Забрзаниот раст на вештачката интелигенција (ВИ) и незаситното ширење на дата центрите ширум светот се соочуваат со неочекуван, но неминовен противник, а тоа се физичките ограничувања на планетата Земја.
Иако технологијата се движи со брзина на светлината, инфраструктурата што ја потпира почна да удира во „ѕид“ од сериозен недостиг на електрична енергија и клучни минерални суровини, како бакар, литиум и ретки земјени елементи, кои се под силен геополитички монопол на Кина.
Но, она што на прв поглед изгледа како сериозна кочница за глобалната дигитална експанзија, за земјите во развој како Македонија може да претставува неочекуван благослов и историска економска шанса.
Алармантни проценки и мрежи пред колапс
Дека кризата не е далечна иднина, туку сегашна реалност, покажуваат најновите анализи на водечките глобални институции.
Според извештаите на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ), глобалната потрошувачка на струја во дата центрите е на пат да се удвои, достигнувајќи фантастични 945 TWh годишно – потрошувачка еднаква на цела Јапонија. Енергетските мрежи во развиените земји веќе се преоптоварени. Извештаите на S&P Global и Deloitte предупредуваат дека во региони со висока концентрација на технолошки хабови, како Даблин (Ирска), или Северна Вирџинија (САД), дата центрите веќе зафаќаат над 20% од вкупниот локален енергетски капацитет. Ова доведе до тоа ирските и германските власти да воведат привремени ограничувања и одложувања за нови приклучоци.
Кон тоа се додава и суровинската криза. Проекциите на МАЕ покажуваат дека светот ќе се соочи со дефицит од 30% во снабдувањето со бакар до 2035 година, додека само за потребите на ВИ инфраструктурата побарувачката на овој метал ќе скокне од 576.000 на 1,88 милиони тони годишно. Истовремено, побарувачката за литиум, наменет за батериските системи за непрекинато напојување на серверите, ќе се зголеми за речиси пет пати.
Овој глобален притисок раѓа нов модел на инвестирање. Времето кога еден дата центар можеше едноставно да се „приклучи“ на јавната мрежа и да троши евтина струја заврши. Технолошките компании повеќе не бараат само евтина парцела, туку тие се принудени да бараат локации каде што можат и каде што мораат да инвестираат во сопствена, одржлива инфраструктура за да преживеат.
Новиот стандард на самоодржливост
Она што до вчера беше теорија, денес станува задолжителен бизнис модел во светот, а некои земји веќе бележат одлични резултати преку условување на инвеститорите:
• Сопствени извори на напојување
Технолошките гиганти како Мајкрософт, Гугл и Амазон веќе не чекаат на државните мрежи. Мајкрософт неодамна потпиша историски договор за целосно рестартирање на нуклеарната централа „Три Мајл Ајленд“ за директно да ги напојува своите ВИ сервери. Во Тексас и Калифорнија, новите дата центри стандардно се градат во тандем со огромни приватни соларни паркови и мега-батерии, со цел да бидат целосно независни.
• Течно ладење и кружна економија
Поради огромниот притисок врз водите и струјата, Ирска воведе строги еколошки филтри. Компаниите како Гугл и Éквиникс во Европа масовно преминуваат на напредни технологии за течно ладење и затворени системи каде еднаш внесената вода постојано циркулира и не се троши од околината. Уште повеќе, во Норвешка и Данска, дата центрите законски се обврзани да ја „уловат“ отпадната топлина од серверите и да ја пренасочат во градските системи за парно греење, со што ги греат домовите на локалното население.
Како Македонија да се постави на мапата?
За Македонија, која сè уште има недостиг на струја и релативно стара мрежа, а се соочува и со сè посушни климатски циклуси, пресликувањето на овие позитивни светски пракси и поставувањето на строги и паметни услови за игра, може да го претвори овој ризик во огромен профит.
Како што посочуваат познавачите, ако државата ја искористи својата стратешка географска положба на Балканот и понуди локации за дата центри, но под строги услови, бенефитите би биле повеќекратни.
• Енергетска независност преку туѓи инвестиции
Секој приватен инвеститор што сака да гради дата центар во земјава, мора со закон да биде условен да изгради сопствен фотоволтаичен или гасен парк со батериски системи за складирање. Овие капацитети не само што целосно би го напојувале дата центарот без да ја оптоварат македонската мрежа, туку вишокот произведена струја (особено во пиковите кога серверите немаат максимално оптоварување) би се прелевал во домашниот енергетски систем. На тој начин, македонските граѓани можат да добиваат нова, чиста енергетска инфраструктура платена со странски капитал.
• Технолошки скок во ладењето и заштита на водите
Наместо да се предизвикува опаснос на подземните води или речни токови, неопходно е наметнување на обврска за имплементација на затворени системи за течно ладење или пак користење на т.н. free-cooling технологии со искористување на природниот проток на воздух во планинските или континентални подрачја каде климата го дозволува тоа.
• Скандинавски модел за греење на македонските градови
Најголемиот отпад од еден дата центар не е чад или хемикалии, туку огромно количество на топлина што серверите ја исфрлаат при работа. Наместо оваа топлина да се испушта во атмосферата и да го загрева воздухот, може да се препише рецептот од Скндинавските земји. Во Финска, на пример, Мајкрософт со отпадната топлина од своите центри загрева 100.000 домови во Хелсинки.
Ако дата центарот се лоцира во близина на урбана средина со развиена мрежа за централно греење (како Скопје или Битола со новиот топлификациски систем), инвеститорот може да биде условен бесплатно да ја испорачува отпадната топлина до градското парно. Со ова, македонските граѓани би добиле евтино и 100% еколошко греење, што директно би го намалило палењето на дрва, јаглен и мазут кои се главни причинители за енормното зимско загадување.
• Задржување на мозоците преку технолошки хабови
Освен бенефитот само од градежни работи, условот за влез на вакви гиганти може да вклучува и отворање на истражувачки центри и соработка со македонските универзитети. На овој начин Македонија, која има високообразовани и способни ИТ експерти, може да стане регионален хаб за кибер-бебедност и мрежно инженерство.
Време е за паметен суверенитет
Додека Министерството за дигитална трансформација веќе работи на зацврстување на сопствениот дигитален суверенитет преку најавениот Национален дата центар за државни потреби кој треба да се реализира до 2027 година, комерцијалниот колач од приватните инвестиции не смее да се испушти од раце.
Глобалната криза со ресурси ја соголи реалноста дека дигиталниот свет не може да живее без физичкиот. Македонија ја има земјата, го има сонцето и ја има одличната географска позиција за Edge computing на прагот на ЕУ. Доколку се наметнат модерни правила кои бараат целосна самоодржливост, глобалниот „ѕид“ во кој удира вештачката интелигенција може да стане отскочна штица за домашната економија во 21 век.



