Една од најголемите историски индустриски депонии и еколошки „жешки точки“ во Македонија, депонијата со фосфорен гипс (фосфогипс) кај селото Згрополци кај Градско, официјално стана дел од меѓународен мега-проект финансиран од Европската Унија.
Наместо децениски еколошки товар кој го загрозува јавното здравје и околното културно наследство, овој отпад од 3,7 милиони тони треба да се трансформира во суровински потенцијал од кој европската градежна, цементна и технолошка индустрија планираат да извлечат милионска вредност.
Остаток од ХИВ- Велес
Депонијата Згрополци е директен остаток од работењето на некогашниот индустриски гигант „Хемиска индустрија Велес“ (ХИВ), поточно нејзината фабрика за вештачки ѓубрива.
Сместена во Општина Градско, на десниот брег на реката Вардар, веднаш покрај стариот регионален пат Велес-Градско, таа содржи отпадот кој се простира на површина од околу 70.000 метри квадратни и содржи приближно 3,7 милиони тони фосфорен гипс депониран во периодот меѓу 1979 и 2003 година.
Поради изразената бела боја на гипсот, депонијата изгледа како рид покриен со вечен снег, што ја прави лесно забележлива од патот и на сателитските снимки.
Со децении оваа депонија стои целосно незаштитена и без институционален надзор. Научните испитувања покажаа дека овој гипс содржи токсични елементи.
Истовремено, ветерот со години ја разнесува оваа прашина во форма на опасни PM-10 честички. Истражувањата на македонските академици и професори докажаа дека честичките од Згрополци патуваат во радиус од 15 километри и директно ги контаминираат и нагризуваат мермерните скулптури на археолошкиот локалитет Стоби.
Избор на Згрополци за престижен ЕУ проект
Европската комисија го одобри и финансира меѓународниот проект „FIC-FIGHTERS“. Проектот официјално започна во јуни 2024 година со предвидено времетраење од 4 години (до 2028 година) во рамките на престижната програма за истражување и иновации Horizon Europe.
Згрополци е избран во исклучително силна конкуренција како една од вкупно шесте клучни европски локации за тестирање. Конзорциумот кој го води проектот обединува 26 партнери од цела Европа (научни институти, лаборатории и индустриски гиганти). Од македонска страна, рамноправен научен партнер кој ги води активностите на терен е Градежниот институт Македонија (ГИМ), со писмена поддршка и согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Останатите пет локации избрани од ЕУ кои се соочуваат со идентичен отпад се лоцирани во: Прахово (Србија), Кутина (Хрватска), Венеција (Италија), Бареиро (Португалија) и Лака к. Болеславца во Полска.
Како отпадот ќе се претвори во градежен материјал?
Идејата на ЕУ не е само да го закопа или изолира отпадот, туку преку циркуларна економија целосно да го пренамени. ГИМ веќе испрати околу 500 килограми примероци од Згрополци на детални испитувања во врвни европски лаборатории. Таму се вршат софистицирани радиолошки, минералошки и хемиски анализи.
Крајната цел е да се развијат технологии со кои од овој фосфогипс годишно ќе се регенерираат меѓу 5.000 и 8.000 тони корисни секундарни суровини. Новите бизнис модели веќе се тестираат кај четири големи индустриски корисници на европско ниво.
Големи цементарници во регионот (како Солунската цементарница) покажаа сериозен интерес да го користат исчистениот фосфогипс како замена за природен гипс во производството на цемент и градежни блокови.
Анализите на ГИМ потврдија дека материјалот од Згрополци содржи и вредни ретки земни елементи во својот состав, кои доколку успешно се екстрахираат, имаат огромна вредност на технолошкиот пазар.
Проектот развива и методи за негова примена во индустријата за хартија, производство на батерии, детергенти и вештачки ѓубрива.
Што следи понатаму?
Фазата на лабораториски тестирања, менување на структурата на материјалот и негово прилагодување кон строгите европски стандарди за безбедност ќе трае интензивно до јуни 2027 година. По овој период, конзорциумот ќе ги претстави готовите пазарни решенија.
Доколку испитувањата на ГИМ и европските партнери завршат успешно, Македонија има шанса трајно да реши еден од своите најголеми еколошки проблеми. Наместо Згрополци да биде синоним за загадување, тој може да стане пример за тоа како со помош на науката, историскиот отпад може да се претвори во профитабилен и еколошки одржлив градежен производ.



