Канада повторно го става рударството во центарот на својата економска стратегија. Само во последните денови федералниот Canada Growth Fund најави инвестиција од околу 140 милиони канадски долари во голем проект за бакар и паладиум во Онтарио, додека Владата на премиерот Марк Карни пред глобалните инвеститори претставува рударски и инфраструктурни проекти како дел од амбицијата да привлече дури 1 билион канадски долари капитал.
140 милиони за бакар и паладиум
Canada Growth Fund на 14 септември објави дека ќе инвестира околу 140 милиони канадски долари во Generation Mining и нејзиниот Marathon Copper-Palladium Project во северозападно Онтарио.
Средствата се комбинација од околу 90 милиони долари инвестиција во акции и 50 милиони долари преку конвертибилна белешка. Инвестицијата е дел од пошироко финансирање од околу 200 милиони канадски долари, наменето за придвижување на проектот кон изградба.
Marathon е еден од проектите кои Канада ги гледа како важни за идното домашно производство на критични минерали.
Но државната инвестиција има уште една важна функција. Таа треба да помогне да се привлече и приватен капитал.
Тоа е моделот што сè почесто се појавува во глобалното рударство: државата не го финансира целиот рудник, туку презема дел од ризикот за да го направи проектот доволно привлечен за приватните инвеститори.
Канада не застанува тука
Marathon не е изолиран пример. Canada Growth Fund веќе поддржува повеќе проекти поврзани со критични минерали. Во мај фондот најави до 145 милиони канадски долари за проширување на North American Lithium, најголемиот активен рудник за литиум во Канада.
Во април најави инвестиција од околу 82 милиони американски долари за изградбата на рудникот Matawinie на Nouveau Monde Graphite, додека во февруари објави до 85 милиони американски долари за критични минерали поврзани со Thompson Nickel Mine Complex во Манитоба.
Тоа покажува дека канадската политика не е фокусирана само на еден минерал. Литиум, графит, никел, бакар, паладиум и други суровини се третираат како делови од еден стратешки синџир.
Создавање цел синџир, а не само нови рудници
Канада има нешто што многу други земји го немаат: комбинација од голема минерална база, развиена индустрија, финансиски систем и пристап до американскиот пазар.
Но Владата во Отава смета дека самото поседување руда не е доволно. Затоа се инвестира и во инфраструктура која треба да ги поврзе рудниците со пазарите.
Федералната програма First and Last Mile Fund располага со 1,5 милијарди канадски долари за инфраструктура која треба да овозможи развој на нови рудници за критични минерали и транспорт на суровините до домашните и странските купувачи.
Тоа значи патишта, железница, пристаништа и други инфраструктурни врски без кои ниту еден голем рударски проект не може да стане конкурентен.
Пример за таков пристап е и неодамнешната инвестиција од речиси 5 милиони канадски долари за инфраструктура поврзана со проектот за фосфат Begin–Lamarche во Квебек.
Рударството во центарот на трката за 1 билион долари
Најинтересниот дел од канадската приказна доаѓа од пошироката економска стратегија.
На инвестицискиот самит во Торонто, премиерот Марк Карни пред глобалните инвеститори претставува пакет од над 160 проекти со цел да привлече околу 1 билион канадски долари инвестиции во следните години.
Над една третина од тие можности се поврзани со рударството и минералите.
На листата не се само рудници, туку и преработувачки капацитети и инфраструктура потребна за суровините да стигнат до пазарите. Тоа кажува многу за местото што рударството повторно го добива во економската политика.
Канада не го гледа рударството само како извор на приходи и работни места. Го гледа како инструмент за економска безбедност. Во моменталните консталаии, Канада сака да се позиционира како стабилен и сигурен извор на минерали за земјите со кои има стратешки и трговски партнерства.



