рударски проекти треба да се гледаат низ целиот нивен животен циклус – од истражувањето и експлоатацијата, до затворањето и постексплоатациската употреба на просторот.
Македонија неодамна влезе во фаза на сериозни законски измени во рударскиот сектор. Со новите предлог-закони за рударство и геологија, кои се усогласуваат со ЕУ регулативите, планот за санација и рекултивација станува строг елиминаторен услов за добивање и задржување на концесија. Рударските компании во иднина ќе мора да депонираат многу поголеми финансиски гаранции за рекултивација уште пред да почнат со копање.
На тој начин, рударските региони можат постепено да преминат од модел во кој просторот има само една функција – експлоатација – кон модел во кој истиот простор по завршувањето на рударството добива нова економска, еколошка или општествена вредност.



