Активиран австралискиот рудник, погледните свртени и кон „Луке“

Австралиската рударска компанија Larvotto Resources официјално го рестартираше производството во рудникот Хилгров, кој се смета за еден од најважните независни извори на антимон и злато за западниот пазар.

Ова доаѓа како одговор на минатогодишната одлука на Кина да воведе строги квоти и рестрикции за извоз на антимон, пради што западната воена и технолошка индустрија се најде во паника. Како одговор, западните сојузници започнаа со агресивно активирање на алтернативни извори на овој редок метал, што директно го свртува светлото на рефлекторите и кон македонското подземје.

Хилгров - на 8 место во светот по резерви на антимон

Рудникот Хилров има фасцинантна историја – златото на оваа локација е откриено уште во далечната 1857 година. Модерното рударство започнува во 1969 година, но во 2014 година рудникот беше конзервиран и ставен во фаза на мирување поради тогашните екстремно ниски цени на антимонот на светските берзи.

Компанијата Larvotto Resources направи невиден пазарен трик кога во декември 2023 година го откупи тогаш затворениот и неактивен рудник од глобалниот трговски гигант Trafigura за само 8 милиони австралиски долари. Денес, по рестартирањето на рудникот, вредноста на компанијата на берзата во Сиднеј скокна на речиси 595 милиони долари.

Хилгров е инаку најголемото наоѓалиште на антимон во Австралија и се рангира на 8-то место во светот. Кога ќе постигне целосна оперативност, рудникот сам ќе задоволува околу 7% од вкупната светска побарувачка за антимон, што претставува повеќе од половина од понудата надвор од Кина.

Планирано е стабилно годишно производство од 4.900 тони чист антимон и над 40.000 унци злато. Првичниот план предвидува експлоатација во траење од 8 години, но компанијата веќе врши нови дупчења за да го претвори проектот во повеќедецениски рударски центар. Исто така, најавено е и идно ископување на волфрам, уште еден критичен метал.

Зошто антимонот е „метал на војната и мирот“?

Антимонот е еден од најважните, но најмалку експонираните критични минерали во светот. Тој е незаменлива суровина за две клучни индустрии:

  • Воена индустрија

Се користи за производство на муниција, заштитни оклопи, ракети, сонари и нуклеарно оружје. Модерните беспилотни летала и воената опрема на НАТО директно зависат од стабилно снабдување со антимон.

  • Зелена транзиција

Тој е клучен за забавување на горењето кај пластиката, како и за производство на високософистицирани соларни панели и батерии од следната генерација.

Со оглед на тоа што Кина и Русија досега контролираа над 70% од глобалното производство на овој метал, западниот пазар беше во позиција на екстремна ранливост, што го принуди Пентагон директно да финансира проекти за ископување антимон ширум светот.

Македонскиот антимон на светската мапа

Оваа глобална потрага по алтернативи за кинескиот антимон ја позиционира Македонија во самиот центар на западната безбедносна стратегија. Како земја членка на НАТО, македонското наоѓалиште на локалитетот „Луке“ во кривопаланечкиот регион веќе не е само обичен локален рударски проект, туку прашање од меѓународен интерес.

Рудникот „Луке“ има светски резерви на прагот на Европа.Најновите геолошки студии на теренот околу стариот рудник „Крстов Дол“ на локалитетот Луке покажаа дека тука се кријат едни од најголемите неактивирани резерви на чист антимон во светот. Теренот е богат и со придружни полиметални суровини како злато, сребро и бакар.

Рестартирањето на рудниците за антимон на Запад, како што е примерот во Австралија, потврдува дека светот влезе во ера каде суровините се третираат како национална безбедност. За Македонија, ова е историска можност да ги валоризира своите природни богатства. Преку паметна дипломатија и строг еколошки надзор, локалитетот „Луке“ може да ја трансформира земјава од пасивен увозник на енергија во клучен стратешки снабдувач на метали кои ја штитат безбедноста на НАТО алијансата и ја движат напред модерната технологија.