Глобалниот пазар на литиум се соочува со досега невиден предизвик, кој отвора огромна дебата во рударската индустрија: како да се задоволи енормната побарувачка за батерии во ерата на електрификацијата. Според најновата анализа на реномираната агенција „Бенчмарк Минерал Интелиџенс“, глобалната побарувачка за литиум драматично ќе се зголеми. Од 2,11 милиони тони еквивалент на литиум карбонат (LCE) во 2026 година, таа ќе се утрои и ќе достигне речиси 7 милиони тони LCE до 2050 година.
За да се пополни овој огромен јаз, на светот му се потребни дури 134 нови рудници, проект чија вредност на инвестиции се проценува на над 100 милијарди долари.
Јаз меѓу побарувачката и капацитетите
За да се постигне оваа цел, математиката на „Бенчмарк“ покажува дека секој од новите 134 рудници би морал да има просечен капацитет од 36.000 тони LCE годишно. Тоа практично значи дека рударскиот сектор мора да испорачува по еден нов оперативен рудник на секои два месеци во следните 24 години.
Главниот фокус на побарувачката паѓа на електричните возила кои денес генерираат 55% од побарувачката, но до средината на векот ќе „голтаат“ дури 76% од вкупниот глобален литиум.
Батериите веќе сочинуваат 92% од вкупната потрошувачка на овој метал (за разлика од 70% во 2020 година).
Аналитичарите предупредуваат дека овие 134 рудници се само основното сценарио. Доколку државните политики за еколошка транзиција дополнително се забрзаат, побарувачката може да скокне до 9 милиони тони LCE. Во тој случај, на светот ќе му бидат потребни дури 180 нови рудници и капитални инвестиции од фантастични 150 милијарди долари.
Главни предизвици
Постојат неколку главни предизвици за рударскиот сектор. Првиот секако се долгите временски рокови и дозволи. Од првичното откривање на наоѓалиште до комерцијално производство се потребни меѓу 7 и 15 години. Во западните пазари регулаторниот притисок дополнително го забавува овој процес.
Иако се очекува рециклираните материјали да покријат речиси 50% од пазарот до 2050 година, тоа целосно зависи од брзината со која батериите ќе стигнат до крајот на својот животен век. Доколку рециклирањето потфрли за само 1 тон, тој тон ќе мора да се ископа од земја.
Кина се очекува и натаму да задржи стабилна четвртина (25%) од глобалното рударско производство, благодарение на нејзината развиена инфраструктура, додека Европа и Северна Америка се мачат да фатат приклучок.
Австралија, како најголем рударски регион за литиум, во 2026 година држи 29% од глобалниот пазар, но поради исцрпување на постоечките резерви се предвидува нејзиниот удел да падне на 20% до 2050 година.
Кој ќе ја преземе иницијативата?
Додека традиционалните рударски гиганти се претпазливи поради нестабилните ценовни циклуси, притисокот се префрла врз помалите истражувачки компании и автомобилските гиганти кои сè почесто директно го финансираат рударството. Затоа, суштината на прашањето не е дали литиумот го има во земјата, туку кој ќе успее да го одржи инвестицискиот бран во трка со сектори како вештачката интелигенција (ВИ) и одбраната, кои исто така се борат за истиот глобален капитал.



