Од рудник до локален развој: Како рударството да стане мотор на македонската економија

Рударскиот сектор традиционално претставува еден од клучните столбови на македонската индустрија и еден од главните двигатели на макроекономската стабилност. Но, во ера на масовна миграција и демографски промени, улогата на големите рударски капацитети во градовите како Радовиш, Пробиштип, Кавадарци или Делчево го надминува чистото ископување на руда.

Рударството не е само индустрија која обезбедува минерални суровини и работни места. Во средините во кои функционираат рудници, неговото влијание се чувствува во речиси секој сегмент од локалната економија – од транспортот, угостителството и трговијата, до услугите, образованието и инфраструктурата. Токму затоа иднината на рударските региони не треба да се гледа само низ производството на рудникот, туку и низ тоа колку економска вредност останува во локалната заедница.

Столбовите на македонското рударство и нивниот придонес

Македонската економија во голема мера се потпира на извозот на суровини, каде што клучна улога играат неколку децениски активни рударски капацитети:

Рудникот „Саса“ (Македонска Каменица) - еден од најмодерните подземни рудници за олово и цинк, е главен економски двигател на целиот Источен регион. Рудникот инвестира милиони евра во локалната инфраструктура, спортски клубови, патишта и еколошки проекти, истовремено одржувајќи високи плати кои се далеку над државниот просек.

Рудникот Бучим (Радовиш/Конче/Штип) претставува јадрото на производството на бакар во земјата. Со околу 650 директно вработени, овој гигант гарантира долгорочна економска стабилност за Радовиш и околните општини.

Рудниците „Злетово“ (Пробиштип) и „Тораница“ (Крива Паланка) – претставуваат капацитети кои со децении го формираат урбаниот и социјалниот идентитет на Пробиштип и околината, обезбедувајќи егзистенција за голем дел од локалното население.

Директна корист за државата и за општините

Придонесот на овие рударски капацитети се мери преку два клучни канали – придонес за државата и придонес за општините.

Рударскиот сектор континуирано учествува со околу 2% од вкупниот Бруто-домашен производ (БДП) на државата. Вкупниот извоз од рударството сочинува околу 3,2% од вкупниот извоз на Македонија. Секторот остварува позитивен трговски биланс со нето-извоз од над 135 милиони евра годишно само во делот на металите.

Истовремено, преку концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини, рудниците уплаќаат милионски суми за локалнит самоуправи. Дури 78% од овие средства завршуваат директно во буџетот на општината каде што се врши експлоатацијата, а само 22% одат во државниот буџет. Тоа значи дека парите од рудникот директно се претвораат во нови локални патишта, водоводи, канализации, реновирани училишта и градинки во Радовиш, Пробиштип, Македонска Каменица и други. Наплатата на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини инаку достигна историски највисоко ниво од околу 19,8 милиони евра.

Економски мултипликатор во пракса

Еден рударски капацитет директно вработува работници, но неговото економско влијание е многу пошироко. На рудникот му се потребни транспортни компании, механизација, сервисери, градежни фирми, инженерски и консултантски услуги, угостители, трговци и голем број други добавувачи.

Тоа е економскиот мултипликатор на рударството – секое поголемо производство може да создаде дополнителна економска активност надвор од самиот рудник.

Според официјалните економски анализи во земјата, секторот „рударство и вадење на камен“ генерира дополнителни над 5.600 работни места во други дејности преку индиректни и индуцирани ефекти. Секое работно место во рудникот отвора уште 3 до 4 работни места. Станува збор за локални добавувачи (транспорт, логистика, машински и занаетчиски услуги), како и услужен сектор (продавници, ресторани, банкарски филијали чиј промет директно зависи од куповната моќ на рударите).

Дополнително, просечната плата во рударството континуирано расте и веќе надминува 61.000 денари, веднаш зад просекот на платите на информатичарите и оние во финансискиот сектор, што го прави овој сектор исклучително конкурентен на пазарот на труд.

Предизвикот со кадарот и како да се задржат младите

Но, и покрај високите примања, секторот се соочува со сериозен аларм. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на работници во рударството падна од 6.678 во 2022 година на 4.364 во 2025 година, со тренд на намалување и во 2026 година.

Затоа, еден од најголемите предизвици за рударските региони не е само обезбедувањето работни места, туку задржувањето на младите.

Овој дефицит на кадар главно се должи на миграцијата на младите луѓе. Сепак, овој предизвик нуди и нова шанса. Младите генерации веќе не мора да гледаат на рударството како на тешка физичка работа. Модерните рударски капацитети сè повеќе имплементираат висока технологија, автоматизација и дигитални системи кои бараат инженери, ИТ оператори и техничари.

За да се трансформира рударскиот профит во долгорочен социјално-економски развој, потребна е и координирана стратегија меѓу менаџментот на рудниците и локалните власти. Голема помош може да даде дуално образование и стипендии. Односно, компаниите уште во средните училишта во Пробиштип, Радовиш, Кавадарци и други општини да понудат платена пракса, менторски програми и сигурни, високоплатени позиции веднаш по дипломирањето.

Истовремено и општините не смеат да ги трошат парите од концесиите само за тековни трошоци туку дел од средства мора наменски да се инвестираат во поддршка на млади претприемачи кои ќе ја диверзифицираат локалната економија.

Од исклучително значење за младите семејства да останат да живеат во овие градови секако е  рудниците да почитуваат еколошки стандарди и да инвестираат во филтри, заштита на водите и рекултивација на земјиштето.

Праведна транзиција не значи напуштање на рударството

Во европскиот контекст сè повеќе се зборува за праведна транзиција – процес во кој регионите зависни од одредени индустрии се подготвуваат за економските промени што ги носи зелената транзиција.

За рударските општини тоа не значи дека рударството треба да исчезне. Напротив, современото рударство денес се смета за дел од зелената економија, особено затоа што бакарот, цинкот, оловото и другите минерални суровини се потребни за електрификација, енергетска инфраструктура и индустриски технологии.

Токму затоа светот е денес во „трка“ по критичните минерали, што треба да биде шанса која и Македонија, која има рударска традиција и располага со значителни резерви токму од дел од овие метали, треба да ја икористи. А со правилно насочување на економскиот мултипликатор, рударските општини можат да бидат пример за економски најстабилните и најнапредните региони во државата.