Шест години по рестартирањето на рударскиот сектор, амбициите на Египет за ископ на злато добиваат конкретна форма

Египетскиот рударски сектор оваа недела привлече стотици милиони долари во планирани инвестиции, во време кога компаниите трагаат по злато и други минерали во земјата која често се смета за една од најслабо истражените во Африка.

Неколку компании кои добија лиценци за истражување се сè поблиску до потврдување на наоѓалишта на злато способни да поддржат комерцијални операции, изјавија раководни лица на маргините на Египетскиот рударски форум.

Поттик за интересот се цените на златото кои нагло пораснаа, надминувајќи ја границата од 5.000 долари за унца оваа година за првпат, бидејќи инвеститорите бараа сигурно засолниште во време на геополитичка и трговска неизвесност.

Поминаа околу шест години откако Египет го реформираше својот закон за рударство, укинувајќи го барањето за поделба на производството и други правила со цел да привлече инвеститори и да ги развие ресурсите за кои властите веруваат дека се значителни и неискористени. Сепак, за да постигне ниво на производство еднакво на она на другите африкански производители, земјата ќе мора да се справи со нелегалниот ископ, бирократските одложувања и другите пречки што сè уште ги одвраќаат инвеститорите.

Цели на Владата до 2030 година

Златото во Египет се ископува уште од времето на фараоните, но современото производство главно доаѓа од рудникот „Сукари“ – голем комплекс за површинско и подземно ископување, лоциран југозападно од одморалиштето Марса Алам на Црвеното Море.

Рудникот, со кој управува јужноафриканската компанија „АнглоГолд Ашанти“ откако ја презеде „Сентамин“ во 2024 година, досега има дадено повеќе од 6,8 милиони унци злато, а моментално произведува околу 500.000 унци годишно.

Египетската влада сака да го зголеми производството на злато на 800.000 унци годишно до 2030 година и, на крајот, да го зголеми придонесот на рударскиот сектор во бруто-домашниот производ на околу 6%, од сегашните помалку од 1%.

Остварувањето на оваа цел делумно зависи од тоа дали поновите компании во секторот ќе произведуваат повеќе и ќе потврдат постоење на поголеми наоѓалишта отколку што е утврдено досега.

Компанијата „Шалатин Минерал Рисорсис“, државно контролиран потфат во кој делумен сопственик е економското тело на египетското Министерство за одбрана, соопшти дека минатата година произвела повеќе од 900 килограми (околу 29.000 унци) злато.

Компанијата „Абу Марават Голд Мајнс“ планира да започне со комерцијално производство следната година во концесиско подрачје што содржи резерви од околу 150.000 унци злато, изјави претседателот и извршен директор Ајман Ибрахим. Станува збор за заедничко вложување помеѓу египетскиот орган за рударство и канадската компанија „Атон Рисорсис“.

Компанијата продолжува со истражувачките активности и се надева дека ќе достигне резерви од 2 милиони унци, додаде тој.

Истражување на нови наоѓалишта

Истовремено, во тек се низа ветувачки истражувања на нови ноѓалишта.

Компанијата „Akh Gold“ направи ветувачки откритија во една од областите за кои поседува лиценца во Централно-источната пустина. Областа се наоѓа на Арапско-нубискиот геолошки штит, карпеста формација богата со минерали што се протега преку Црвеното Море и продолжува на југ кон Судан, Еритреја и Етиопија.

„Афак Мајнинг“, приватна египетска компанија која соработува со „Шалатин“, идентификуваше наоѓалиште со околу 305.000 унци злато во концесијата во југоисточната пустина на Египет. Компанијата планира да инвестира околу 146 милиони долари во текот на следните четири до пет години во понатамошни истражувања и во изградба на капацитет за почетно производство, рече тој.

Компанијата „Ред си ресурсис“, канадска фирма основана во 2020 година, започна со дупчење на две од нејзините три лиценцирани подрачја.

„Lotus Gold Corporation“, подружница на канадската „Ongwe Minerals Inc.“, идентификуваше „неколку добри потенцијални локации“ во рамките на лиценцираните подрачја што опфаќаат околу 2.000 квадратни километри и планира да ги интензивира понатамошните истражувања.

„Saudi Gold Refinery Co.“, приватна рударска компанија со седиште во Ријад која поднесе понуди во најновиот круг на доделување лиценци, планира да потроши 10 милиони долари за истражување во текот на следните две години. Компанијата очекува до 2030 година да инвестира вкупно околу 200 милиони долари во Египет, вклучително и во развој на рудници и производствени капацитети.