Божиновска се сретна со Грубер во Виена: Енергетската соработка меѓу Македонија и Австрија во фокусот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со Северин Грубер, генерален секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија, во рамките на нејзината посета на Виена.

На средбата се разговарало за унапредување на билатералната и економската соработка меѓу Македонија и Австрија, со посебен акцент на енергетиката, енергетската транзиција и актуелните предизвици во секторот.

Како што соопшти Божиновска на својот официјален фејсбук-профил, биле разгледани и можностите за продлабочување на соработката, размена на искуства и воспоставување нови партнерства во енергетскиот сектор.

„Продолжуваме да работиме на отворање нови можности и зајакнување на меѓународната соработка во интерес на енергетската сигурност и развојот на Македонија“, напиша министерката.

Посетата е дел од програмата „Жени лидери 2026“

Божиновска од 7 октомври престојува во австриската престолнина, каде што учествува во програмата „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“, на покана на Дипломатската академија на Виена.

Програмата е посветена на зајакнувањето на женското лидерство, управувањето со кризи, родовата еднаквост и современите предизвици во јавниот сектор.

Во рамките на посетата е предвидено и предавање пред студентите на Дипломатската академија, посветено на енергетската транзиција и состојбите во македонскиот енергетски сектор.

Меѓународните средби во Виена се дел од активностите за развивање партнерства и размена на искуства во областа на енергетиката.