Волфрамот станува метал кој повторно го бараат големите сили

Вашингтон издвојува стотици милиони долари за американско производство, Пентагон склучува договор вреден до 2 милијарди долари за стратешки залихи, а Руанда добива удел во нов проект за волфрам. Во позадина е Кина, која произведува околу 80 проценти од светскиот волфрам. Металот кој долго време беше во сенка на бакарот, литиумот и ретките земјени елементи повторно станува прашање на индустриска и национална безбедност.

Волфрамот добива внимание какво што одамна немал

Причината не е ново откритие на неговите својства, туку нешто многу посуштинско: светот сфаќа колку е зависен од ограничен број извори на овој метал.

На 14 септември американската компанија Elmet Group објави дека нејзина подружница добила договор вреден до 2 милијарди долари од американската Defense Logistics Agency за поддршка на обновувањето на американската National Defense Stockpile и за зајакнување на синџирот на снабдување со волфрам. Истовремено, американското Министерство за одбрана се обврза на 450 милиони долари инвестиција во Elmet за зголемување на домашното производство и преработка.

Само еден ден порано, канадската компанија Almonty Industries и Руанда потпишаа договор за развој и преработка на волфрам, при што Руанда ќе добие 25 проценти удел во проектот. Договорот е дел од пошироката американски поддржана рамка за обезбедување критични минерали.

Зошто токму волфрам?

Волфрамот има една особина што е тешко да се надомести – комбинација од исклучително висока точка на топење, густина, тврдина и отпорност на абење и високи температури. Со точка на топење од околу 3.422 степени Целзиусови, тој е метал со највисока точка на топење.

Овие својства го прават особено важен за производство на тврди легури и волфрамов карбид, кои се користат во алати за сечење, дупчење и обработка на метали.А тоа директно го поврзува волфрамот со рударството, градежништвото, машинската индустрија и производството.

Без волфрамов карбид, на пример, современото дупчење и обработката на исклучително тврди материјали би биле значително потешки и поскапи.

Но индустриската употреба е само едната страна од приказната.

Волфрамот има важна улога и во воздухопловната и вселенската индустрија, електрониката, енергетиката и одбраната.

Токму неговата комбинација од индустриска и воена примена го прави особено чувствителен во услови на геополитички тензии.

Кина произведува речиси четири од секои пет тони

Најголемиот проблем е концентрацијата на производството. Според најновиот Mineral Commodity Summaries 2026 на американскиот Geological Survey, во 2025 година во светот биле произведени околу 85.000 тони волфрам, од кои Кина произвела околу 67.000 тони. Тоа значи дека Кина учествувала со приближно 79 проценти од светското рударско производство.

USGS дополнително покажува дека Кина не е само голем производител на руда. Таа има значајна позиција и во поширокиот синџир на снабдување, додека нејзините сопствени потреби за волфрам исто така растат. Во 2025 година Кина била водечки производител, увозник и потрошувач на волфрамски концентрати.

Токму затоа проблемот не е само во тоа што еден производител има голем удел. Проблемот е што новиот рудник надвор од Кина не значи автоматски дека светот добива целосно независен синџир на снабдување.

Потребни се и преработка, рафинирање и производство на материјали со висока додадена вредност.

Извозните ограничувања ја променија пазарната слика

Во февруари 2025 година Кина воведе извозни контроли за одредени волфрамски производи. Последиците се почувствуваа на пазарот.

USGS наведува дека цените на волфрамските производи во 2025 година силно пораснале. Просечната цена во Ротердам за 65-процентен волфрамов концентрат се зголемила од околу 266 на 551 долар по метричка тонска единица, додека цената на амониум-параволфраматот – APT – се зголемила од 331 на 675 долари.

Ројтрс во јануари 2026 извести дека цените достигнале рекордни нивоа, во услови на ограничено снабдување, растечка индустриска и одбранбена побарувачка и кинески извозни ограничувања.

Тоа е моментот во кој волфрамот престанува да биде само стока на пазарот. Станува стратешка суровина.

Вашингтон не сака да зависи од Кина

Најновите потези на САД го покажуваат тоа можеби најдобро. Со инвестицијата од 450 милиони долари во Elmet, Вашингтон сака да ја зголеми домашната способност за производство и преработка на волфрам. Дополнителниот договор вреден до 2 милијарди долари треба да помогне во обновувањето на американските стратешки резерви. Планот вклучува и инвестиции во рударски проекти и преработка, вклучително и развој на нови капацитети и пристап до суровина од сојузнички земји.

Ова е важна промена во американската политика. Владата директно влегува во синџирот на снабдување. Причината е националната безбедност.

Руанда покажува дека трката е глобална

Договорот меѓу Almonty Industries и Руанда од 14 септември е уште еден показател за новата географија на волфрамот. Руанда ќе има 25 проценти удел во проектот, кој вклучува развој и преработка на волфрам. Вашингтон го поддржува процесот како дел од пошироката стратегија за диверзификација на синџирите на критични минерали.

Тоа е интересен пресврт за Африка. Континентот повеќе не сака само да извезува руда. Сè поголем акцент се става на локалната преработка и поголемата додадена вредност.

Европа има волфрам, но има проблем со преработката

Волфрамот е дел и од европската политика за критични суровини. Според европската регулатива, тој е и критична и стратешка суровина. ЕУ го вклучува меѓу материјалите од особено значење за стратешките технологии, индустријата и одбраната.

Европската комисија проценува дека ЕУ има одредена домашна екстракција и преработка на волфрам, но зависноста од трети земји е значително поголема во фазата на преработка – околу 80 проценти.

Тука лежи европскиот проблем. Не е доволно да се најде рудно тело. Потребно е да постои цел синџир.

Токму затоа Европа во рамките на Актот за крритични суровини постави цел до 2030 година да ја зголеми домашната способност за екстракција, преработка и рециклирање на стратешките суровини. Регулативата предвидува капацитетите во Унијата да можат да обезбедат најмалку 10 проценти од годишната потрошувачка преку екстракција, 40 проценти преку преработка и 25 проценти преку рециклирање.

Старите рудници повторно добиваат вредност

Новата геополитика на критичните суровини ја менува и економијата на старите рударски проекти. Наоѓалиште кое пред една деценија било премногу скапо за развој може денес да стане стратешки важно ако обезбедува суровина која тешко може да се замени.

И тоа не се однесува само на волфрамот. Истата логика веќе се гледа кај антимонот, бакарот, литиумот, графитот и ретките земјени елементи. Економската вредност на минералот повеќе не ја определува само неговата берзанска цена.

Сè поважно станува и прашањето: колку е концентрирано производството, колку лесно може да се замени и колку време е потребно за да се отвори нов рудник?

Рециклирањето станува втор рудник

Волфрамот има уште една предност – може да се рециклира. Отпадот од тврди метални алати, волфрамов карбид и други индустриски производи може повторно да се користи како извор на суровина.

За Европа ова е особено важно. Ако нов рудник бара години за развој, рециклирањето може побрзо да ја зголеми достапноста на материјалот и истовремено да ја намали зависноста од увоз.

Што значи ова за Македонија?

Волфрамот отвора интересно прашање и за македонското рударство.

Македонија има долга традиција во експлоатацијата на метални минерали, но новата ера на критични суровини бара пошироко гледање на геолошкиот потенцијал.

Не е доволно да се праша само каде има бакар, олово, цинк или злато. Потребно е да се знае кои други елементи се присутни во рудните тела и дали со современи технологии можат економски да се издвојат.

Ова е особено важно кај полиметалните наоѓалишта и кај јаловиштата, каде минералите што во времето на отворањето на рудникот немале економско значење денес можат да имаат поинаква вредност.

Токму тука се среќаваат геологијата, новите технологии и циркуларната економија.

Не затоа што е најпознатиот метал, туку затоа што без него голем дел од модерната индустрија едноставно не може лесно да функционира.

И токму затоа металот кој долго време беше во сенка повторно се враќа во центарот на вниманието.