„Фортескју“ ја претстави првата технологија во светот за отстранување на арсен од бакарен концентрат

Австралискиот рударски гигант „Фортескју“ успешно ја демонстрираше ефикасноста на својата нова патентирана технологија „Тувонг процес“, реализирајќи ја првата комерцијална продажба на повеќе од 40 тони исчистен бакарен концентрат. Оваа иновација решава еден од најголемите металуршки и еколошки предизвици во глобалната рударска индустрија, а тоа е високото присуство на токсичен арсен во бакарните руди.

Додека глобалната побарувачка за бакар се очекува да порасне за над 50% до 2050 година за потребите на зелената транзиција, чистите рудни лежишта брзо се исцрпуваат. Рударите се принудени да развиваат комплексни лежишта со висока концентрација на арсен, што придонесуваше ваквите концентрати да не можат да се продадат или да бидат подложни на високи финансиски пенали од страна на топилниците.

Како функционира „Тувонг процесот?

За разлика од конвенционалниот метод на печење, кој користи екстремно високи температури (од 300°C до 700°C), троши огромна енергија и генерира опасни гасови, технологијата на „Фортескју“ нуди хидрометалуршка алтернатива.

Процесот се одвива на ниска температура и низок притисок на водена база.

За време на тестирањата во демо-погонот во Бризбејн, кои траеја над 3.000 работни часови, нивото на арсен во суровината беше намалено од критични 7% на под 0,25%. Ова е далеку под комерцијалните граници за пенали на пазарот.

Процесот е исклучително селективен, односно, го отстранува арсенот, но задржува повеќе од 99,9% од чистиот бакар во концентратот.
Прито, наместо испуштање токсична прашина во воздухот, арсенот се заробува во форма на стабилен, цврст производ кој може безбедно да се депонира или дополнително да се користи во индустријата (на пр. за полупроводници).

Стратешко значење за идните рударски проекти

Оваа технологија отклучува огромна економска вредност за рударските компании. „Фортескју“ веќе ја тестира технологијата на концентрати од својот голем проект за бакар „Кањарико“ во Перу каде што успешната имплементација ќе овозможи претворање на претходно неискористените ресурси во комерцијални резерви.

Компанијата планира не само да ја користи технологијата за сопствените глобални рударски капацитети, туку и комерцијално да ја лиценцира на други рударски оператори ширум светот.