Индустриски кран за ракување со метален отпад во постројка за преработка

ЕУ во последниот повик поддржа 11 стратешки мега-погони за преработка на критични метали

Во глобалната трка за технолошка превласт, ископувањето на руда е само половина од битката. Вистинската моќ лежи во процесирањето (рафинирањето), што е клучната фаза во која суровиот материјал се трансформира во чист метал со висок квалитет. Европската комисија, во рамките на вториот голем бран од Актот за критични суровини, официјално одобри 11 стратешки проекти за процесирање, распределени низ цела Европа, со цел да се стави крај на кинескиот монопол врз рафинирањето на метали.

Овие фабрики и рафинерии ќе добијат статус од национален интерес во матичните држави, што им гарантира забрзани административни дозволи во рок од најмногу 15 месеци и приоритетен пристап до европските фондови.

Новиот бран проекти за процесирање е стратешки поделен во неколку клучни индустриски сектори.

Балкански столбови за бакар и магнезиум

• „Танкхаус Експанзион Пирдоп“, Бугарија
Овој проект вреден 120 милиони евра ќе го зголеми производството на рафиниран бакар во Пирдоп за дури 50% (до 340.000 тони годишно). Оваа инвестиција овозможува целосна локална преработка на бакарните аноди без потреба од скап транспорт во странство.
• „Верде Магнезиум Индустрис“ (Verde Magnesium Industries), Романија
Компанијата Верде Магнезиум Индустрис доби зелено светло за рестартирање на производството на магнезиум во Романија. Овој проект е од критично значење за авиоиндустријата и автомобилскиот сектор во ЕУ, каде легурите на магнезиум се незаменливи за олеснување на конструкцијата на возилата.

Скандинавско-балтички синџир за батериски метали и ретки земји

• „Силмет“, Естонија
Овој проект е еден од ретките капацитети надвор од Азија за преработка на ретки земјени елементи. Фабриката во Естонија ќе рафинира неодиум и празеодиум со висока чистота, кои се клучни за производство на магнети за електрични возила и ветерни турбини.
• „КоНиКо“, Финска
Металскиот гигант Умикоре започнува голем проект за рафинирање на кобалт и никел со батериски квалитет во Кокола. Овој погон ќе стане главното јадро за снабдување со чисти катодни материјали за европските гигафабрики за батерии.
• „Проект Арктиал“, Финска
Проектот воведува иновативни и поеколошки методи за процесирање во синџирот на снабдување на боксит, алумина и алуминиум.

Технолошки напредок во Франција и Италија

• „НЕОМАТ-ПЦАМ“,Франција
Проектот на компанијата НЕОМАТ-ПЦАМ е фокусиран на производство на прекурсори за активни катодни материјали од кобалт, манган и никел, заокружувајќи го францускиот батериски кластер.
• „ЛУЕРН“, Франција
Овој проект е насочен кон напредна металуршка обработка на титаниум со висок квалитет за потребите на воената одбрана и воздухопловната индустрија (Ербас).
• „Алкеемија ПуреГраф“, Италија
Компанијата Алкеемија доби поддршка за процесирање на графит со батериски квалитет, суровина која сочинува речиси 50% од тежината на анодата во секоја литиум-јонска батерија.

Словачка и Шпанија со фокус на алуминиум, галиум и волфрам

• „ГаРефајн“, Словачка
Иновативен проект на компанијата CMK s.r.o. за рециклирање и рафинирање на галиум. Овој проект е стратешки штит за европската индустрија за полупроводници и микрочипови, каде галиумот е дефицитарен материјал.
• Модернизација на „Словалко“, Словачка
Компанијата Словлако доби стратешки статус за проект кој опфаќа диверзификација и еколошко производство на примарен алуминиум, со цел повторно заживување на капацитетите со помош на зелена енергија.
• „ЕУ АПТ Тунгстен Плент“, Шпанија
Станува збор за изградба на специјализиран погон за преработка на аммониев паратунгстат од волфрам. Овој метал е клучен за екстремно отпорните алати кои се користат во тешката и воената индустрија.

Геополитички пресврт за ЕУ

Со одобрувањето на овие 11 преработувачки капацитети, Европската Унија јасно покажува дека веќе нема да дозволи нејзините сурови руди да се извезуваат во Азија за финална обработка. Преку воспоставување на сопствени рафинерии за литиум, бакар, графит, титаниум и ретки земјени елементи, Европа го враќа сопствениот индустриски суверенитет и создава сигурна, затворена и еколошки контролирана вредносна верига.