Новиот закон за рударство ги заострува еколошките правила: Што ги чека активните и идните рудници

Македонскиот рударски сектор се наоѓа пред најголемата законска трансформација во изминатите децении. Владата веќе подолго време работи на подготовка на целосно нов Закон за минерални суровини, во рамките на Националната стратегија за рударство. Новиот закон, според најавите ќе биде целосно усоглаен со строгите ЕУ директиви за критични суровини.

Од Министерството за енергетика и минерални суровини официјално соопштија дека една од главните цели на новиот закон е усогласување на македонското законодавство со најстрогите европски еколошки стандарди. Односно, дека рударството мора да се развива со нула компромиси по однос на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.

Клучни промени

Законот за рударство предвидува реализација на Стратегијата за минерални суровини, механизми за поддршка на стратешките проекти и усогласување со европските политики за критични суровини.

Во областа на заштитата на животната средина, новите законски решенија воведуваат обврска за обезбедување 100% финансиски гаранции за санација и рекултивација, со што државата добива механизам за целосно покривање на трошоците за обновување на просторот по завршување на експлоатацијата.

Истовремено, се воспоставуваат современи правила за управување со рударски отпад, задолжителни планови за затворање на рудници и рекултивација, како и мерки за санација на историски деградирани рударски простори. На овој начин се зајакнуваат механизмите за заштита на животната средина и се обезбедува поодговорно и одржливо користење на минералните ресурси.

Министерството официјално потврди дека новиот закон предвидува драстично зголемување на глобите за непочитување на прописите, како за компаниите, така и за одговорните лица во нив.

Најавено е и воведување на вонредни и многу почести инспекциски контроли за сите активни рудници, со цел да се стави крај на минатите практики каде еколошките обврски беа занемарувани.

Дали постоечките рудници се заштитени со „стекнати права“?

Во рударството постои правен принцип на заштита на инвестициите, но еколошките дозволи не се трајни и подлежат на ревизија.
Тоа значи, кога овој закон ќе биде изгласан во Собранието, тоа дефинитивно ќе повлече и измена на условите кои се бараат за добивање и обновување на А-интегрираната еколошка дозвола.

Иако еколошките дозволи се носат врз основа на Законот за животна средина, нивните клучни столбови, управувањето со отпадот, банкарските гаранции и пост-оперативниот мониторинг, се директно врзани за матичниот закон за рударство.
А-интегрираната дозвола има рок на важност (најчесто 7 до 10 години) и мора да се обновува.

Притоа, Министерството за животна средина има законско право во секое време да ја отвори и промени А-дозволата доколку дошло до измена во националното законодавство или ако се појавиле нови еколошки ризици.

За активните рударски гиганти во земјава, новиот закон ќе значи отворање на тековните еколошки дозволи и давање преоден рок за усогласување на нивното работење со новите технички и финансиски промени.

Што значи ова за новите проекти?

За потенцијалните инвеститори и новите зелени проекти, новата законска рамка поставува исклучително висок праг за влез на пазарот. Новите правила ќе значат поскап почеток и поголем почетен капитал. Финансиските гаранции за животна средина ќе мора да бидат обезбедени уште пред да се удри првата лопата. Проценката на еколошкиот ризик ќе мора да вклучува напредни двогодишни хидрогеолошки студии за прецизно мапирање на влијанието врз водоснабдувањето на цели региони.

Бидејќи новиот закон се усогласува со Актот за критични суровини на ЕУ, новите рудници нема да можат да сметаат на кредити од институции како ЕБОР доколку нивната Студија за еколошки и социјални влијанија не ги исполнува највисоките глобални стандарди.

Новата законска рамка дава и поголема моќ на локалната заедница. Процесот на добивање А-интегрирана дозвола ќе вклучува потранспарентни и почести јавни расправи. Секоја нова технологија (како што беше случајот со дебатите за исфрлање на цијанидот од плановите за „Иловица-Штука“) ќе биде под лупа на јавноста и на независни меѓународни експерти ангажирани од државата.

„Прочистување“ на пазарот

Претставниците на рударската индустрија често предупредуваат дека престрогите регулативи можат да го „задушат“ бизнисот. Меѓутоа, од еколошка и државна перспектива, ова се смета за позитивно прочистување.

Тоа значи дека се става ранпа за компании кои бараат брза заработка со примена на евтини и застарени технологии, оставајќи зад себе девастирана природа.

Со оглед на тоа што бакарот, цинкот и антимонот се на листата на критични минерали, долгорочната побарувачка за македонските минерални суровини останува висока, па сериозните инвеститори со висок стандард на заштита, пазарот во земјава и понатаму ќе го сметаат за атрактивен.