Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги претстави пред стопанството новите предлог-закони за рударство и геологија, со кои се предвидуваат поедноставени административни постапки, поголема правна сигурност за инвеститорите и засилена заштита на животната средина.
Предложените законски решенија беа презентирани на јавна расправа во Стопанската комора, каде што беше нагласена потребата од усогласување на домашното законодавство со европските стандарди и создавање подобри услови за развој на рударско-геолошкиот сектор.
Според Министерството, новата регулатива треба да овозможи попредвидлива деловна средина, да ги поттикне инвестициите и да го унапреди управувањето со минералните ресурси.
Предлог-законите се подготвени преку консултации со релевантните чинители, објавени се на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и поминале меѓународна експертска ревизија.
Дигитализација и поддршка за стратешките рударски проекти
Една од поважните новини е воспоставувањето посебна законска рамка за геологијата, со која ќе се уреди системот на геолошки истражувања и управувањето со геолошките податоци.
Предвидено е и воведување на Македонскиот рударско-геолошки информативен систем (МакРГИС), кој треба да овозможи дигитализација и поголема достапност на информациите поврзани со минералните ресурси.
Со предложениот Закон за рударство се предвидуваат механизми за спроведување на Стратегијата за минерални суровини, како и поддршка за стратешки проекти во секторот.
Посебно внимание се посветува на усогласувањето со европските политики за критични минерални суровини, кои имаат значајна улога во индустрискиот развој и енергетската транзиција.
Финансиски гаранции за санација на рударските простори
Значаен дел од предложените измени се однесува на обврските на рударските компании во областа на заштитата на животната средина.
Новите законски решенија предвидуваат 100 проценти финансиски гаранции за санација и рекултивација, со цел да се обезбедат средства за обновување на просторот по завршувањето на експлоатацијата.
Предвидени се и современи правила за управување со рударскиот отпад, задолжителни планови за затворање на рудниците и рекултивација, како и мерки за санација на историски деградираните рударски подрачја.
Од Министерството посочуваат дека овие механизми треба да придонесат за поодговорно користење на минералните ресурси и поголема заштита на животната средина.
На јавната расправа се обрати и државниот секретар во МЕРМС, Горан Јовановски, кој ја истакна важноста на новата законска рамка за идниот развој на секторот.
„Нашата цел е да воспоставиме законска рамка што ќе обезбеди правна сигурност за стопанските субјекти, ќе ги поттикне инвестициите и ќе овозможи одговорно управување со минералните суровини. Преку современи правила, дигитализација и зајакнати механизми за заштита на животната средина создаваме услови за одржлив развој на рударско-геолошкиот сектор“, истакна Јовановски.
На расправата беше нагласена и важноста на соработката меѓу институциите и стопанството во спроведувањето на предложените реформи.



