Новата научна студија под наслов „Анализа на индустријата за критични суровини во Северна Македонија“, изработена од експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип и рударскиот сектор, објавена во текот на овој месец, открива дека земјата има сериозен геолошки потенцијал да стане важен партнер на Европската Унија во ерата на енергетската транзиција. Сепак, наместо стратешки партнер, државата останува само извозник на сурови минерални концентрати со ниска додадена вредност.
Според истражувањето објавено во престижното списание Green Energy and Environmental Technology, главните кочници за развој на рударството не се наоѓаат под земјата, туку во институциите. Правната непредвидливост, бавното издавање дозволи, социјалните конфликти и застарениот енергетски систем ја девалвираат македонската рударска позиција.
Три столба на македонскиот потенцијал: Бакар, олово-цинк и секундарни суровини
Студијата нотира дека столбовите на македонската минерална економија се веќе докажани: активните рудници за олово и цинк („Саса“, „Злетово“ и „Тораница“), бакарот („Бучим“ и „Боров Дол“), како и металуршкиот комплекс за фероникел во Кавадарци. ЕУ веќе ги класифицира бакарот и никелот како стратешки суровини за батерии и зелена транзиција.
Додека големите развојни проекти, како порфирското наоѓалиште „Иловица-Штука“, со години се заглавени во лавиринти од судски спорови и административни пресврти, авторите на студијата посочуваат една поинаква, огромна и недоволно искористена шанса – секундарните суровини.
„Нашиот најголем адут не е само отворањето нови рудници (гринфилд проекти), туку преработката на историскиот индустриски отпад. Јаловиштата и згурата од Велес, Пробиштип, Саса и Бучим содржат милиони тони материјал од кој можат да се извлечат вредни метали во комбинација со целосна еколошка санација на теренот“, се наведува во анализата.
Како пример се посочува депонијата со згура во Велес, која крие околу 120.000 тони чист цинк.
Како напред? Три патеки до европските синџири
Нотирајќи ги проблемите, меѓу кои се правната несигурност и спорото издавање дозволи, проблемот со банкаските гаранции, односно фактот дека државата не бара однапред депонирани цврсти финансиски гаранции (како во Канада или ЕУ) за рекултивација на рудниците по нивно затворање, прашањето на јаглеродниот данок (CBAM), но и отпорот на земјоделските региони, Студијата предложува итна реформа и три јасни стратешки правци:
- Строго разграничување во дозволите
Олеснување и брзо одобрување за геолошки истражувања (кои приватните инвеститори ги плаќаат со сопствени пари и со тоа бесплатно ги модернизираат геолошките податоци на државата), но задржување на максимално строги еколошки филтри при одобрување на фазата за експлоатација.
- Циркуларна индустриска политика
Наместо да се чекаат мега-проекти, државата да лансира национална програма со модуларни капацитети кои ќе ги чистат старите јаловишта и едновремено ќе вадат стратешки метали.
- Зелени договори за енергија
Рударскиот и металуршкиот сектор мора да добијат пристап до договори за директно купување на зелена струја (PPAs) од обновливи извори, со што нивните производи (како бакарни катоди) ќе станат конкурентни и отпорни на даноците на ЕУ.
Експертите заклучуваат дека Македонија нема да стане рударска суперсила, но може да биде клучна, стабилна и сигурна алка во европската мрежа за критични суровини. Сепак, без институционални реформи, напредна дигитализација и вистински социјален договор со граѓаните, огромниот геолошки потенцијал може да остане закопан под земја.



