Кога во македонската јавност се зборува за рударство, вниманието речиси секогаш е насочено кон обоените метали како бакарот, оловото и цинкот. Но, далеку од фокусот на секојдневните дебати, секторот на неметалични минерални суровини претставува еден од најстабилните, најпрофитабилните и најизвозно ориентираните сегменти на домашната економија.
Од светски познатиот бел мермер од Прилеп и врвниот дебарски гипс, па сè до недоволно искористените резерви на кварц и дијатомит, Македонија располага со суровинска база која снабдува градежни, хемиски и технолошки индустрии низ целиот свет.
Мермерот „Сивец“ е луксузен бренд на светските пазари
Најпознатиот амбасадор на македонските неметали е снежнобелиот доломитски мермер „Сивец“, кој се експлоатира во околината на Прилеп. Поради својата исклучителна белина, ситнозрнеста структура и цврстина, овој камен е баран за репрезентативни објекти, хотели, џамии и луксузни ентериери од Блискиот Исток и Кина, па сè до Европа и САД.
Водечкиот производител во овој сегмент, Мермерниот комбинат АД Прилеп „извезува речиси 99% од своето вкупно производство на странските пазари, што на годишно ниво изнесува околу 30,2 милиони евра (според целосните финансиски резултати за 2025 година). Компанијата важи за еден од најголемите нето-извозници и најпрофитабилни индустриски капацитети во земјава.
Најголем предизвик е што најголем дел од мермерот сè уште се извезува во форма на сурови блокови, наместо како финално обработени плочи и архитектонски елементи, каде што додадената вредност е неколкукратно поголема.
Дебарскиот гипс пример за финализација на суровината
Ако мермерот е пример за висок извоз на суровина, гипсот од Дебарско (особено од наоѓалиштата во околината на селата Бањиште и Радеша) е најдобриот домашен доказ како природното богатство се претвора во готов индустриски производ. Гипсот од овој регион се одликува со висока хемиска чистота, што го прави идеален за градежната индустрија, медицината и индустријата за цемент.
Преку фабриката Кнауф Радика АД Дебар, суровиот гипс директно се преработува во готови градежни материјали. Според официјалните податоци на Кнауф, годишниот производствен капацитет на фабриката изнесува 13 милиони квадратни метри гипскартонски плочи и 200.000 тони гипсени производи и малтери. Дури 85 проценти од ова производство завршува на странските пазари, пред сè во Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Косово, додека 15 проценти ги задоволуваат потребите на домашниот пазар.
Врз основа на вкупниот остварен приход од околу околу 44,9 милиони евра во 2025 година, вредноста на годишниот извоз се движи околу 38 милиони евра.
Кварц и кварцит како стратешки суровини
Кварцот и кварцитот се незаменливи во современата индустрија. Во зависност од чистотата, тие се користат во производството на стакло, керамика, леарски песоци, феросилициум, но и во технолошки напредни индустрии за соларни панели и микроелектроника.
Македонија располага со значајни појави и наоѓалишта на кварцити и кварцни песоци во повеќе региони, меѓу кои се издвојуваат Струмичко, Мариово, Порече (околината на Здуње), како и појавите на жичен кварц во Прилепско и Пелагонискиот масив.
Иако во земјава постои експлоатација на кварц и кварцит за потребите на градежништвото и локалната индустрија, вистинската економска шанса лежи во деталните технолошки испитувања на чистотата. Со процеси на збогатување и прочистување, домашниот кварц може да добие многу повисока извозна цена на европскиот пазар.
Дијатомитот чека вистинска валоризација
Еден од најинтересните, а воедно и најмалку познати индустриски минерали во Македонија е дијатомитот (дијатомејска земја). Станува збор за лесна, порозна седиментна карпа составена од фосилизирани остатоци на микроскопски алги (дијатомеи).
Најпознатите и најголеми резерви на дијатомит во земјава се наоѓаат во областа Мариово, поточно во атарот на селото Бешиште (Прилепско), каде што постојат наталожени езерски седименти со висок процент на аморфен силициум диоксид.
Поради својата микропорозна структура и мала специфична тежина дијатомитот е баран во светот, бидејќи е незаменлив филтерски медиум во прехранбената и фармацевтската индустрија (за филтрирање пиво, вино, сокови и лекови). Покрај тоа, се користи како природен апсорбент, изолациски материјал, полнило во бои и пластика, но и како еколошки инсектицид во земјоделството.
Наместо да стои како неискористен ресурс во ретко населеното Мариово, отворањето на современ капацитет за експлоатација и микронизација на дијатомитот кај Бешиште може да донесе нов економски импулс за овој крај и да позиционира македонски производ во прехранбената и хемиската индустрија во регионот.
Потреба од стратегија за поголема финализација
Заеднички именител за сите четири суровини е тоа што имаат стабилна побарувачка на европските и светските пазари, а нивната експлоатација е технолошки поедноставна и со помал еколошки отпечаток во споредба со металичните руди. Сепак, клучот за идниот развој на овој сектор не е само во количината на ископана суровина, туку во степенот на домашна преработка. Примерот со дебарскиот гипс покажува дека кога суровината се претвора во готов производ дома, користа за економијата и извозот е повеќекратно поголема.



