Подземен рудник со осветлени тунели и железнички шини за транспорт на минерални суровини.

По четири децении во Франција доделена прва рударска концесија

Француската влада го официјализираше доделувањето на првата рударска концесија во земјата по повеќе од 40 години. Со овој историски декрет, компанијата Имерис Бовоар се стекна со ексклузивни права за експлоатација на литиум, калај, тантал и ниобиум на наоѓалиштето во регионот Оверњ-Рона-Алпи.

Овој потег претставува клучен столб во стратегијата на Париз за постигнување индустриска и енергетска независност на Европската Унија во трката за суровини за електрична мобилност.

Мега-проект од „висок национален интерес“

Проектот, кој официјално се води под името„ЕМИЛИ“, се развива во местото Њшасиер во департманот Алие. Француските власти уште претходно го прогласија за проект од „висок национален интерес“, што овозможи брзи и стратешки регулаторни чекори.

Наоѓалиштето на гранитот Бовоар се вбројува меѓу петте најголеми тврдокарпести депозити на литиум во светот. Проектот опфаќа подземен рудник, погон за концентрација на суровината во Ешасиер, железничка платформа за утовар во Ла Фоншамбер и напредна конверзиска централа во индустриската зона Ла Лу.

Концесијата е со важност до 2075 година, а клучните оперативни параметри вклучуваат планирано производство од 34.000 тони литиум хидроксид годишно.

Оваа количина е доволна за снабдување на батерии за околу 700.000 електрични возила на годишно ниво.

Животниот век на рудникот е проценет на најмалку 50 години оперативна активност и истиот се очекува да создаде околу 1.500 директни и индиректни работни места.

Почеток на производство е таргетирано за 2030 година.

Стратешко партнерство со државата

Економскиот министер Ролан Лескир ја поздрави одлуката за доделување на концесијата, нагласувајќи дека ова е клучен чекор за обезбедување на синџирот на снабдување на европските производители на автомобили.

Дека проектот има апсолутен државен приоритет докажува и фактот што француската држава, преку својата институција Банка на териториите, веќе инвестираше 50 милиони евра со кои откупи малцински удел во проектот. Овие средства се наменети за финализирање на деталната физибилити студија која треба да биде завршена до почетокот на 2027 година.

Највисоки ESG еколошки стандарди под лупа на јавноста

Како одговор на строгата регулатива на ЕУ и Актот за критични суровини (CRMA), „Имерис“ го дизајнираше рудникот според највисоките социјални и еколошки (ESG) критериуми со цел да креира „пример за одржливо рударство“ во Европа.
Рударските комори ќе се наоѓаат на длабочина од 75 до 400 метри под површината, со што целосно ќе се заштити надворешниот пејзаж и ќе се избегнат отворени копови.

Притоа, експлозиите (1 до 3 дневно) ќе се изведуваат со напредни технологии за да немаат никакво сеизмичко влијание врз околината.

Рудникот ќе користи речна вода од реката Сиул, но со висок степен на рециклирање од дури 90% во затворен систем.

Целиот превоз на суровината меѓу капацитетите ќе се одвива преку подземен цевовод и железничка мрежа, со цел да се елиминира камионскиот транспорт и емисијата на CO₂.

Следни чекори

Иако добивањето на концесијата до 2075 година е огромен регулаторен триумф за „Имерис“, тоа сепак не значи автоматска дозвола за почеток на ископувањето. Компанијата во наредниот период ќе мора да обезбеди дополнителни еколошки и градежни дозволи, како и да го заокружи целосниот финансиски план за изградба на комплексот пред да ја донесе Конечната одлука за инвестирање.