Милијарда евра лежат во македонските јаловишта

Според Адриа рударската мрежа која веќе објави прецизни, консолидирани податоци кои ја откриваат точната димензија на рударскиот отпад во нашиот регион, во Македонија, во однос на Србија (каде само околу рударскиот комплекс Бор лежат над 80 милиони тони суровини) или Косово (каде комплексот Трепча има огромни депонии), вкупна маса на ваков отпад е помала.

Сепак, АДРИА мрежата ја рангира Македонија како геолошки најразновидна. На мал простор имаме од бакар и цинк, до ретки елементи како антимон и талиум. Поради тоа, , концентрацијата на вредни метали по тон отпад кај нас е научно оценета како многу атрактивна за инвестиции.

АДРИА рударската мрежа, која функционира како регионален центар (EIT RawMaterials Regional Center Adria) во која е и Македонија, е формирана од страна на Европскиот институт за иновации и технологија (EIT) со цел да ги поврзе земјите од Источна и Југоисточна Европа (Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија) и да го поттикне развојот на критични суровини.

Македонија има 20 до 30 милиони тони рударски отпад и згура

Во Македонија се процеенува дека се лоцирани околу 20 до 30 милиони тони историски рударски отпад и индустриска згура.

Депонијата со фосфогипс во Велес (Згрополци) е најголемиот поединечен индустриски отпад во земјава со масовност од дури 3,7 милиони тони. Таа е примарен фокус на сегашните ЕУ истражувања за градежната индустрија.

Вештачка планина „Црниот рид“ од Топилницата во Велес тежи точно 1,7 милиони тони згура и е исклучително богата со цинк и олово.

Двете стари хидројаловишта во Пробиштип (Злетово) имаат акумулирано со децении преку 5 милиони тони оловно-цинков песок.

Останати историски депонии (Лојане, Радуша, ОХИС, Јегуновце) заедно содржат уште неколку стотици илјади тони високотоксичен, но металуршки вреден отпад (арсен, антимон, хром).

Колкава вредност се крие во јаловиштата?

Проценетата бруто пазарна вредност на металите заробени во 20-30 милиони тони историски рударски отпад во Македонија се движи помеѓу 800 милиони и 1,2 милијарди евра. Сепак, важно е да се нагласи дека ова е пазарната вредност на суровините доколку целосно се извлечат, но чистиот профит зависи од трошоците на комплексна металуршка обработка.

Индустриските анализи ја распределуваат оваа вредност на неколку клучни локации:

„Црниот рид“ во Велес е комерцијално најконцентрираната еколошка точка во земјава. Вештачкиот рид содржи околу 1,8 милиони тони техногена згура. Направените геолошки мерења потврдија дека во него има просечно 10% цинк и околу 2,2% до 3,4% олово.

На пазарот тоа означува околу 180.000 тони чист цинк (со пазарна вредност од над 450 милиони евра) и околу 36.000 тони олово (вредни над 70 милиони евра), не сметајќи ги поскапите метали во трагови како индиум, кадмиум и талиум.

Двете хидројаловишта лоцирани во Пробиштип и околината содржат меѓу 10 и 12 милиони тони флотациски отпад наталожен од 1937 година наваму. Лабораториските анализи на АДРИА мрежата покажаа дека песокот крие значителни количини на заостанато олово и цинк, но и значителни грамажи на сребро по тон отпад кои не биле извлечени со старите технологии. Големата маса на отпадот ја компензира пониската концентрација, правејќи ја локацијата високопрофитабилна.

Лојане и Радуша по волумен се многу помали депонии, но нивната вредност е висока бидејќи содржат ретки и скапи елементи. Лојане содржи 15.000 тони концентрат на арсен, но клучната вредност лежи во антимонот – метал чија цена на светските берзи е во постојан раст бидејќи ЕУ го класифицира како критична суровина за воената и технолошката индустрија. Радуша, од друга страна, крие вредни депонии со суров хром.

Сепак, кога се зборува за вредноста, приватните инвеститори и ЕУ фондовите кога ја пресметуваат исплатливоста, од оваа бруто вредност на јаловиштата, веднаш одземаат неколку „скриени трошоци“.

Основно е дека ниту една технологија не може да извлече 100% од металот. Модерната напредна флотација извлекува околу 75% до 85% од металите во јаловиштата.

Истовемено, најголемиот трошок не е копањето, туку обврската по преработката преостанатиот песок трајно да се изолира со гео-мембрани и земјиштето целосно да се пошуми. Оваа обврска често „јаде“ до 30% од планираниот профит на компанијата.

Се преземаат системски чекори

Со оглед дека претходно имаше неколку обиди за изнаоѓање инвеститори за решавање на проблемот на јаловиштата, но се покажа дека станува збор за сомнителни фирми кои бараат брз профит преку застарени технологии, државата веќе почна да презема конкретни и институционални чекори за да го смени досегашниот пасивен модел за да може во иднина да се најдат сериозни инвеститори.

Во текот на изминатиот период, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, започнаа реформи кои директно ја поставуваат основата за еколошко-рударски подготовки.

По повеќе од три децении чекање, министерството ја финализираше и ја пушти на јавна расправа новата Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минерални суровини (2025–2045).

Овој стратешки документ за првпат во македонската историја воведува строги принципи за заштита на животната средина и менаџирање со рударскиот отпад како примарен државен фокус. Таа дава јасни насоки дека државата повеќе нема да дава дозволи на слепо, туку ќе бара максимална одржливост.

Државата го прекина и концептот каде само приватни фирми копаат и бараат суровини. Министерството официјално објави дека државата сама започнува сопствени геолошки истражувања за минерални суровини за да го мапира подземното и надземното богатство.

Иако теренот стратешки и лабораториски се подготвува, главната кочница во моментов е бавното прилагодување на локалната бирократија. Носењето на еколошките дозволи на локално ниво сè уште одзема премногу време. Но, со новата стратегија на министерството и притисокот од Актот за критични суровини на ЕУ, Македонија за првпат покажува проактивност наместо само да чека инвеститорите сами да го решаваат проблемот.

Чекорите кои се преземаат ќе овозможат државата прво со помош на ЕУ грантови технолошки да го подготви теренот (R&D фаза), а на идните инвеститори да им понуди готови проекти, со утврдени строго контролирани зелени технологии за кои локалното население нема да има причина да стравува за своето здравје.