Македонија може да добие нова развојна улога во европските синџири на снабдување со критични суровини преку повторно искористување на минерални ресурси од историски рударски јаловишта. Оваа тема беше во фокусот на тркалезната маса на високо ниво што се одржа во Брисел, во организација на Центарот за европски политички студии – CEPS, под наслов „Од отпад до ресурс – искористување на суровини од рударски јаловишта во Западен Балкан“, а на која учествуваше и Македонија.
Настанот ги обедини претставниците на европските институции, националните влади, меѓународните финансиски институции, индустријата и граѓанскиот сектор, со цел да се разгледа како рударските јаловишта од регионот може да се трансформираат од историски еколошки товар во економски и ресурсен потенцијал. Македонија беше дел од оваа дискусија преку учеството на Филип Петровски, државен советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Особено значајно е тоа што меѓу трите пилот-локации во регионот беше посочен и локалитетот Пробиштип–Злетово. Овој простор, кој со децении е поврзан со рударската традиција на земјата, сега може да се разгледува низ современа перспектива односно како можност за добивање секундарни критични суровини, примена на нови технологии, санација на наследените еколошки предизвици и отворање простор за нови инвестиции.
Во обраќањето беше нагласено дека историските рударски отпадни материјали повеќе не треба да се третираат само како еколошки предизвик, туку и како стратешки ресурс од значење за зелената и дигиталната транзиција на Европа. Тоа е суштинска промена во начинот на кој се гледа на рударското наследство: од проблем што треба да се санира, кон ресурс што може да создаде економска вредност.
Овој пристап покажува дека модерното рударство не е ограничено само на отворање нови рудници. Напротив, иднината на секторот сè повеќе се поврзува со циркуларна економија, повторна употреба на ресурси, технолошка обработка на постојни материјали и намалување на влијанието врз животната средина.
За Македонија ова е особено важна можност. Земјата има рударска историја, стручна база и геолошки потенцијал, но потребни се современи политики, институционална поддршка и пристап до европски финансиски инструменти. Трансформацијата на рударскиот отпад во ресурс може да биде пример како рударството може да придонесе и за економски развој и за подобра животна средина.
Дополнителна важност има и фактот што Владата ја усвои Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, со која се поставуваат основите за одржливо управување со минералните ресурси, развој на критични суровини, зајакнување на циркуларната економија и усогласување со европските развојни политики. Во тој контекст, Пробиштип–Злетово може да стане пример за нов модел на рударски развој заснован на санација, иновации и повторно искористување на вредните минерални материјали.



