Цената на бакарот ќе остане на историски рекордно високо ниво, откако Светска банка ја зголеми својата долгорочна прогноза за цената на овој метал за дури 18%. Според најновиот октомвриски извештај „Commodity Markets Outlook“, новите рударски капацитети и проекти ширум светот се соочуваат со сериозни потешкотии да го следат експлозивниот раст на побарувачката.
Рекордна вредност од 13.000 долари по тон
Во својата ревидирана економска проекција, Светска банка ја зголеми проценката за цената на бакарот за 2027 година на 13.000 американски долари по метрички тон (околу 5,90 долари за фунта).
Оваа сума е само за нијанса (1,5%) пониска од просекот проектиран за тековната 2026 година, кој изнесува рекордни 13.200 долари по тон. Ова јасно сигнализира дека рударскиот сектор влегува во долготраен период на високи маржи и зголемена валоризација на бакарните руди.
Кои се главните двигатели на пазарот?
Експертите на Светска банка лоцираат неколку клучни фактори кои го диктираат ваквиот тренд.
Првиот е бавното отворање нови рудници. Клучните земји производители, како Чиле и Индонезија, бележат побавен раст на понудата од очекуваниот поради оперативни предизвици и долги процедури за одобрување проекти.
Дополнително, забраната за извоз на бакарен концентрат во Демократска Република Конго уште повееќе го стегна глобалниот пазар.
Како важен фактор се наведува и енергетска транзиција и вештачката интелигенција. Масивните инвестиции во обновливи извори на енергија, електрични возила и изградбата на напредни дата-центри за вештачка интелигенција буквално ја „голтаат“ оваа суровина.
Металуршки и пазарни превирања
Дополнителен притисок врз пазарот прави и географската прераспределба на залихите. Трговците масовно акумулираат бакар во американските Comex складишта како заштита од потенцијални трговски тарифи.
Истовремено, извештајот нотира интересен структурен дебаланс во глобалниот синџир: Чиле и понатаму рудари една четвртина од светскиот бакар, но топи и преработува само 4% од него, што укажува на сериозна зависност од прекуокеанските топилници во време кога логистичките трошоци и енергенсите енормно растат.
Општиот индекс на метали и минерали на Светска банка за 2027 година се очекува да биде за 16% повисок од претходниот врв во 2021 година, позиционирајќи го бакарот како апсолутен лидер на пазарот на обоени метали.



