ЕУ избра 46 нови стратешки проекти за рударство, преработка и рециклирање

Европската комисија официјално ја објави листата на 46 нови стратешки проекти избрани во рамките на Законот за критични суровини (CRMA), со што се означува досега најголемиот директен чекор на Унијата кон постигнување суровинска независност од трети земји, пред сè од Кина. Вкупната вредност на планираните инвестиции за овие проекти изнесува астрономски 21,1 милијарда евра, а тие ќе се реализираат на територијата на 16 земји членки на ЕУ.

Главната цел на овие проекти е да се намали зависноста на Европа од увоз на суровини (особено од Кина) и да се засилат синџирите на снабдување за потребите на зелената транзиција, дигиталната технологија, вселенската индустрија и одбраната. Новите проекти имаат за цел драстично да го зголемат домашното производство на клучни метали и минерали.

Рециклирањето доминира, но рударството се враќа на голема врата

Анализата на избраните проекти покажува дека ЕУ се потпира на кружната економија, но и на реактивирање на сопствените рударски капацитети. Од вкупно 46 проекти 19 проекти се насочени кон рециклирање на отпадни материјали и батерии, 11 проекти се за преработка и рафинирање на суровини, 8 проекти се за чиста експлоатација (рударство), а 8 се интегрирани проекти кои го заокружуваат целиот процес, од рудник до готов полупроизвод.

Проектите покриваат дури 15 од 17-те стратешки суровини дефинирани од ЕУ. Во фокусот се металите клучни за батериите на електричните возила и обновливите извори на енергија: литиум (7 проекти), никел (12 проекти), кобалт (10 проекти) и манган (5 проекти). Останатите се однесуваат на експлоатација и преработка на графит, магнезиум, титаниум, волфрам и ретки земјени елементи.

Германија е лидер

Географски, Германија е апсолутен предводник во овој бран со вкупно 8 одобрени проекти. Меѓу нив се издвојуваат големиот проект за екстракција на литиум во сојузната покраина Саксонија, како и неколку мега-погони за рециклирање батерии во Северна Рајна-Вестфалија.

Исто така, значајни проекти се одобрени и во Бугарија, Белгија, Бугарија, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Италија, Литванија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Шпанија и Шведска, и беа избрани од 102 апликации по јавен повик завршен претходно оваа година.

Статусот „Стратешки проект на ЕУ“ не е само престижна титула. Овие 46 проекти ќе имаат корист од забрзани процедури за издавање дозволи (најмногу до 27 месеци за рудници и 15 месеци за погони за преработка), што е револуционерен чекор во споредба со досегашните повеќегодишни бирократски лавиринти.

Дополнително, овие проекти добиваат олеснет пристап до јавно и приватно финансирање, вклучително и средства од ЕУ фондовите (како Иновацискиот фонд) и Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Со овој нов пакет, вкупната бројка на стратешки проекти во и надвор од ЕУ се искачи на речиси 100, што според експертите од рударскиот сектор претставува јасен сигнал дека Европа започнува нова „индустриска ренесанса“ во која рударството и металургијата го заземаат централното место.

Комисијата најави и дека проектите избрани минатата година напредуваат кон оперативна фаза. Досега се завршени оцените на влијанието врз животната средина за 25 стратешки проекти, а 17 добиле градежни дозволи.