Може ли македонскиот „соларен бум“ да го запали рестартот на „ФЕНИ“?

Додека кавадаречки „ФЕНИ Индустри“ (Еуроникел) се наоѓа во стечаен лавиринт, глобалниот пазар испраќа сигнали кои целосно ја менуваат математиката за негов можен рестарт. Во ера кога Европската комисија будно ги следи рудниците за да спречи одлевање на „зелениот никел“ со ниска емисија на јаглерод, Македонија има еден скриен адут кој претходно го немаше: енормно зголемено домашно производство на електрична енергија од обновливи извори (ОИЕ).

Прашањето веќе не е дали има руда, туку дали новата македонска „зелена енергија“ може да ја направи профитабилна фабриката при тековните пазарни цени.

Каде се движат цените и каква е исплатливоста?

На Лондонската берза на метали (LME), цената на никелот во моментов се стабилизира на нивоа околу 16.260 долари по тон. За разлика од претходните години кога цените паѓаа под 14.000 долари, реномирани глобални финансиски институции, како Goldman Sachs, ги зголемија своите прогнози за просечната цена на никелот за периодот што следи на 17.300 до 18.500 долари по тон, поради структурни тесни грла во Азија.

За „ФЕНИ“, оваа цена е на самата граница на рентабилност според старата методологија на работа. Кога комбинатот работи со полн капацитет, тој троши огромно количество струја и е најголемиот поединечен потрошувач во државата.

При претходните кризи, кога цената на струјата на регионалната берза HUPX беше висока, сметката за струја на „ФЕНИ“ изнесуваше и до 70% од вкупните производствени трошоци, што водеше до неодржливи загуби. Со тековните цени на никелот, фабриката не може да преживее ако купува скапа, традиционална струја од увоз.

Македонскиот соларен штит: Клучот за евтино производство

Тука на сцена стапува економскиот пресврт. Во последните неколку години, Македонија доживеа вистинска соларна револуција. Инсталирани се стотици мегавати во фотонапонски централи, а државата дури мораше да воведеи  ограничување во издавање на дозволи за нови капацитети и воведе годишно планирање.

Ова значи дека идниот инвеститор во „ФЕНИ“ може да склучи долгорочни договори за купување струја директно со домашните приватни инвеститори во големи соларни паркови. Овие договори нудат фиксна и исклучително ниска цена на струјата во период од 10 до 15 години, овозможувајќи му на комбинатот предвидливост на трошоците.

Производството на феронкел со користење на македонска соларна струја автоматски му дава на финалниот производ етикета на „ниско-јаглероден метал“. Бидејќи европските челичарници мора да ги задоволат строгите еколошки стандарди на ЕУ, тие се подготвени да платат повисока (премиум) цена за ваков чист никел, само за да избегнат пенали за загадување.

Новата математика на рестартот

Редизајнирањето на „ФЕНИ“ од традиционален индустриски потрошувач во „зелен топилнички центар“ кој го користи македонскиот соларен вишок е единствениот реален пат за негов долгорочен опстанок. Домашната струја од сонцето не поскапува.

Доколку се најде стратешки инвеститор со визија да ги врзе гигантските печки со македонските соларни полиња, кавадаречкиот гигант не само што може да се рестартира, туку може да стане клучна алка во еколошката транзиција на европската челична индустрија.