Додека светските медиуми известуваат за стратешкото партнерство за критични минерали меѓу САД и Македонија на локалитетот „Луке“ во Општина Крива Паланка, во јавноста се наметнува едно клучно прашање: Од каде одеднаш се појави овој антимон и на што точно се базираат тврдењата дека тука лежи иден глобален гигант?
За да се разбере пазарната тежина на концесијата со која моментално управува компанијата Пела Глобал, мора да се погледне наназад во историјата на СФР Југославија, но и длабоко во специфичната геологија на Осоговскиот регион.
Ерата и падот на социјалистичкиот рудник
Рударската приказна во атарот на планинското село Крстов Дол, на само 20 километри од Крива Паланка, официјално започнува во 1960 година. Тогашните југословенски геолози откриваат силно изразена минерализација на антимон, по што започнува изградба на инфраструктура за подземна експлоатација и фабрика за флотација.
Во периодот од 1970 до 1979 година, рудникот „Крстов Дол“ работел со полн капацитет. Во него и во флотацијата биле директно вработени околу 120 жители од околните кривопаланечки села. Производството за тогашни стандарди било скромно, но со исклучително висок квалитет.
Интересен историски податок е дека капацитетот во Крстов Дол бил технолошки толку добро опремен што во неговата флотација не се преработувала само локална руда. Таму се носела и молибденова руда од Турција, како и специфична антимонова руда од познатиот рудник „Алшар“ на планината Кожуф.
Спротивно на митовите дека рудата се потрошила, рудникот беше конзервиран и затворен во 1981 година поради чисто економски причини. Во тоа време, Кина го преплави светскиот пазар со евтин антимон, уривајќи ја цената на берзите до ниво каде подземниот ископ во Југославија стана нерентабилен. Објектите со децении беа оставени на забот на времето.
Зошто веќе се зборува за него како „иден глобален гигант“?
Иако ги нема официјалните конечни бројки на светската мапа, геополитичките и рударските кругови веќе го третираат „Луке“ како капацитет со „потенцијал да стане една од најголемите рударски операции за антимон во светот“.
Секако, оптимизмот на компанијата Пела Глобал, но и одлуката на американската владина агенција DFC и Пентагон итно да одобрат 5 милиони долари грант за овој проект, не се засноваат на претпоставки, туку на три цврсти геолошки столбови:
- Историските записници за квалитетот на рудата
Компанијата ги поседува државните архиви од поранешна Југославија кои потврдуваат дека рудникот „Крстов Дол“ во текот на своето работење одржувал просечна влезна содржина на чист антимон од дури 2,32% . Во рударскиот свет, секоја суровина која содржи над 1% до 2% чист антимон во примарната карпа се смета за висококвалитетна и исклучително профитабилна за експлоатација, особено при денешните астрономски цени на берзите.
- Позицијата на „Тетијанскиот металогенетски појас“
Локалитетот „Луке“ лежи директно во рамките на Српско-македонскиот масив, кој е дел од глобално познатиот Тетијански појас. Ова е истата геолошка структура која ги формира некои од најбогатите светски рудници за бакар и злато низ Балканот и Мала Азија. Специфичните вулкански и хидротермални процеси што се случувале пред милиони години на овој терен создале идеални услови за таложење на т.н. стибнит (природен сулфид на антимон).
- Огромни резерви
Според документите од деталните геолошки евалуации и историските извештаи, математичкиот модел на локалитетот во овој момент покажува историски сертифицирана база од 135.000 тони богата руда со висока содржина од 4,62% чист антимон, како и долгорочна истражувачка цел за проширување на капацитетот до 3 милиони тони во Осоговскиот масив. Овие количини гарантираат 15-годишен животен век на рудникот и покривање на 7% од светскиот пазар, што го рангира Луке меѓу најсериозните идни критични рударски операции на европско тло.
- Модерните дијамантски дупчења и геофизика
Но, сепак, проценките веќе не зависат само од старите социјалистички мапи. Во текот на изминатите неколку месеци, Пела Глобал реализираше софистицирани геофизички и пасивни сеизмички истражувања на теренот.
Дополнително, преку детална анализа на над 4.300 метри историски јадра од дијамантски дупчења, потврдено е дека под земјата не само што има антимон, туку локалитетот крие и целосно недопрено полиметално тело богато со злато, сребро, бакар, олово и цинк (познато како проект „Самар“).
Од истражување до меѓународен код
Проценките во овој момент го минуваат најважниот пазарен филтер. Со парите од САД, на терен веќе е започната Првата фаза на програмата за дефинирање на ресурсите, која вклучува нови 3.000 метри итни контролни дупчења.
Целта на оваа операција е сите историски југословенски податоци и нови мерења да се преточат во т.н. JORC извештај – глобално признат австралиски стандард за рударски резерви. Штом овој извештај ќе биде готов (при планираното излегување на компанијата на берзата во Сиднеј), пазарот точно во тон ќе дознае колкаво е македонското богатство.



