Наоѓалиштето за каолин Бовоар (Beauvoir) во регионот Алие, со кое управува индустрискиот гигант Имерис, забрзано се трансформира во еден од економски најзначајните рударски потфати во Европа. Проектот за екстракција на литиум под името EMILI (Exploitation de Mica Lithinifère par Imerys) неодамна доби силна финансиска и политичка потврда откако француската влада официјално инвестираше 50 милиони евра во малцински удел за финализирање на дефинитивната студија за изводливост.
Со проценета вредност на вкупната инвестиција од 1,8 милијарди евра, овој локалитет е класифициран како „проект од висок национален интерес“ за Франција и е вклучен во стратешката листа на ЕУ во рамки на Актот за критични суровини.
Според владините податоци, проектот се очекува да создаде 170 директни, однсно 1000 индиректни работни, места покрај пошироките економски ефекти што би ги генерирал новиот индустриски синџир.
Подземен рудник под историски каменолом
За разлика од класичните површински копови, Имерис планира целосно подземен рудник. Експлоатацијата ќе се одвива на длабочина од 75 до 400 метри под сегашниот каменолом за каолин, кој на ова место работи уште од 19 век.
Рудата (литиумски лискун/мика во гранитски карпи) ќе се копа преку напредни методи на комори и галерии, со цел да се минимизира визуелното и еколошкото влијание врз површината.
Ископаниот материјал со помош на подземни дробилки и затворен цевководен систем ќе се транспортира до станица за концентрација (флотација), а потоа преку железничка мрежа ќе се носи до финалната фабрика за конверзија во Сент-Виктор.
Проектот предвидува и употреба на електрична рударска опрема, како и користење на француската електроенергетска мрежа, која има релативно ниски емисии на јаглерод поради големиот удел на нискојаглеродни извори. Имерис проценува дека со ваквиот пристап емисиите би можеле да бидат значително пониски во споредба со типичните постојни проекти за експлоатација на литиум од тврди карпи.
Геолошки потенцијал од светска класа
Најновите геолошки и дупчачки кампањи во рамки на пред-изводливата студија покажаа дека резервите на Бовоар се значително поголеми од првичните проценки на Францускиот геолошки завод.
Ресурсите во категоријата Inferred & Indicated достигнаа до 373 милиони тони карпеста маса.
Просечната содржина на литиум оксид (Li₂O) изнесува околу 0,9% до 1,0%, што е речиси двојно повеќе од другите европски тврди наоѓалишта кои во просек имаат 0,6%.
Целта е производство на 34.000 тони литиум хидроксид годишно, количина доволна за снабдување на батерии за околу 700.000 електрични возила.
Зошто на Европа ѝ е потребен сопствен литиум?
Литиумот е една од клучните суровини за енергетската транзиција. Со растот на електричните автомобили и производството на батерии, потребата за литиум расте, додека Европа и понатаму во значителна мера зависи од увоз.
Токму затоа проектите како EMILI имаат и економска и стратешка димензија. Целта не е само отворање нов рудник, туку создавање европски синџир на снабдување – од минералната суровина до материјалот што ќе заврши во батериите.
Имерис уште при најавата на проектот го претстави EMILI како начин за зголемување на европската индустриска независност во услови кога производителите на автомобили и батерии зависат од увоз на литиум.
Ова е дел од пошироката европска промена во односот кон минералните суровини: критичните минерали повеќе не се гледаат само како економско прашање, туку и како прашање на индустриска, технолошка и енергетска безбедност.
Водата, биодиверзитетот и земјиштето се меѓу клучните прашања
Францускиот систем предвидува еколошка проценка во која се разгледуваат влијанијата врз населението и човековото здравје, биодиверзитетот, почвата, водата, воздухот, климата, пределот и културното наследство. Проектите исто така подлежат на консултации со јавноста и релевантните институции.
Токму ова е еден од важните аспекти на EMILI: домашното производство на критична суровина не значи отсуство на еколошки стандарди. Напротив, проектот треба да покаже дека стратешки важниот минерал може да се произведува во рамки на строги правила за заштита на животната средина.
Финализирање на главната дефинитивна студија за изводливост финансирана од француската влада, се очекува за следната година, а Официјално стартување на комерцијалниот ископ и финалната обработка со таргетиран рок на експлоатација од најмалку 50 години.
Што може да научи Европа од EMILI?
EMILI покажува во која насока се движи европското рударство.
Новите рудници повеќе не се планираат само според прашањето „колку руда може да се извади?“, туку и според тоа „како може да се произведе критичната суровина со помал отпечаток и со поголема корист за локалната и европската економија?“
Токму затоа проектот комбинира подземна експлоатација, преработка, нискојаглеродна енергија, железнички транспорт и строги процедури за заштита на животната средина.
За Европа, EMILI е обид да се направи нешто што до неодамна изгледаше тешко замисливо – да се врати дел од производството на критичните минерални суровини на европско тло и истовремено да се постават повисоки стандарди за начинот на нивното ископување.



