Американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп подготвува инвестиции во вредност од околу 3 милијарди долари за развој на домашното рударство и обезбедување критични минерали, како дел од стратегијата за намалување на зависноста од увоз и зајакнување на синџирите за снабдување.
Во фокусот на новата политика е отворањето и развојот на рударски капацитети за минерали од стратешко значење, меѓу кои ретки земји, скандиум, волфрам и германиум. Овие суровини се неопходни за производство на батерии, индустриски магнети, напредна електроника, но и за одбранбената индустрија.
На средба со повеќе од 200 претставници од рударскиот сектор, инвеститори и експерти, Трамп порача дека САД мора да го обноват и значително да го зголемат домашното производство на минерални суровини, со амбиција земјата повторно да стане глобална „минерална суперсила“.
Дел од средствата ќе бидат насочени директно кон нови рударски проекти. Министерството за одбрана, според најавите, ќе поддржи проекти за ископување скандиум, минерал кој се користи во специјални легури и напредни технологии, како и капацитети за производство и преработка на други критични суровини.
Паралелно со отворањето нови рудници, американските власти планираат да инвестираат и во преработката на минералите, сектор во кој Кина има значителна доминација. Целта е критичните суровини да не се извезуваат во необработена форма и потоа САД повторно да зависат од увоз на преработени материјали.
Новата стратегија го отвора прашањето за целиот синџир на рударската индустрија – од геолошките истражувања и откривањето нови наоѓалишта, преку ископувањето и развојот на рудници, до преработката и производството на финални материјали.
Значаен дел од иницијативата е насочен и кон создавање нов кадар за рударската индустрија. Министерството за енергетика ќе обезбеди 100 милиони долари за образовни програми, со цел во следните две години да се зголеми бројот на дипломирани инженери и стручњаци во рударството. Дополнителни 80 милиони долари ќе бидат инвестирани во развојни програми во американски рударски училишта.
Со овие инвестиции, Вашингтон испраќа јасен сигнал дека рударството повторно станува стратешка индустрија за САД. Зголемената глобална побарувачка за критични минерали, развојот на новите технологии и потребата од сигурни домашни синџири за снабдување ја ставаат експлоатацијата на минерални ресурси во центарот на американската индустриска и безбедносна политика.
Според Reuters, американската администрација со оваа стратегија сака да го забрза развојот на нови рударски проекти и да создаде посилна домашна база за производство и преработка на критични минерали, намалувајќи ја зависноста од странски добавувачи, пред сè од Кина.



