Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини претстави пресек на реализираните активности во периодот од јуни 2025 до јуни 2026 година, посочувајќи дека во изминатата година биле спроведени реформи, инфраструктурни проекти и мерки во областа на енергетиката, рударството, геологијата и управувањето со природните ресурси.
Во наведениот период Министерството работело на повеќе од 700 домашни и меѓународни активности, средби и настани. Паралелно се спроведувале законски реформи, стратешки инфраструктурни проекти и политики поврзани со енергетската транзиција, сигурноста во снабдувањето и подобро управување со природните ресурси.
Еден од клучните резултати е донесувањето на новиот Закон за енергетика, кој е усогласен со европското законодавство и позитивно оценет од Енергетската заедница. Усвоен е и Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, со 61 конкретна мерка за декарбонизација и енергетска транзиција.
Во исто време се работело и на нови законски решенија за обновливи извори на енергија, рударство, геологија и јавно-приватни партнерства, чија цел е создавање појасна, посовремена и попредвидлива регулаторна рамка за граѓаните, институциите и инвеститорите.
Во областа на енергетската инфраструктура, по 13 години повторно е ставен во функција продуктоводот Солун–Скопје, започната е изградбата на гасната интерконекција со Грција, објавен е тендер за интерконекцијата со Србија, а Македонија станала дел од регионалниот проект „Вертикален коридор“. Изработена е и национална проценка на ризик во снабдувањето со гас, согласно европската регулатива.
Посебен дел од активностите се однесуваат на обновливите извори на енергија и батериските системи за складирање. Министерството воспоставило нов модел на планирање на инвестициите преку годишните планови за изградба на енергетски објекти за 2025 и 2026 година, а за планот за 2027 година пристигнале повеќе од 800 иницијативи од приватни и државни инвеститори.
Воспоставен е и ГИС систем за дигитализација на постапките за ветерна енергија, а исплатени се над 50 милиони денари поддршка за производство на енергија од обновливи извори. Батериските системи за складирање се поставуваат како важен дел од новата енергетска политика, особено за подобра интеграција на соларните и ветерните електрани, поголема сигурност на електроенергетскиот систем и намалување на балансирачките трошоци.
Во делот на рударството и геологијата, Министерството наведува дека е воспоставен нов пристап заснован на одржливост, контрола и стратешко управување со природните богатства. За првпат е формиран посебен Сектор за геологија, со задача да придонесе кон подобро управување со геолошките истражувања и критичните минерални суровини.
Донесена е и првата Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини 2026–2046, документ кој треба да биде основа за долгорочно планирање на истражувањата, управувањето со минералните ресурси и развојот на секторот во согласност со современите европски практики.
Според Министерството, во земјата активно се управува со 284 рудници, а воведен е и модерен дигитален надзор за поефикасна и зајакната контрола. Во исто време е забележан раст од над 200 проценти на приходите од концесии по основ на експлоатирана и продадена минерална суровина, што укажува на поголема институционална контрола и подобра наплата во секторот.
Во изминатиот период за првпат е регулиран и статусот на македонскиот рубин и другите скапоцени и полускапоцени камења. Процесот на институционална заштита на македонскиот рубин како минерал со географско потекло е заокружен, со што тој добива статус на заштитено национално минерално наследство.
Министерството во отчетот посочува и активности во делот на праведната транзиција и енергетската ефикасност. Усвоен е тригодишен план за реновирање на јавни објекти, со буџет од 11 милиони евра, насочен кон комплетна реконструкција на објекти со висока потрошувачка на енергија. Проектот опфаќа 14 големи згради во кои се сместени 33 државни институции.
Започнало и воспоставување на Национален инвентар на јавни згради, донесена е уредба за ЕСКО моделот, а обезбедени се 50 милиони евра за нови инвестиции во енергетска ефикасност. Во делот на директната поддршка за граѓаните, обезбедени се 4.070 ваучери за инвертер клима-уреди, 148,8 милиони денари поддршка за ранливи потрошувачи и донесена е Методологија за мерење на енергетска сиромаштија.
Во областа на меѓународната соработка, Македонија била домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој, на кој учествувале повеќе од 1.000 претставници од над 70 држави и над 150 меѓународни експерти. Во изминатата година биле воспоставени и нови стратешки партнерства, меѓу кои меморандуми со САД за безбедност на снабдувањето со природен гас и со Хрватска за поголема регионална енергетска поврзаност. Обезбедени се и 5,2 милиони евра ИПА средства за развој на енергетскиот сектор.
Министерството наведува и активности за правна заштита на државните интереси, меѓу кои покренати 25 постапки за наплата на побарувања во вредност од над 10 милиони денари, добиени судски пресуди во корист на Министерството во износ од над 1,5 милиони денари и намален финансиски ризик за над 380 милиони денари од судски побарувања.
Во делот на дигитализацијата се реализирани проекти за воведување ERP, GIS и DMS системи, како и нови електронски услуги за граѓаните, меѓу кои и аплицирање за субвенции. Додека во областа на транспарентноста, Министерството посочува дека во изминатата година биле реализирани повеќе од 300 соопштенија, интервјуа и јавни настапи, како и дека сите 58 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер биле обработени и навремено одговорени.
Во следниот период фокусот останува на спроведување на реформската агенда, завршување на стратешките инфраструктурни проекти, понатамошна интеграција со европскиот енергетски пазар и создавање посигурен, помодерен и поефикасен систем за управување со енергетиката, рударството и минералните суровини.



