Македонскиот рубин добива нова поддршка: потпишан Меморандум за промоција на геонаследството

Македонскиот рубин и природното богатство на земјата влегуваат во нова фаза на промоција, заштита и валоризација. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Здружението за промоција на природните науки „Откритие“ потпишаа Меморандум за соработка, со кој се отвора простор за поширока афирмација на македонското геолошко и палеонтолошко наследство.

По воспоставувањето институционална заштита на македонскиот рубин како автентично минерално богатство на Македонија, започнува нова фаза насочена кон негово претставување пред домашната и меѓународната јавност. Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и претседателот на Здружението „Откритие“, Илија Петковски, со цел здружување на институционалните, научните и стручните капацитети во насока на заштита, промоција и валоризација на минералното богатство.

Со оваа соработка, македонскиот рубин добива уште посилна видливост како еден од препознатливите симболи на природното богатство на земјата. Истовремено, иницијативата има пошироко значење, бидејќи не се однесува само на еден минерал, туку на целокупното геолошко наследство, минералните богатства, кристалите, фосилите и природните вредности кои Македонија ги поседува.

Министерката Божиновска истакна дека Македонија располага со исклучително богато геолошко наследство кое со децении било недоволно промовирано. Целта на иницијативата е да се развие научната свест, геологијата да се доближи до граѓаните, да се поттикне интересот кај младите и да се даде нов поттик на геотуризмот како дел од националниот идентитет и економскиот потенцијал на државата.

Во рамки на договорената долгорочна соработка се предвидува организирање изложби, научно-популарни настани, работилници и едукативни програми. Дополнително, ќе се развиваат партнерства со домашни и странски музеи, универзитети и научни установи, со што македонското геонаследство ќе добие можност за посистематска презентација и поширока меѓународна афирмација.

Како директен резултат од оваа соработка, во просториите на Министерството ќе биде формиран Центар за промоција на геонаследството. Центарот е предвидено да функционира како постојан изложбен и едукативен простор за презентација на минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати, каде институциите, стручната јавност и граѓанскиот сектор заеднички ќе придонесуваат за зачувување и промоција на природното богатство на Македонија.

На потпишувањето присуствуваше и Деан Шкартов, долгогодишен познавач и промотор на македонскиот рубин, чија минералошка колекција има значаен придонес во афирмацијата на домашните природни богатства во земјата и странство.

Овој чекор претставува важна порака дека минералното богатство не е само ресурс, туку и дел од националната приказна, научното наследство и идентитетот на Македонија. Преку институционална поддршка, стручна соработка и јавна промоција, македонскиот рубин и геонаследството добиваат можност да станат препознатлив дел од културната, научната и туристичката понуда на земјата.