Индустриските подрачја кои со децении беа симбол на загадувањето и експлоатацијата на фосилни горива, денес доживуваат целосна трансформација. Наместо напуштени и еколошки деградирани површини, сè повеќе рудници ширум светот и во регионот се претвораат во модерни центри за производство на чиста електрична енергија преку изградба на фотонапонски централи.
Најнов пример за овој тренд доаѓа од Босна и Херцеговина, каде што рудникот за јаглен „Бановиќи“ започнува амбициозен проект за енергетска транзиција. На локацијата на поранешното одлагалиште за јаловина ќе се гради фотонапонска електрана со моќност од 15 MW, која е проектирана да покрива приближно 50% од сопствените потреби за струја на рудникот.
Економски и еколошки придобивки во бројки
Пренамената на рударските јаловишта не е само симболичен гест, туку високопрофитабилен модел со прецизно мерливи ефекти.
Во однос на економските придобивки, вакви инвестиции носат милионски заштеди во инфраструктура. Рудниците веќе располагаат со силни далноводи и трафостаници. Користењето на постоечката мрежа им заштедува на инвеститорите и до 20% од вкупните трошоци за проектот, кои инаку би отишле за нови приклучоци.
На овој начин се активира„мртво“ земјиште бидејќи овие парцели имаат пазарна вредност од 0 денари за земјоделство или градба. Со соларните панели, секој хектар деградирано земјиште почнува да генерира профит.
Истовремено, со замена на јагленот со сонце, компаниите избегнуваат плаќање на високи еколошки пенали кои во ЕУ надминуваат 60 до 80 евра по тон емитуван јаглерод диоксид.
Еколошките придобивки се исто така повеќекратни. Со техничка рекултивација на почвата и монтажа на конструкциите, ширењето на опасните честички и пепел при силен ветер се намалува за над 90%, што директно го спасува здравјето на околните жители. Истовремено, наместо да се уништуваат зелени површини, се искористува веќе деградиран простор.
Проектите од овој тип (во зависност од големината) спречуваат емисија на од 30.000 до преку 100.000 тони CO₂ годишно.
Докажана пракса во глобални рамки
Користењето на јаловиштата за соларни паркови е веќе докажана пракса во глобални рамки но брзо се шири и низ Балканот. Такви примери има многу.
- Германија: Во регионот Лужица, поранешните јаловишта и отворени копови се трансформирани во соларни паркови и вештачки езера. Таму се инсталирани пловечки соларни централи кои произведуваат стотици мегавати чиста енергија.
- САД: Преку посебни федерални фондови се таргетираат илјадници т.н. brownfield (загадени индустриски) локации за развој на чиста енергија, со цел да се заштеди на природни ресурси.
- Кина: Во провинцијата Анхуи, на местото на поранешен и поплавен рудник за јаглен, изградена е масивна пловечка соларна централа која има капацитет од 150 MW и напојува цел еден регион.
- Грција е апсолутен шампион во овој сегмент во Југоисточна Европа, која, огромните европски фондови за брзо затворање на јагленот ги искористи за изградба на соларни електрани. Државната компанија PPC (Public Power Corporation) на местото на некогашните гигантски отворени копови за лигнит во близина на границата со Македонија веќе има инсталирано близу 1 GW соларни капацитети, што претставува еден од најголемите енергетски пресврти на континентот.
Македонија лидер во Западен Балкан
Македонија веќе се позиционираше како пионер на Балканот кога станува збор за успешна трансформација на рударските капацитети во соларни електрани. Ледот го проби државниот гигант ЕСМ кој во РЕК Осломеј каде што на старите наоѓалишта на лигнит ја изгради централата „Осломеј 1“ со моќност од 10 MW. Ова беше првата централа во регионот на Западен Балкан изградена на рударско јаловиште
Таа веќе произведува помеѓу 15 и 17 GWh струја годишно што е доволно за околу 2.800 домаќинства. Дополнително, преку приватно партнерство (со компанијата Fortis Energy), проектот во Осломеј се прошири со моќна централа со врвен капацитет од речиси 80 MW која добива и гигантски батериски систем за складирање на енергија од 62 MW.
Крајната цел на државата е соларните капацитети во Осломеј целосно да го заменат капацитетот на старата термоелектрана од 120 MW. За таа цел, во моментов се реализираат уште два клучни чекори - изградба на „Осломеј 2“ од 10 MW и дополнителни 20 MW во РЕК Битола, проект поддржан со грант од ЕУ и кредит од ЕБОР.
Компанијата Fortis Energy веќе работи на интеграција на батериски систем со капацитет од 104 MWh (моќност од 62 MW) во постоечката централа, со план за целосно пуштање во функција до крајот на 2026 година, со што Осломеј ќе стане една од најголемите хибридни централи на Балканот.
Исто така, во РЕК Битола во тек е реализација на нов проект вреден 30 милиони евра за изградба на дополнителни соларни централи со вкупен капацитет од 30 MW. Овие нови капацитети ќе произведуваат 50 GWh електрична енергија годишно (за 9.000 домаќинства) и ќе спречат излив на 35.000 тони CO₂ во воздухот секоја година.
Приватните рудници со брзи чекори кон декарбонизација
За разлика од соседството каде процесот главно го водат само државните енергетски компании, во Македонија транзицијата се одвива паралелно –траекторијата на државата масовно ја следат и приватните рударски комплекси, притиснати од енергетските кризи и претстојниот европски данок на јаглерод (CBAM).
Рудник „Бучим“ кај Радовиш изгради сопствена соларна електрана со моќност од 5 MW . Електраната веќе е пуштена во употреба и активно произведува струја, со што рудникот покрива значаен дел од својата голема потрошувачка и ја намалува зависноста од непредвидливиот слободен пазар. Заради овој енергетски проект, компанијата привремено го прекина производството за целосно да ја реструктуира инфраструктурата.
И во Пробиштип, на местото на старото индустриско хидројаловиште на рудникот „Злетово“, кое со децении претставуваше еколошка закана со тешки метали, се реализира проект за целосна техничка рекултивација и поставување на голема фотоволтаична централа.
Рудникот „Саса“ кај Македонска Каменица, како најголем подземен рудник за олово и цинк, инвестира во напредна paste fill технологија за суво одлагање на јаловината. Нивната долгорочна стратегија вклучува развој на сопствени обновливи извори во кругот на инсталацијата, со цел да се задоволат строгите еколошки стандарди за извоз во ЕУ.
Трансформацијата на јаловиштата во соларни полиња докажува дека еколошката санација и економскиот развој можат да одат рака под рака. Со овој одржлив модел, „црните точки“ на тешката индустрија стануваат клучни носители на зелената иднина во регионот.



